Култура
Колос Цури и Кира Гоголадзе најдобри на „Езерски бисери 2018“
Пијанистот Колос Цури од Македонија и пејачката Кира Гоголадзе од Русија се лауреати од прв степен и добитници на највисокото признание „Бисер на фестивалот“ на „Езерски бисери 2018“, информираат организаторите.
Колос Цури освои најголем број поени од интернационалното жири во програмата класика, а Кира Гоголадзе во програмата естрада.
Тие добија фестивалски статуетки, парична награда и охридски бисери од семејството Филеви.
Во соопштението од организаторите се додава дека вчера на сцената на Центарот за култура во Струга се одржа гала-концерт, каде што беа и доделени наградите.
Наградите лауреат прв степен во класика ги освоија пијанистите Леф Чефанов и Софија Берестјукова од Русија и Анастасија Кочева од Македонија.
Награди лауреат прв степен во естраден вокал добија учесници во повеќе возрасни групи од земајава и странство.
Новина, како што посочуваат организаторите, на годинешниот фестивал беше и изборот за европска убавица, а победничка беше Екатерина Рупасова од Русија, која ќе учествува на светскиот избор на убавина, кој ќе се одржи во декември во Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Првата долгометражна анимација во историјата на Македонија со светска премиера на еден од најголемите фестивали за фантастика во светот
„Јон Вардар против галаксијата” – првиот долгометражен анимиран филм во историјата на Македонија, влезе во соѕвездието на најдобрите фантастични филмски остварувања на светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” ќе ја има својата светска премиера во Шпанија, на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал” – еден од најстарите и најзначајни жанровски фестивали во светот, којшто могумина го нарекуваат „Кан за фантастични филмови“.
„Јон Вардар против Галаксијата” отвора ново поглавје во историјата на македонската кинематографија, а е селектиран во фамилијарната секција на фестивалот. Ќе има две прикажувања во ударни термини во петок и сабота, на 5 и 11 октомври.
„Бидејќи жанрот не познава возраст, фестивалот во Ситџес повторно ќе ги прикаже моментално најфасцинантните фамилијарни проекти од светот. Меѓу селектираните филмови годинава го откривме ‘Јон Вардар против Галаксијата’ на Гоце Цветановски, првиот анимиран филм во историјата на Северна Македонија“, објавија организаторите на фестивалот.
Режисерот Цветановски изјави дека да се биде избран меѓу најдобрите фантастични филмови наменети за семејната публика на глобално ниво е голема чест.
„Огромен успех е што светската премиера на Јон Вардар ќе се одржи на престижен фестивал од овој калибар, и очекувам да продолжи со уште многу други успешни прикажувања низ целиот свет. Филмот е селектиран на уште еден голем филмски фестивал што ќе се одржи годинава, а деталите ќе бидат споделени наскоро“, објави режисерот Гоце Цветановски.
„Јон Вардар против галаксијата” ќе ве однесе меѓу планетите заедно со еден смотан човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои ќе бидат на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси!
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Скорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Цветановски е дел и од тимот кој го почна проектот „Сказните на Биби“, режирајќи повеќе епизоди.
Тој е режисер и на крими-трилерот „Бизнисот на задоволството” којшто во моментов се прикажува низ кино-салите во Македонија и наидува на одличен прием од страна на публиката и на критиката. Досега со своите филмови, Цветановски ја претставувал Македонија на стотина фестивали низ светот, а „Бизнисот на задоволството” се закити со десет меѓународни награди.
Култура
„100 илјади поети за промена“ 14. пат во Струмица
Во сабота, 28 септември 2024 година, глобалното движење „100 Thousand Poets For Change“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ го реализира 14 издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ со почеток во 19:00 часот во НУ Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј – Струмица.
Манифестацијата ќе започне со отворање на изложбата на дигитални цртежи „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски, а потоа со промовирањето на годинешниот зборник „100 Илјади поети за промена“ ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети.
На конкурсот годинава конкурираа повеќе од 200 учесници.
Манифестацијата е поддржана од градоначалникот Костадин Костадинов и Општина Струмица.
Култура
„Сенката на звукот“ – изложба на дигитални цртежи на Владимир Мартиновски
Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ како дел од годинештното 14 издание на 100 Илјади поети за промена, оваа сабота, 28 септември 2024 година во 19:00 часот во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј на град Струмица ќе ја отворат изложбата на дигитални цртежи насловена „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски.
„Сенката на звукот“ е негова трета изложба на дигитални цртежи од овој циклус, а се состои од 12 цртежи (дигитален принт) кои тематски ја поврзуваат музиката, поезијата и ликовниот израз на Мартиновски. Под влијание на музичките фестивали кои редовно ги посетува, тој најде инспирација неговите емоции, чувства и размисли визуелно да ги изрази преку создавањето на овој циклус дела. Оваа изложба е своевидна презентација во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството.
Дигиталните цртежи визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Освен со дигитални цртежи тој се има претставено со уште две изложби, на фотографија и цртеж, во моментот има тековна изложба во Шибеник, Србија, а во тек е подготовката на неговата нова изложба на акрилни дела.