Култура
Концерт на гудачкиот квартет „Атака“ на 47. Денови на македонската музика
Вечерва со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија, ќе се одржи последниот концерт во рамките на манифестацијата „47.Денови на македонска музика“, концерт на гудачкиот квартет „Атака“.
Овој настан ќе биде единствена можност да се проследат дела од различни периоди и стилови на македонската музичка мисла посветена на камерниот состав – гудачки квартет. Ќе бидат изведени делата на композиторите Валентина Велковска-Трајановска, Гоце Гавриловски, Филип Иванов и Академик Ристо Аврамовски. Гудачкиот квартет „Атака“ го сочинуваат младите, извонредни уметници: Ева Богоевска – виолина, Марија Трајковска – виолина, Илза Бафтиари – виола, Маја Михајловска – виолончело.
Фестивалот „47. Денови на македонска музика“ е во организација на Сојузот на композитори на Македонија, а се одржува под покровителство на Претседателот на Р Македонија, со поддршка на Министерство за култура. Влезот на концертот е слободен.
За уметниците:
ЕВА БОГОЕВСКА (1999) започнува да учи виолина на седумгодишна возраст (класа на Анна Кондратенко). Уште на самите почетоци нејзиниот талент доаѓа до израз со победата на Меѓународниот фестивал за класична музика „Охридски бисери“ после која добива покана да одржи два концерта во Братислава, Словачка. На 16 годишна возраст, како најмлад студент во Македонија, се запишува на ФМУ во Скопје (клас на Олег Кондратенко) каде дипломира во 2020 година. Добитничка е на бројни државни и меѓународни награди и признанија на реномирани фестивали и манифестации: Сан Ремо Јуниор во Италија (2012), Лауреат од прв степен на Меѓународниот фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија (2014), Grand Prix на Меѓународниот фестивал за класична уметности и култура во Ерусалим, Израел (2016 година), Прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк, САД, по кој како првонаградена добива можност да реализира концерт во Карнеги Хол (2017). Настапувала повеќепати како солист со Филхармонија и Националниот оркестар на операта и балетот на Хо Ши Мин, Виетнам, а како солист остварила настапи во Словачка, Малезија, Виетнам, Италија, Русија, Австрија, Чешка, Унгарија, САД, Израел, Франција, Португалија и се разбира на најзначајните фестивали кај нас (Скопско лето, Охридско лето, Денови на македонска музика, Златна лира). Во 2019 година со свој труд, како претставник на Музичката младина на Македонија учествува на Првата конференција за новите начини во изведбата на класичните дела, организирана од Интернационалната музичка младина во Берлин, Германија. Од 2017 година е членка на оркестарот F.A.M.E.S, а од 2020 година е и вработен во Оркестарот на Филхармонија. Од 2021 година е студентка на магистерски студии на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима под менторство на проф. Сергеј Островски, редовен професор по виолина на Музичкиот универзитет во Женева, Швајцарија.
МАРИЈА ТРАЈКОВСКА (1992) своето образование го стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ (класи на Олег Кондратенко и Љубиша Кировски). Продолжува на ФМУ во Скопје (класа проф. Михајло Куфојанакис), а во 2013 година добива стипендија за додипломски студии на Конзерваторимот при Лин Универзитетот во Јужна Флорида (класа на Гијермо Фигероа). Во текот на своите студии во САД, Марија учествува на бројни мастеркласи, концерти, натпревари и фестивали. Во текот на студиите на Конзерваториумот за музика е дел од симфонискиот и камерниот оркестар, со кој настапува на повеќе концерти заедно со светски познати солисти, меѓу кои и со реномираниот Џошуа Бел. Дипломира со почести CUM LAUDE во 2017 година. Од 2019 година е вработена во секцијата втори виолини во Филхармонија. Од неодамна е дел од тимот на Трала апликацијата од Чикаго, наменета за онлајн изучување на виолина, а има и своја класа на ученици од целиот свет. Во своето слободно време создава креативна и едукативна содржина за социјалните мрежи Instagram, YouTube и вебстрана под името Violynning. Марија моментално работи со реномираниот виолинист и професор Роберт Степаниан.
