Култура
Концерт на Филхармонијата посветен на 60 години Музичка младина на Македонија
Оркестарот на Македонска филхармонија, овој четврток, со почеток во 20 часот, ќе го изведе концертот со наслов „Извор“, посветен на 60 години Музичка младина на Македонија. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано. На програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен-Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахманинов.
Бенџамин Бритн е англиски композитор, диригент, виолист и пијанист. Се смета за еден од најзначајните британски композитори по Хенри Персл. Едно од најпознатите дела на Бритн е „Водич низ оркестарот за млади“, во кое на интересен и оригинален начин ги прикажува инструментите и инструменталните групи во оркестарот. Делото е создадено како музичка подлога за детскиот едукативен документарен филм „Инструменти во оркестарот“. Бритн замислил два начина на изведба на оваа композиција: во едната верзија постои наратор (може да биде и диригентот), кој меѓу варијациите ги најавува инструментите и кажува збор-два за нив, а во втората верзија, која почесто се изведува, композициите се свират без наратор.
Леон Боелман е француски оргулист и композитор од ерата на романтизмот, кој напишал повеќе од 160 дела за време на својот краток живот (починал на 35 години). Студирал музика на École de Musique Religieuse et Classique, истото училиште каде што учел и Габриел Форе. Најпознати дела на Боелман се „Готска суита“ и Симфониски варијации за виолончело и оркестар. По оргулите, виолончелото му бил втор омилен инструмент на Боелман. Симфониските варијации за виолончело и оркестар напишани во 1892 година, иако се кратки и траат само 11 минути, богати се со лиризам и контраст, а од изведувачот бараат виртуозност и деликатна интерпретација.

Камиј Сен-Санс е француски оргулист, диригент и композитор. Почнал да стекнува популарност уште како дете на 11 години бидејќи со леснотија свирел комплексни пијанистички дела, кои не биле едноставни ниту за етаблираните пијанисти. Напишал многу композиции во разни музички форми, но најомилена му била симфониската поема. Напишал 12 опери, меѓу „Самсон и Далила“, една од најизведуваните на светските оперски сцени. Оригинално напишана како Етида за пијано, Капричо – Етида во форма на Валс, опус 52, број 6, била транскрибирана и аранжирана за виолина и пијано од големиот виолинист Ежен Исаи. Како што сугерира продолжениот наслов, делото е напишано во тричетвртински такт и претставува композиција во која солистот ги презентира своите изведувачки капацитети. Ова дело му дава неограничена можност на солистот да ги покаже своите музички и технички вештини.
Еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахманинов (1873 – 1943) се смета и за најголем пијанист на 20 век бидејќи поседувал истакнато чувство за ритам и легендарни технички можности. На пример, неговите долги прсти покривале 13 интервали на клавијатурата. Затоа и неговите дела за пијано играат голема улога во класичната музика, со оглед на огромната посветеност на Рахманинов да ја развие пијанистичката техника на повисоко ниво. Создал четири клавирски концерти, но и три симфонии, три опери, клавирски сонати, 24 прелудиуми, хорски дела… Во периодот помеѓу двете војни Рахманинов напишал мал број дела и најзначајна од тој период е токму Рапсодијата на тема на Паганини. Всушност, соемиграцијата во САД (Рахманинов ја напуштил Русија засекогаш, како и многу други руски уметници), тој ќе стане сè помеланхоличен, свесен дека нема да се врати во својата татковина и биографиите го опишуваат како најтажниот човек што некогаш го познавале. Тоа се чувствува и во Рапсодијата што ја напишал во Швајцарија (1934). Рапсодијата поседува интегрирана структура, а најпопуларна е 18-тата бавна варијација втемелена на инверзија на мелодијата на темата на Паганини, која е користена и во неколку филмски остварувања, меѓу кои и во „Ронин“, „Сабрина“ или Somewhere in Time…
Леонардо Димоски е роден 2004 година во Битола. Музичкото образование го почнува на 6-годишна возраст во Прилеп, во ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“, во класата на проф. Оливера Гемту, и ментор проф. Ванчо Стоилков. Од јануари 2017 година работи под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Во 2023 почнува да студира во Виена со проф. Павел Верников и проф. Кристина Шуклар. Учесник и добитник е на многубројни награди на државни и меѓународни натпревари. Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје во 2016, 2017, 2018, 2019 и во 2023 година. Настапувал во Македонија, Австрија, Србија, Италија… Учесник е на третата меѓународна конференција „Образование преку граници“ – Битола и на новогодишните хуманитарни концерти на Педагошкиот факултет во Битола. Посетувал семинар по виолина кај доц. м-р Михаило Куфојанакис, проф. Пол Рочек (Австрија), Теди Папаврами (Швајцарија), м-р Владимир Марковиќ (Србија), проф. Рони Шпигел (Швајцарија), проф. Кирил Трусов (Германија), проф. Дмитри Берлински (Русија), проф. Ана Морголетс (Русија), проф. Павел Верников (Украина), проф. Светлана Макарова (Русија).
