Култура
Концертното пијано – донација за Националната опера и балет е потврда за трајните врски со Чешката Република
Во Националната опера и балет вечерва се одржа пијано-концерт во организација на Амбасадата на Република Чешка, а по повод Националниот ден на оваа пријателска земја. На концертетот беше промовиран клавир од прочуената чешка компанија „Петроф“, како донација, со што се потврдува традиционалната соработка во културата меѓу двете земји.
Во присуство на Зузана Петрофова, актуелна сопственичка на „Петроф“, бројни гости од дипломатскиот кор и од културниот и бизнис секторот во земјава, овој чин на зацврстување на односите во културата го поздрави заменик-министерот за култура, Даим Лучи.
Тој истакна дека со амабасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва се согласни дека соработката што ја негуваме во културата е вистинско богатство, но и дека сме свесни дека има уште многу можности кои не се искористени.
-Националната опера и балет е значајна културна институција со врвни музичари, кои овој гест на пријателство, манифестиран преку донацијата на концертното пијано „Петроф“, длабоко го почитуваат.
Новото концертно пијано ќе го збогати звукот и ќе го подобри квалитетот на изведбите во оваа музичко-сценска установа. Верувам дека тоа ќе ги мотивира и уметниците за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката.
Уверен сум дека вечерва ќе имаме одличен музички настан со двете реномирани чешки пијанистки, со надеж дека што поскоро на сцената на Националната опера и балет да ги видиме заедно и македонските и чешките уметници-, истакна Лучи.
Заменик-министерот за култура потенцираше дека вечерашниот настан, поддржан од Министерството за култура и од Националната опера и балет со директорот Васо Ристов, е уште една потврда дека уметноста и културата секогаш се вистинскиот чекор кон просперитетна иднина.
Пијаното е донација иницирана од Чешка, во која свој удел имаат и компании од Северна Македонија. Овој модел на соработка отвора нови можности за подигнување на квалитетот во изведбите и на новите копродукциски соработки.
Присутните го проследија настапот на чешките пијанисти Ема Једличка Гогова и Ина Асламас-Дуо Асламас-Гогова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Доделено Гран при на „Остен биенале Скопје 2024“ на Микеланџело Пистолето
На 11 мај 2024 (сабота) „Остен арт“ – Скопје му ја врачи официјалната награда Гран при за животно остварување на „Остен биеналето Скопје 2024“ на еден од најголемите уметници на денешницата – Микеланџело Пистолето.
Според желбата на Пистолето да биде мотив за поврзување и обединување на луѓето и институциите во регионот, чинот на врачување се одржа во Музејот на современата уметност во Белград како дел од програмата во рамките на неговата самостојна изложба „Превентивен мир“. Официјалното Гран при – скулптура од Петар Хаџи Бошков, на маестро Пистолето му ја врачи Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен Скопје“.
Настанот беше организиран во соработка со Музејот на современата уметност на Белград, Србија, „Зеринтија“ – Асоцијација за современа уметност (https://bit.ly/4acredW) Рим, Италија и Марио Перони.
Доделувањето на највисоката награда предвидена во рамките на „Остен биенале Скопје 2024“ е најважниот настан од годишната програма на Биеналето, која почна со изложбата „Тркало на времето“ од Марко Бањоли, Италија (23 април – 5 мај 2024) во НГМ – Чифте амам, со која се најави Италија како земја во фокус и континуирано се одвива со самостојни и групни изложби во Галеријата „Остен“.
Култура
„Заспаната убавица“ од Чајковски на 15 мај на Мајските оперски вечери
Безвременскиот, волшебен класичен балет „Заспаната убавица“, преточен во прекрасната музика на Петар Илич Чајковски, ќе се изведе на 15 мај со почеток во 20 часот, во рамките на меѓународниот фестивал 52. Мајски оперски вечери.
Диригент на претставата е гостинот од Египет, Најер Нагуи, главен диригент на оркестарот на операта во Каиро, кореограф е Виктор Јаременко (Украина), асистент-кореограф е Тетјана Белецка од Украина, сценограф и костимограф е Миодраг Табачки од Србија, светло-дизајн Милчо Александров, концерт-мајстор Јане Бакевски, соло виолина Климент Тодороски, а соло виолочело Кирил Јосифов.
Во главните улоги ќе настапат балетските ѕвезди од Софиската опера и Балет: Марта Петкова и Никола Хаџитанев, добитници на голем број престижни награди и признанија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и Балет.
Вечната борба помеѓу доброто и злото, класичната балетска бајка „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски, ја воодушевува публиката на најголемите светски сцени повеќе од 100 години. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер.
Култура
„Искра“ – концерт на Македонската филхармонија со виртуозот на виолина, Роман Симовиќ
Македонската филхармонија го најавува концертот „Искра“ кој ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 20 часот. Како солист, овој пат ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ, моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, Марински театар и Минхенската филхармонија.
Врвниот Симовиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од најзначајниот руски симфоничар Димитриј Шостакович, дело кое се смета за едно од неговите најдобри дела, а му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.
Оваа вечер, на програмата се и Адаџото од гудачки квинтет во F-dur од австрискиот музички гениј Антон Брукнер, како и Симфонијата бр. 5, оп. 55 во b-moll од Александар Глазунов наречена „Херојска“, опишана како „архитектонска поема“.
Маестро Даниел Рајскин (1970) е познат како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката коишто ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што тоа ја поттикнува кај изведувачите.
Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 на „Артур Рубинштајн“ – филхармонијата во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин диригент се бројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонгконг синфониета, Националниот оркестар во Латвија, „Моцартеум“ оркестарот во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радио-симфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, Берлин итн. Познати се неговите ангажмани како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња како Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…
Еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ (1981), моментно е концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, а во истовреме е ангажиран и како концерт-мајстор со Марински театар и со Минхенската филхармонија. Се издвојува од останатите виолинисти по неговата брилијантна виртуозност со неограничена имагинација. Заедно со неговиот вроден талент за музика, овие квалитети ќе го однесат Симовиќ на светските сцени, настапувајќи со врвни оркестри и диригенти. Наградите се уште една потврда за неговата исклучителна уметничка физиономија: Родолфо Липицер (Италија), Сион-Вале (Швајцарија), Јамполски виолинскиот натпревар (Русија), Хенри Виењавски (Полска), кои го сместија меѓу најзначајните виолинисти од неговата генерација. Како солист, настапувал со врвните ансамбли како што се Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на театарот Марински од Русија, Камерниот оркестар „Франц Лист“ од Унгарија, Камерата Берн од Швајцарија, Камерата Салцбург од Австрија, Филхармонијата на Прага итн., со диригенти како што се Валери Гергиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреја Носеда, Кристијан Јарви… Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година, во најлошото време за овие простори, во време на војна, инфлација, ембарго. И самиот вели дека бил принуден да си замине и од Украина, каде што, исто така, ситуацијата била лоша. Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата којашто ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии, кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна. Вели дека Русија му го сменила животот и дека неговата професорка Марина Јашвили му наметнала нов начин на размислување на свирење на виолина.