ИЛЗА БАФТИАРИ се школува во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на Јован Бицевски), а студиите ги завршува на ФМУ во Скопје во класата на проф. Фросина Балова. Одржала бројни концерти и рецитали со својот брат, пијанистот Шкељзен Бафтиари. Настапувала во повеќе камерни состави и како солист со Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на ДМУБЦ на турнеја во Италија, како и со Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Била членка на неколку меѓународни оркестри (CEI Orchestra, Jugest Sinfonie Orchester) со кои реализирала концерти во Италија, Словенија, Австрија и Швајцарија, а веќе трета година е дел од германскиот оркестар Manheimer Philharmoniker со кого настапила во престижни концертни сали како ElbPhilharmony во Хамбург, Queen Elizabeth Hall во Антверп заедно со врни солисти, меѓу кои и Марта Аргерич. Илза е вработена во Косовската филхармонија, а од 2020 година и во Филхармонија. Веќе пет години е активна членка на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, а редовно реализира и проекти со оркестарот на филмска музика F.A.M.E.S.
МАЈА МИХАЈЛОВСКА средното образование го завршува во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на Паскал Краповски), а дипломира CUM LAUDE на ФМУ во Скопје (класа на Живко Фирфов). Во 2012 година ја добива наградата „Франк Манинг“ од истоимената британска фондација за најдобар студент на генерацијата. Во 2015 година ги запишува магистерските студии на ФМУ во Скопје, работејќи под менторство на познатиот чешки виолончелист Микаил Канка. Во периодот 2025/06 година е дел од Yunge Orchester Akademie – YSO со кој реализира турнеи во Швајцаријаи на Балканот. Во сезоната 2006/07 и 2008/09 настапува со европскиот оркестар CEIYO на концертни турнеи во Италија, Австрија, Словенија и Романија. Во 2016 година членува во скандинавскиот оркестар Orkester Norden со којшто концертира во Данска, Шведка и Финска, под диригентската палка на Лоренс Фостер. Настапувала како солист со Филхармонија, оркестарот на ДМБУЦ и АРКО. Добитничка е на бројни награди и признанија. Редовно настапува со својата сестра-близначка Марија како дел од дуетот виолончела „Twins Cello“. Редовно учестува на мастерски курсеви и семинари работејќи со истакнати педагози и уметници (Астрит Селита, Имре Калман, Александар Књазев, Венцеслав Николов, Марк Купе, Детлеф Милке и Јоханес Мозер). Во 2012 година, на покана на тогашната селекторка на фестивалот „Охридско лето“, проф. Гордана Јосифовска – Неделковска, Маја настапи како гостин на концертот на познатиот виолончелист Енрико Диндо, на затворањето на фестивалот. Од 2015 година е дел од оркестарот на Филхармонија, а редовен учесник е и во проектите на филмскиот оркестар F.A.M.E.S. Маја еднакво комотно се чувствува во изведбата на класичен репертоар и други музички жанри. Таа е дел од бугарскиот кросовер квартет „Дестини“ со кој од 2019 година настапува во Бугарија и низ Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Национален џез оркестар со Mike Holober
Еден од најреномираните современи џез композитори и диригенти, Mike Holober, на 18 март ќе настапи со Национален џез оркестар, претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект This Rock We’re On: Imaginary Letters. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет со почеток во 20:00 часот, под диригентство на самиот автор.
Mike Holober е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект 𝑇ℎ𝑖𝑠 𝑅𝑜𝑐𝑘 𝑊𝑒’𝑟𝑒 𝑂𝑛: 𝐼𝑚𝑎𝑔𝑖𝑛𝑎𝑟𝑦 𝐿𝑒𝑡𝑡𝑒𝑟𝑠 е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“. Во ова дело, Holober создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.
Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија.
Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).
Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез оркестар, во изведба на Националниот џез оркестар и под диригенство на Mike Holober.
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на MKTickets.
Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ. Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]
Култура
Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава
„Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации набљудувачи, сите гладни за уметност“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка на 21 издание на оваа ликовна манифестација, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, коешто годинава одбележува 80 години од своето постоење.

Во обраќањето, Сиљановска-Давкова го истакна огромното значење на ликовната уметност за културниот и духовниот развој на македонската држава. Според неа, „Зимски салон 2026“ е препознатлива и вредна ликовна манифестација што дава пресек на современите ликовни состојби, но и навестува нови правци во уметноста.

Според неа, уметничкото творештво има моќ да ги надмине географските и политичките граници, туркајќи ја македонската уметност во плоден дијалог со европските и светските текови: од модернистичките визии на Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, преку силниот израз на Петар Мазев и поетиката на Димитар Кондовски, до современите автори со иновативни форми и значења.

Годинашното издание на „Зимски салон“ е курирано од реномираната словенечка ликовна критичарка Лилјана Степанчиќ.

