Култура
Костадиновска-Стојчевска: Со 11 милиони денари градиме дом на културата во Чучер Сандево
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Чучер Сандево, промовирајќи го проектот поддржан од Програмата за капитални дотации за оваа општина, рече дека Чучер Сандево добива нов Културен дом „Сандево“, со што се продолжува традицијата на Партизанскиот дом „Сандево“.
Костадиновска-Стојчевска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и градоначалникот на Општината, Сашко Комненовиќ, извршија увид на проектот и локацијата за изградба на мултифункционална сала на Домот на културата „Сандево“.
„Градоначалникот покажа иницијатива за овој проект од областа на културата, која беше препознаена од Министерството за култура и поддржана со 11,3 милиони денари преку Програмата за капитални дотации во културата“, рече министерката за култура, која истакна дека е ова највисоката поддршка од оваа програма за годинава.
Таа додаде дека Министерството за култура годинава, во однос на минатата година, со дополнителни 10 милиони денари го зголеми буџетот за оваа програма со која го унапредуваме локалниот развој.
Костадиновска-Стојчевска во изјава за медиумите информираше дека по 15 години отсуство на сала, почнува изградбата на толку неопходниот нов Дом на културата за овој регион, со кој се продолжува традицијата на Партизанскиот дом „Сандево“.
„На површина од над шестотини квадратни метри, градиме мултинаменска сала со внатрешен сценски простор, амфитеатар, билетарница, гардероба и други придружни простории потребни за беспрекорно функционирање на една установа од ваков вид“. информираше Костадиновска-Стојчевска.
Со изградбата на оваа сала, рече министерката за култура, ја исполнуваме нашата должност да создаваме инфраструктура која има клучна улога во збогатувањето на животот на секој поединец, во развојот на уметничките таленти и во стимулирање на креативната енергија кај нашите млади.
Костадиновска-Стојчевска очекува првата фаза успешно да биде реализирана до крајот на годината и изрази уверување дека разновидноста на културните содржини во салата и на летната сцена, ќе ја направи Општина Чучер Сандево привлечно место не само за своите жители туку и за граѓаните од регионот.
Градоначалникот Комненовиќ изрази голема благодарност до министерката Костадиновска-Стојчевска и до Министерството за култура затоа што, како што рече, ја препознаа потребата на граѓаните на Општина Чучер–Сандево и што овозможија со значителни средства да ја поддржат оваа инвестиција.
„За Чучер Сандево, реализацијата на проектот поддржан од Министерството за култура преку капиталните дотации е по многу нешта значајна бидејќи жителите знаат како изгледаше сево ова до пред неколку години. Презедовме руинирани објекти, а со изградбата на новата сала ќе им овозможиме на жителите на овој регион на Скопска Црна Гора современи услови за одвивање културни активности од секаков вид“, рече градоначалникот Комненовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Министерството за култура и туризам на 60. јубилејно издание на Меѓународниот саем за туризам во Берлин
Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот Меѓународен саем за туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), што се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.
„ИТБ Берлин“ од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер е Ангола.
Македонската делегација на Саемот во Берлин, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
На националниот штанд од 93 м², годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.
Според Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава ја посетиле 91 290 германски туристи, а тоа претставува зголемување од 141 % во однос на 2024 година. Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 % споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ (city-break) во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација.
Учеството на Саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.
Култура
„Сила“ – концерт на Македонска филхармонија по повод Денот на жената
Во четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по Повод денот на жената, насловен „Сила“ кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција.
На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.
Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелие, Кралскиот Филхармониски оркестар на Ливерпул, Би-би-си Филхармонијата…Во сезоната 2021/22 дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…
Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо,Марин Алсоп… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.
Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и со современи оркестарски дела. Таа е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други.
Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим…
Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан.
Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.
Култура
Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум
По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).
Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.
Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.

