Култура
„Кармен“ од Жорж Бизе на 1 март на сцената во Националната опера и Балет
На 1 март со почеток во 20.00 часот во Националната опера и балет ќе се изведе една од најпознатите и најпопуларни опери во историјата – „Кармен“ од Жорж Бизе.
Диригент е гостинот од Италија, Џанлука Мартинeнги, режијата и сценографијата се на Нина Најденова и Елена Иванова од Бугарија, костимографијата е на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
Заводливата, Кармен е симбол на независност и страст, но и на трагичниот крај на љубовта што не познава граници. Во насловната улога ќе настапи Николина Јаневска, во улогата на Дон Хозе ќе настапи тенорот од Кина, Ѕ-Жао Гуо, во улогата на Ескамилио ќе настапи, Васко Здравков, во останатите улоги ќе настапат: Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева – Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Невен Силјановски, Кристијан Антовски заедно со хорот, балетскиот ансамбл, оркестарот на Националнатa опера и балет и детскиот хор „Пиколо“ при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Скопје под раководство на Весна Димчевска.
Најпознатото дело на Жорж Бизе е операта „Кармен“ од 1875 година која е заснована на романот (излезен во 1846 година) кој го напишал Проспер Мериме. Операта „Кармен“ веднаш не постигнала успех, а Бизе бил многу разочаран, но за утеха брзо дошла пофалба од своите колеги композитори како што се Камиј Сен-Санс, Петар Илич Чајковски и Клод Дебиси, кои веднаш ја препознале убавината на операта. Во брзо време публиката почнала да го дели истото мислење со овие композитори и „Кармен“ станува една од најпознатите опери во историјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

