Култура
„Исцелител“ прогласен за најдобар дебитантски филм во Југоисточна Европа
Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е добитник на награда за најдобар дебитантски филм на филмскиот фестивал Let’s CEE во Виена, Австрија.
„Одлучивме да го наградиме филмот кој успева шармантно да ги спои драмата и комедијата. Филмот раскажува приказна за син кој му помага на својот татко, сместена во мала земја која се соочува со економски проблеми. Заедно со актерите и екипата, режисерот ни прикажува веродостоен лик кој наоѓа посебен кинематски рецепт да ја поправи скршената врска од минатото и да најде нов пат за себеси“, изјави жирито.
Покрај наградата за најдобар дебитански филм „Исцелител“ доби и специјално признание од Синеплекс кои доделуваа награда за дистрибуција. Тие потенцираа дека „Исцелител“ го изненадил жириото со хумористичниот начин на кој се справува со комплексна тема.
Филмот се натпреваруваше во официјалната програма заедно со уште 13 филмови меѓу кои и: добитникот на награда на филмскиот фестивал во Сараево романскиот „Меда или не така добра страна на работите“ на Емануел Парву, добитникот на награда на фестивалот во Карлови Вари грузискиот „Деде“ на Мариам Катчавани, добитникот на награда на Софискиот филмски фестивал, бугарскиот „Радиограм“ на Рузие Хаснова, и други.
Покрај „Исцелител“ уште еден македонски филм освои награда на Let’s CEE, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски ја доби наградата за најдобар краток филм.
Фестивалот во Виена има фокус на филмови од високо квалитетни продукции од Централна и Источна Европа, Турција и Кавкаскиот регион. Ова е шесто издание на фестивалот на кое беа прикажани повеќе од 155 долгометражни, документарни и кратки филмови.
Филмот „Исцелител“ од својата премиера до сега, за само три месеци, освои осум награди и учествуваше на 21 меѓународен фестивал. Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

