Култура
Книга на осумгодишно момче стана хит меѓу читателите
Кога осумгодишниот Дилон Хелбиг го заврши пишувањето на својата книга „Авантурите на кризмисот на Дилон Хелбиг“ во средината на декември, тој сакаше сите да ја читаат. Единствениот проблем беше што немаше агент.
Затоа решил да се самообјави. Кога тој и неговата баба ја посетиле библиотеката во Боис, Ајдахо, Дилон тајно ја оставил својата книга на блиската полица.
Секогаш сум лукав како кога сакам да набавам чоколадо“, изјави Дилон за телевизијата КТВБ за неговата тајна операција.
Книгата на 81 страница ги опишува авантурите на Дилон, кои почнуваат кога ѕвезда на новогодишна елка експлодира. Така Дилон патува низ времето до првиот Ден на благодарноста и до Северниот Пол.
Неколку дена подоцна, кога Дилон дојде да ја провери книгата, забележа дека ја нема. Мајка му се јавила во библиотеката.
„Неговите родители беа загрижени дека ќе ја најдеме неговата книга и ќе ја фрлиме“, рече Алекс Хартман, менаџер на филијалата на библиотеката „Лејк Хејзел“.
Се утврди дека Хартман и неговите колеги ја откриле книгата на Дилон во делот „приказни“ и ја прочитале вклучувајќи го и шестгодишниот син на Хартман.
„Книгата на Дилон, дефинитивно, ги исполнува сите критериуми што ги бараме за да вклучиме книга во нашата колекција“, рече Хартман.
Од саботата книгата на Дилон има листа на чекање од 55 луѓе. Хартман разговараше со мајката на Дилон за можната дигитализација на книгата.
Младиот автор најави дека подготвува продолжение, овој пат за посетата на кучето Гринч и Дилон, Расти.
Тој исто така пишува книга за плакарот што јаде јакни, базирана, рече Дилон, на вистинска приказна од неговите денови во градинка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

