Култура
Кино на отворено од 10 до 13 јули во дворот на Кинотеката

Кинотеката утре почнува со летната кинопрограма на отворено, во дворот на оваа културна установа, на која до 13 јули ќе бидат прикажани четири современи европски филмови.
Програмата почнува со проекција на македонскиот филм – добитник на престижната награда LUX Prize за најдобар европски филм за 2019 – „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, во режија на Теона Стругар-Митевска.
На 11 јули ќе биде прикажан филммот „Гостин“, на 12 јули „Земјата под моите нозе“, а на 13 јули „Сонот на Катрина“. Проекциите ќе почнуваат во 21 часот, а цената на билетот е 100 денари.
Сите посетители ќе треба да се придржуваат до препораките за заштита од Ковид-19:
• Задолжителна дезинфикација на рацете при влез во дворот и објектот;
• Задолжително носење маска или заштита преку устата и носот;
• Задолжително одржување дистанца додека се следи проекцијата;
• Пушењето за време на проекција е непожелно;
• Забрането е внесување пијалаци (алкохолни и безалкохолни).
Општина Карпош ги информира жителите од околните згради дека за време на кинопроекциите ќе биде изгаснато уличното осветление на дел од улицата Никола Русински, со цел подобра реализација на летната кинопрограма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Утре започнува 20. АКТО фестивал

Утре започнува јубилејното издание на АКТО фестивалот за современи уметности со преднастанот – предавање на архитектот Даниел Кунерт од Арх плус (ARCH+), водечкото германско списание од областите на архитектурата и урбанизмот, во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет, со почеток во 19 часот.
Ова предавање е најава за официјалната тридневна програма на 20. АКТО фестивал што ќе се реализира во киното на Железничката зграда од 3 до 5 октомври.
Во рамките на фестивалот, кој е основан во 2006 година, и е еден од фестивалите во земјава што има најдолг континуитет на одржување, ќе се случуваат повеќе изложби, проекции, разговори и предавања, работилници и музички настани…
Целата програма ќе биде концентрирана во новоотворената Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена лоцирана во киното на Железничката зграда во Скопје.
Дел од фестивалот ќе бидат многу домашни но и странски гости како Зорица Милисавлевиќ – Милојковиќ (Урбани Оази, Белград), Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз (Floating University, Берлин), ОПА (ЗаУМ архива), Славчо Димитров (Викенд на Гордоста, Скопје), Борис Бакал (Фрлачи на Сенки, Загреб), Кристина Леловац (фестивал Прво па женско, Скопје), Димитар Самарџиев (Бостание – општествена градина, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (ЗЕМЈОТРЕС фестивал на независна музика), Пијан Славеј, група Сиз, група Трето колено и други.
Култура
Скопје се подготвува за „Бела ноќ“: целиот град ќе се претвори во голема уметничка сцена

Универзална сала и Град Скопје ја најавуваат 21-та изведба на културната манифестација „Бела ноќ“, која ќе се одржи на 04 октомври 2025 година (сабота).
Целиот град ќе се претвори во голема уметничка сцена преку концерти, изложби, мултимедијални изведби, литературни читања и перформанси кои ќе бидат достапни за сите граѓани и посетители.
Избрани настани од програмата:
Сули Ан | од 20:00 ч.
„Стара скопска чаршија: визии за иднината“ – мултимедијални презентации, изложби по што следуваат DJ сетови на диџеј Дарко Јорданов (Скопје), диџеј Бојан Јанев (Скопје/Берлин) и диџеј Женева (Париз)
Музеј на македонската борба | 20:00 ч.
Изложба „Од чета до армја“.
Научен музеј | 20:00 ч.
Изложба во соработка со ООУ „Вера Јоцич“ – „Преспанско езеро – бисер на природата“.
Детски културен центар | 11:00 ч.
Детска ликовна изложба.
Библиотека „Браќа Миладиновци“ | 19:00 ч.
Промоција на книга „Работилница за поправка на чувства – втора антологија на иднината“.
Културен дом „Кочо Рацин“ | 19:00–21:00 ч.
Збир на повеќе настани
Културно информативен центар | 20:00 ч.
Збир на повеќе настани
Музеј на Град Скопје | 19:00 ч.
Изложба ДЛУМ
Младински културен центар | 20:00 ч.
Претстава „Велеградски варијации“
Изложба на детски цртежи „Со очи детско срце“ – Славица Копенкова | 20:00 ч.
„Бела ноќ е симбол на културната отвореност на Скопје – вечер кога улиците се исполнуваат со уметност, инспирација и дружење. Целта е да се поврзат граѓаните и уметниците преку заедничко искуство кое ја слави креативноста и културниот дух на нашиот град.“
Настанот е во организација на Универзална сала, а финансиран од Град Скопје.
Култура
Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток

Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток, во 20 часот со концертот насловен „Класика РеСтарт“ на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, а диригент е маестро Јерухам Шаровски. На програмата се дела од Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак.
Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, потенцираше дека новата концертна сезона 2025-2026 е насловена „#Без филтер“ бидејќи класичната музика не подлежи на вештачки разубавувања, дека станува збор за уметност без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.
„Оркестарот на Македонската филхармонија и во сезоната 2025/2026 ќе тргне во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Нашата публика повторно ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство“, вели Имери.
Директорот на Филхармонија го најави и гостувањето во „Музикеферјан“ во Виена , на 28 октомври, на матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт кој се одржува секој 1 јануари.
„Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и европската класика – ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски, Бете Илин, Сони Петровски како и Симфонијата број 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја, и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот“, истакна Имери.