Култура
Концерт на рускиот пијанист Дмитри Маслеев во Македонската филхармонија
„Високи вибрации“ е насловен концертот кој ќе одржи в четврток со почеток во 20 часот во Македонската филхармонија на кој како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Дмитри Маслеев, а диригент е Јерухам Шаровски од Израел.
На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр.3 во де-мол и Симфонијата бр.4 во еф-мол од Сергеј Рахмањинов.
Рускиот пијанист Дмитри Маслеев (1988), е еден од најзначајните солисти од поновата генерација на светската музичка сцена во моментов. Учел пијано на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“ во Москва, во класата на проф. Микхаил Петруков, како и на интернационалната академија за пијано на езерото Комо во Италија. Како „суперсолист“ беше најавено и дебито на Дмитри Маслеев со оркестарот на Националниот оркестар на Франција во 2020 година, на кој го изведе Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски, дело кое му обезбеди интернационална кариера откако стана лауреат на Меѓународниот натпревар „Чајковски“ во 2015 година.
Овој исклучителен млад пијанист го издвојува и дебито во Златната сала на Музикферајн и на главната сцена на Берлинската филхармонија. Оттогаш, Германија и Франција се негови главни дестинации, каде што соработува со врвни оркестри. За него критиката ќе напише: „Каков уметник! Сè е толку едноставно, толку генијално, без најмал обид за објаснување на музиката…“ Или: „Тој е архитект на пијаното, како што малкумина од неговите колеги се денес…“ „Фасцинантно е да се сведочи на неговиот уметнички развој. Никој не може да научи да свири вака. Потребна е многу природна музикалност… Маслеев покажува како во мал простор може да се отвори цел универзум на душата. Тоа е голема уметност и тоа е она што секогаш го сакате и ретко го добивате како слушател…“
Минатата година имаше неколку настапи на резиденцијата на Вербие Фестивалот, а неговиот дебитантски настап на таа сцена во 2019 година беше меѓу многуте од неговите настапи што беа емитувани на Medici TV за илјадници луѓе ширум светот. Настапува на сите светски сцени, но не ја заборава и својата родна Русија, често настапувајќи со Московскиот филхармониски оркестар. Неговиот втор албум „Rapid Movement“ го издаде руската легендарна издавачка куќа „Melodia“, додека претходниот, од настап во „Концертгебау“ во Амстердам, кој вклучува соло и оркестарски репертоар, се најде на Spotify Top Classical 2017 листата и ја доби престижната германска награда „Preis der Deutschen Schallplattenkritik“ во категоријата соло пијано. Дмитри редовно настапува во САД и во азиските метрополи со врвни оркестри.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“.
Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф диригент на симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварувал турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа.
Во тој период, Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