Магдалена Дрмач е родена 2006 година. На осумгодишна возраст почнува да свири виолончело во Основното музичко училиште – ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, во класата на професорката Александра Јаневска. Во периодот од 2015 до 2023 година учествува на многу натпревари, каде што освојува многу први награди. Повеќето од нив се со меѓународен, државен и регионален карактер. Натпреварите се одржале во Република Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Русија и САД. Во 2021 година е лауреат на фестивалот „Отворена Европа“ во Москва. Истата година настапува со Македонската филхармонија, а во 2022 година повторно е избрана и настапува со Македонската филхармонија. Во 2022 година ѝ е доделена наградата за најдобар ученик на гудачкиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Магдалена е лауреат на фестивалот „Полихимнија“ во 2023 година. Настапува и во Рим, Италија, како дел од државната делегација во чест на празникот Св. Кирил и Методиј. Присуствува на многу мастер-часови со врвни професори, како: Стефан Попов (Обединето Кралство); Гал Фаганел (Словенија); Вида Вујиќ (Австрија); Ерих Оскар Хутер (Австрија); Атанас Крастев (Бугарија); Милутин Младеновиќ (Србија); Александар Кузмановски (Словенија); Милитијадис Касарос (Грција). Била дел од Камерниот оркестар на МММ, „Саша Николовски-Ѓумар“, и „Нонет +“, „Ајга“, како и од проектот Musica un Ponte tra i Popoli во Форли, Италија, 2022 година. Магдалена е водечки челист во симфонискиот и камерниот училиштен оркестар.

Гоце Златев е роден 2006 година. Основното музичко образование го започнува во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска- Смилевска. Сега е ученик во четврта година – Инструментален отсек – пијано специјал. Во текот на своето музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија и др. Настапувал со оркестарот „Видин Симфониета“, под диригентство на маестро Петер Димитров во Софија, Бугарија; во 2019 година настапува на два концерта во Париз, Франција; во 2021 и во 2022 година настапува со Македонска филхармонија, под диригентство на Сашо Татарчевски и Дијана Илковска-Имери. Во 2019 година на 13- годишна возраст го одржува првиот солистички рецитал во Скопје, по кој следат девет солистички рецитали од кои три во Скопје, Штип, Велес, Битола, Струмица, Гевгелија и рецитал во Рим. Во текот на школувањето, својата наобразба ја надоградува во соработка со еминентни професори: М. Ѓошевска, С. Трпчески, Ж. Захариева (Бугарија), С. Гаџиев (Словенија, Италија), Шантал Стилиани (Франција), Туту Ајдиноглу, Бертран Жиро (Франција) и други.
Борјан Цанев дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Бугарија. Од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, а во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, Велика Британија. Посетува мајсторски курсеви и пракса кај диригентите сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а подоцна му асистира на сер Колин Дејвис во Моцартовата опера „Дон Џовани“ во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Ман“ за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на сер Колин Дејвис. Од 1999 година до денес Цанев остварува многубројни концерти со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Македонија и странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска и др.). Во меѓувреме е и главен диригент на камерниот оркестар „Скопски солисти“. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи низа концерти со најреномираниот бугарски симфониски оркестар, а од 2006 година е назначен за редовен гостин диригент на овој оркестар. Диригира и со ансамблот на Македонската опера и Балет, каде што ја поставува премиерата на Моцартовата опера „Волшебната флејта“. Покрај овие ансамбли, Цанев настапува и со други симфониски и камерни оркестри, меѓу кои: симфонискиот оркестар „Станислав Бинички“ – Белград, „Симфониета“ – Софија, „Синфониета“ при Кралскиот музички колеџ – Лондон, Симфонискиот оркестар при ДМА „Панчо Владигеров“ – Софија, Симфонискиот оркестар при ФМУ – Скопје, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, ансамблот за современа музика „Алеа“, Задарскиот камерен оркестар и др. Учествува на голем број реномирани фестивали во земјата и странство соработувајќи со реномирани солисти, како Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Иља Гринголтс, Раби Абу Калил, Моника Лесковар, Гзавие Филипс, Кристиан Фрон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Серџо Тиемпо, Благој Нацоски, Ана Дурловски, Ана и Олег Кондратенко и др.
Борјан Цанев има остварено гостувања во Англија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Чешка, Полска, а воедно има направено и трајни снимки за Македонската радио-телевизија, Бугарското национално радио и F.A.M.E’S – Macedonia.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.

