Култура
„Исцелител“ освои награди на фестивали во Франција и во Рим

Филмот „Исцелител“ минатата недела освои две значајни награди на два престижни меѓународни филмски фестивали. На филмскиот фестивал во Обањ, Франција, тој беше избран за најдобар филм во главната натпреварувачка конкуренција, а на филмскиот фестивал „Франкофилм“ во Рим, Италија, доби специјална награда од жири.
„Исцелител“ од премиерата во ноември па досега учествуваше на 16 филмски фестивали и освои седум меѓународни награди, како и две награди во Македонија, Златна бубамара и Признание за филм на годината од Факултети.мк. Филмот беше прикажан во Индија, Америка и неколку земји од европскиот континент. Освен освоените награди, филмот со својот квалитет го привлече виниманието на публиката и на светската филмска критика.
Главните улоги во филмот „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Нова изложба „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции“ во МСУ

Вечерва со почеток во 20 часот, во Музејот на современа уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции“, со бројни дела од четириесет реномирани уметници од колекцијата на МСУ-Скопје и 4 актуелни уметници од колекцијата на МСУ Лион.
Низ селекција на значајни дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, од автори како Карлос Круз-Диез, Хисао Домото, Ана-Ева Бергман, Пјотр Ковалски, Зоран Мушиќ, Енрике Пејсере, се истакнуваат уметници и од целиот свет, кои по Втората светска војна заминуваат во Париз, каде се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници.
Селекција на дела од современи и реномирани автори од Музејот за современа уметност во Лион, како Јасмина Чибиќ, Даниеле Вале-Клајнер, Анж Лесија и Шурук Хриеш ќе бидат премиерно прикажани за време на изложбата. Тоа дополнително ќе влијае на размислата за миграциите на уметниците и важноста на културната размена.
Кураторот на изложбата е г. Матје Лелиевр, Директор на оделот на колекции во Музејот на современа уметност во Лион.
Изложбата ќе ја отворат Тихомир Топузовски, в.д Директор на Музејот на современата
уметност-Скопје, Филип Маршето, прв советник во Амбасадата на Франција и Матје Лелиевр, одговорен за одделот „колекции“ во Музејот на современа уметност во Лион и куратор на изложбата.
Култура
Концерт „Мелодија што трае“ на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“

ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје најавува концерт „Мелодија што трае“, кој ќе се одржи на 9 април (среда) во 19:30 часот, во Музејот на македонската борба.
Настанот произлегува од едукативниот семинар спроведен под водство на проф. д-р Драган Даутовски, со активна вклученост на наставниот кадар и учениците од Насоката за традиционална музика и игра. Програмата вклучува изведби од богатата етномузиколошка архива на д-р Трпко Бицевски, која досега речиси не била јавно презентирана.
„Концертот нуди звучна слика од предели на Егејска Македонија, како Костурско, Серско и Демирхисарско, Кукушко, Драмско и Мегленско, претставени преку автентични вокални интерпретации под менторство на професорите Гордана Тасева Илиевска, м-р Мелита Ивановска, м-р Вера Милошeвска – Јосифовска, м-р Тијана Јаневска, Ленче Димовска и Антонио Стојчески, со придружба на чалгиски оркестар и оркестар со народни инструменти во изведба на ученици кои свират рамо до рамо со своите професори“, стои во најавата за концертот.
Уникатниот состав од чалгиски и народни инструменти (во состав на професорите по народни инструменти д-р Тимко Чичаковски, м-р Христијан Николовски, Оливер Настовски, Драги Полизовски и д-р Александра Кузман) нуди прекрасни оркестарски аранжмани од проф. д-р Даутовски и д-р Тимко Чичаковски.
Култура
Драмски театар Скопје утре гостува на фестивалот РУТА во Тиват

Драмски театар со претставата „Хеда Габлер“ гостува во Тиват, Црна Цора. Од 7 до 12 април во организација на Центарот за култура Тиват се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.
Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април 2024. Гостувањето во Тиват ќе биде 12 изведба на претставата и второ гостување вон матичната сцена. Драмски театар со оваа претстава гостуваше на РУТА во Сараево во мај 2024 година и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во јуни 2024г.
„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра актерката Сара Климоска.
Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.
Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“, низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално – етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.
Претставата е на редовен репертоар во Драмски и наредната изведба ќе биде на 24 април 2025 година.