Култура
Дијалози на современиот авторски филм: регионални гласови и европски кинематографски традиции во програмата на Кинотека на Македонија – март 2026
Во месец март 2026 година, Кинотека на Македонија ја обликува својата програма како промислен и концептуално заокружен циклус на проекции посветени на современите регионални продукции и нивните дијалози со пошироките европски и светски филмски традиции. Оваа селекција не е само репертоар на актуелни остварувања, туку куриран простор за критичко преиспитување на авторскиот филм, неговата општествена релевантност и неговата способност да го артикулира искуството на поединецот во контекст на колективните историски, културни и емотивни трауми на регионот. Програмата ја потврдува улогата на Кинотеката како институција што ја негува филмската меморија и, истовремено, активно го поттикнува современиот авторски израз и дијалогот меѓу генерациите и кинематографиите.
Во фокусот на програмата се филмови што, преку различни естетски пристапи и наративни стратегии, го обработуваат прашањето на идентитетот – личен, семеен и општествен. Публиката повторно ќе има можност да го проследи Утре наутро во режија на Јани Бојаџи, интимен портрет на современиот човек заглавен меѓу инерцијата на секојдневието и тивката, но упорна потреба за промена. Филмот, со суптилна режисерска рака, ја истражува кревката линија меѓу надежта и разочарувањето, при што секојдневните гестови и погледи стануваат носители на подлабоки егзистенцијални дилеми и неми внатрешни конфликти.
Исто така, на програмата во март ќе можете да ја погледнете и моќната драма „Sentimental Value“ („Сентиментална вредност“) на Joachim Trier — суптилна и емотивна приказна за остарен филмски режисер и неговата отуѓена ќерка-актерка, која отвора прашања за уметноста, семејството и помирувањето. На 38. издание на European Film Awards во Берлин, филмот беше прогласен за најдобар европски филм, освојувајќи вкупно шест награди. Меѓу признанијата се најдоа и наградите за:
Со Приказната за Силјан на Тамара Котевска, програмата го проширува својот тематски регистар кон полето на митот, традицијата и колективната меморија. Преку својот препознатлив сензибилитет за човечката ранливост и односот меѓу човекот и средината, Котевска создава филм што функционира како поетска рефлексија за корените и нивното значење во современиот контекст. Во таа смисла, делото делува како мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу колективниот наратив и личната приказна, отворајќи простор за преиспитување на начинот на кој традицијата се пренесува, трансформира и преживува во современоста.
Во истата линија на интимно и политички ангажирано авторство, проекцијата на Мајка на Теона Стругар-Митевска ја продлабочува програмската оска на мартовската селекција преку силен и бескомпромисен женски авторски глас. Режисерскиот пристап на Митевска е остар, но емпатичен, создавајќи филм што истовремено провоцира, вознемирува и повикува на солидарност, отворајќи прашања за телото, изборот и општествените притисоци што се впишуваат во интимните простори на женското искуство.
Кулминацијата на програмата доаѓа со проекцијата на Нов бран во режија на Richard Linklater, кинематографско рекреирање на пионерските денови на францускиот нов бран. Овој филм не е носталгична реплика, туку интелигентен омаж на еден од највлијателните периоди во историјата на европската кинематографија, кога младите автори радикално ги преиспитуваа формата, нарацијата и односот меѓу филмот и реалноста. Преку динамична визуелна структура и рефлексивен наратив, „Нов бран“ го актуелизира духот на бунтот и експериментот, потсетувајќи дека кинематографијата е жив медиум што постојано се обновува преку дијалог со сопственото минато. Вклучувањето на овој филм во програмата создава продуктивен контрапункт со регионалните остварувања: додека локалните филмови ги артикулираат специфичните социјални и културни контексти на Балканот, „Нов бран“ ја отвора перспективата кон пошироката историја на европскиот авторски филм и неговите естетски револуции.
Како целина, програмата на Кинотеката во март 2026 година функционира како внимателно куриран наратив за современиот филм и неговите корени. Таа ги поврзува интимните приказни на регионалните автори со историските пресврти на европската кинематографија, создавајќи простор за дијалог меѓу различни генерации, поетики и културни искуства. Преку оваа селекција, Кинотеката не само што нуди платформа за промоција на регионалните продукции, туку и ја потврдува својата мисија како културна институција што го третира филмот како уметнички и општествен чин. Мартовската програма, со својата тематска кохерентност и естетска разновидност, претставува покана до публиката за продлабочено гледање, критичко размислување и активно учество во живиот дијалог што го создава филмската уметност.

