Култура
Концерт на Курт Елинг и Националниот џез-оркестар во МНТ
Светската мега-ѕвезда на вокалната џез музика, двократниот добитник на Греми награда, Курт Елинг, доаѓа во Скопје.
За него „Њујорк Тимес“ ќе напише дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време.“
Според „Вашингтон Пост,“ „“Од средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг”, додека ББС Артс оценува дека тој „… ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација“.
Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021).
Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез амбасадор на Шлезискиот џез фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда Ехо џез и Шкотската награда за џез – меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за Меѓународен џез -изведувач на годината на доделувањето на наградите Jazz FM Awards.
Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.
Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми.
Концертот на Курт Елинг со Националниот џез оркестар ќе се одржи на 15 мај, 2024 година во Македонскиот народен театар, со почеток од 20 часот. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во МНТ репризно ќе се одигра балетот Чиполино
Во среда, 5 јуни, со почеток во 19:00, на големата сцена во Македонскиот Народен Театар, репризно ќе се изведе Балетот Чиполино, во продукција на Bullfrogs Ballet. Премиерата на Чиполино се изведе во јуни минатата година, во полниот салон на МНТ.
„Чиполино“, или „Момчето кромид“ е балет создаден по мотивите на бајките на Џани Родари, кој ја раскажува приказната за граѓаните зеленчуци и моќните владетели овошки во кралството Градина. Главната тема која се обработува се неправдите кон помалку моќните и важноста на пријателството во тешки периоди. Приказната е вистински приказ за важните вредности во животот – тимски дух, пријателство, меѓусебно помагање, верба и борба за правда. Иако балетот е најпрво создаден за млади, сепак изобилува со сериозна кореографија од класичниот балет.
Музиката е на Карен Качатуријан, кореографијата на Александра Никифоровски, според оригиналната кореографија на Хајнрик Мајоров. Подготовката на балетот е под палката на Никифоровски и Елена Митевска, заедно со Ангелина Беличевска како асистент на кореографија, додека актерската игра е под водство на Бојан Лазаров.
Главните улоги ќе ги одиграат Елена Василевска (Чиполино), Viola Imeri (Ротквица), Илин Јовановски (Господин Домат), Александра Никифоровски (Принц Лимон), Тодор Стојковски (Гроф Цреша), Јана Трпковска и Бистра Младеновска (Грофици Цреши). Ансамблот го сочинуваат младите балерини од Bullfrogs Ballet School, а во дел од улогите се појавуваат и актери од независната актерска сцена во Македонија.
Булфрогс Балет Продукција е основана од Александра Никифоровски во 2009 година, и веќе 15 години континуирано и успешно спроведува балетски програми за деца и млади, како и продукции од областа на изведбените уметности. Училиштето Булфрогс Балет, e првото интернационално приватно балетско училиште и спроведува високо квалитетна балетска настава за деца и млади по методот „Ваганова”, поделена на предбалетско, основно и средно образование. До сега во училиштето се едуцирани преку 1000 ученици.
Никифоровски има долгогодишно искуство како балетски педагог и кореограф. Нејзиното кореографско портфолио ги вклучува неокласичните балети „И жената знае да вози“, „Аметист“ и „Тесеракт“, мјузиклите „Моите песни, моите соништа“, и „Ени“ како и балетите „Тарантела“, „Лебедово езеро“, „Сон на летната ноќ“, „Танц на кадетите“. Александра е сертифициран предавач за техниката за балетски развој (ПБТ) и е магистрант на Факултетот за музичка уметност – отсек балетска педагогија.
Култура
Гала балетски концерт со најубавите балетски дела на 26 јуни на сцената на Националната опера и балет
На 26 јуни со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се оджи Гала балетски концерт, во рамките на фестивалот „Скопско лето“ 2024.
На концертот ќе настапат првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Олга Панго и Дејан Прошев, концерт мајстор е Климент Тодороски, а репетитори: Горан Божинов, Александра Мијалкова, Саша Евтимова, Дафина Данилоска Кочевска, Васил Чичиашвили и Наташа Јосифовска.
Гала балетскиот концерт ќе ги опфати најубавите балетски дела како „Лебедово езеро“ од П. И. Чајковски, „Дон Кихот“ од Л. Минкус, „Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски, „Оревокршачка“ од П. И. Чајковски, „Рајмонда“ од А. Глазунов и многу други.
Култура
„Младите доаѓаат“ – концерт на новите музички таленти
Овој четврток (6 јуни) со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт насловен „Младите доаѓаат“, посветен на новите музички таленти од земјава. Под диригентство на маестро Ангел Спироски, на концертот ќе настапат ученици од музичките училишта од Скопје, Струга, Охрид и Битола.
На програмата се инспиративни и комплексни дела од Ј. С. Бах (Двоен виолински концерт во d-moll), К. Дитерсдорф (Концерт за контрабас и оркестар бр. 2), С. Меркаданте (Концерт за флејта и оркестар бр. 2), К. Сен-Санс (Концерт за виолончело и оркестар бр.1), Д. Кабалевски (Концерт за виолина и оркестар во C-dur), К. М фон Вебер (Кончертино за кларинет и оркестар во Es-dur), Ф. Шуберт (Erlkönig), В.А. Моцарт (Концерт за пијано и оркестар во d-moll), Џ. Верди („Saper Vorreste“ – aрија на Оскар од операта „Бал под маски“) и Д. Шостакович (Концерт за пијано и оркестар бр. 2).
Ќе настапат учениците: Марија Џуклеска и Андреј Наумоски, виолини (проф. Милена Крстевска), Летиција Кондратенко, контрабас (проф. м-р Благој Маротов), Ана Матеска, флејта (проф. Александар Стефановски), Ева Малиновска, виолончело (проф. Маре Видевска), Виктор Србиноски, виолина (проф. Елица Рашкова), Александар Ристовски, кларинет (проф. Благојче Трајковски), Матеа Стојаноска, соло пеење (проф. Маја Митровска), Анастасија Петреска, пијано (проф. Татјана Божиновска), Анастасија Милеусниќ, соло пеење (проф. Александра Коцевска) и Џеврие Туле, пијано (проф. Весна Ангелова Христов).
Овие концерти се мошне интересни и секогаш оставаат силен впечаток, затоа што носат нова енергија, елан, ентузијазам, младешки дух, и ја најавуваат новата генерација македонски музички уметници.