Култура
Костадиновска-Стојчевска од Давос: Ќе иницирам формирање оддел за „Баукултур“
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на втората конференција на министри за култура „Алијанса Баукултур“, истакна дека за неа „Баукултур“ е неопходност, а споделените искуства и заедничката акција се вистинскиот пат до добрите решенија.
„Во ‘Баукултур’ гледам силен мотив да иницирам формирање оддел за ‘Баукултур’ во рамките на Министерството за култура и тоа да го реализираме во најкраток рок. Да биде оддел сè додека не изградиме култура на живеење, која ќе биде задоволство да се живее, а не подвиг да се преживее“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Министерката во дискусијата, што ја предводеше Алаин Берсет, претседател на Швајцарската Конфедерација, посочи дека излезот од економската криза и потрагата по евтина енергија има големо влијае врз културата на нашите животи, на културните навики, во промената и изгледот на нашите домови, но и на животната околина.
Во тој контекст министерката додаде дека Владата, соочена со сите предизвици од почетокот на оваа деценија, не само што се бори за да се надминат кризите со што поблаги последици и врз стандардот на граѓаните и за опстанок на компаниите туку и финансиски ги поттикнува и ги охрабрува иновативните решенија за општо добро.
„Владата ги повикува на партнерство јавниот и приватниот сектор заедно со граѓанскиот сектор да реализираат продуктивна и транспарентна соработка. За оваа година, Владата издвои значителни средства за развивање на инфраструктурата, со должно внимание и кон инфраструктурата во руралните предели зашто здравите прехранбени продукти и здравата животна средина и за нас стануваат сè поголеми приоритети, еднакви на прашање за опстанок“, рече Костадиновска-Стојчевска пред европските колеги во Давос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.

