Култура
Костадиновска-Стојчевска: Договорот за културна соработка нуди можности за развој и континуитет во односите со Турција
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска оствари билатерална средба со својот турски колега, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој.
Во фокусот на средбата беше новиот Договор за културна соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Турција, кој од името на двете влади го потпишаа министрите Костадиновска-Стојчевска и Ерсој.
„Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Турција се одвиваат во духот на традиционалното пријателство и партнерство и во таа смисла, Договорот кој денеска го потпишавме со сигурност ќе ги продлабочи и онака добрите културни врски меѓу институциите од двете држави, ќе ја стимулира размената на авторите, репродуктивните уметници и ансамблите, ќе го поттикне користењето на ресурсите што се поседуваат, ќе го зајцврсти партнерскиот однос на институциите од државите и нивната соработка со меѓународните организации“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Двајцата министри, изразувајќи го задоволството од досегашната соработка, изразија подготвеност таа да продолжи преку реализација на уште многу нови иницијативи и проекти со кои ќе се интензивира соработката во делот на културата.
„Задоволни сме од досегашната соработка на уметниците, институциите и здруженијата од културата, од двете земји, особено во литературната, фолклорната и драмската дејност. Уверена сум дека со денешното потпишување на новиот Договор за културна соработка, ќе овозможиме уште побогата институционална соработка, реципрочно користење на капацитетите на институциите, заеднички проекти и иницијативи“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека културата не познава граници и токму тоа што во уметноста сме сите исти ѝ ја дава универзалната сила за уште поголемо зближување, развој и унапредување на односите помеѓу народите.
Министерката за култура на средбата нагласи дека Република Северна Македонија обрнува големо внимание на реализацијата на проекти со кои се унапредуваа дејствувањето на турската заедница во државава.
„Еден од нив е проектот за изградба на нов Турски театар, со чијашто изведба турската заедница ќе добие театарско здание според светски стандарди. Објектот е веќе изграден до фазата затворена карабина, без фасада. Во таа смисла, на средбата го актуелизиравме прашањето за учеството на турската страна во комплетното завршување на објектот, имајќи го предвид потпишаниот Меморандум“, рече министерката за култура.
Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска изрази уверување и дека наскоро ќе се изнајде решение и за проектот за реставрација и адаптација на објектот Куршумли ан, за активностите на културниот центар „Јунус Емре“ и изрази уверување дека со поддршка од министерот Ерсој, наскоро ќе почне реставрацијата на објектот.
Костадиновска-Стојчевска, поздравувајќи го завршувањето на проектот за реставрација и конзервација на Султан-муратовата џамија во Скопје, ја истакна и одличната соработка со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА со која досега се реализирани повеќе проекти од областа на заштитата на културните знаменитости, со посебен акцент на спомениците од османлискиот период.
Министрите Костадиновска-Стојчевска и Ерсој ја потенцираа и одличната соработка меѓу Националните комисии за УНЕСКО бидејќи со заеднички заложби се придонесува за промоција на традиционалните вредности кои се дел од светското кулурно наследство.
Двајцата соговорници изразија уверување дека успешната соработка и планираните активности во областа на културата ќе продолжат со истиот интензитет и поддршка од двете страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

