Култура
Костадиновска-Стојчевска: Танцот со својата креативност ја афирмира македонската култура

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, го честита Светскиот ден на танцот – денот кога танцот се слави како моќ на човечкиот дух, на уметничкото творештво и на значењето на танцовата сцена во обликувањето на модерната уметност.
„Министерството за култура го потврдува својот придонес кон сцената и останува партнер во афирмацијата на македонскиот танцов идентитет“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека танцот како креативна универзална уметност ја одразува и ја промовира македонската култура која има значајна историја на танци низ чие постоење се рушеле предрасуди и ограничувања.
Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека заедничките проекти го унапредуваат културниот дијалог и ја носат слободата на уметноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Солистички концерт на пијанистот Арда Мустафаоглу

На 6 октомври 2025 година, со почеток во 19:19 часот, во Салон 19:19 ќе се одржи солистички концерт на пијанистот Арда Мустафаоглу.
Публиката ќе има можност да ужива во програма што обединува различни музички епохи – неколку сонати од Доменико Скарлати и импресивната Соната „Апасионата“ од Лудвиг ван Бетовен.
На сцената ќе му се придружи и виолинистот Јаков Ангелов, со кого ќе ја изведе прочуената „Чакона“ од Томазо Витали.
Култура
Ретроспективна изложба на фотографии од Александар Кондев

Културно-информативниот центар – Скопје, на 7 октомври 2025 година во 20 часот, во изложбениот салон „Империјал 1 и 2“, ќе ја отвори ретроспективната изложба на познатиот македонски фотограф Александар Кондев.
Кондев, роден во Скопје во 1950 година, со децении е присутен на македонската културна сцена како автор на бројни самостојни и групни изложби, како и предавач по фотографија на Факултетот за ликовна уметност. Тој е еден од основачите на Фото клуб 25, членувал во управни одбори на фото клубови и на Фото сојузот на Македонија, а негови фотографии се дел од многу книги, монографии и сценски проекти.
Изложбата ќе биде отворена до 14 октомври 2025 година.
Култура
Министерот Љутков на „Мондијакулт“: Културните права и креативната економија се основа за инклузивен и одржлив развој

Во рамките на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој – Мондиакулт, што се одржува во Барселона, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, имаше свои обраќања на тематските сесии „Културни права“ и „Економија на културата“.
Во своето обраќање на тематската сесија „Културни права“, министерот Љутков нагласи дека културата не е привилегија, туку основно човеково право, загарантирано со Уставот на државата. Тој подвлече дека Македонија ја гради својата културна политика врз темелите на меѓународни документи, како Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања.
„Во нашата земја, приоритет претставува поддршката на културното изразување на сите заедници. Дополнително, особено внимание посветуваме на обезбедување еднаков пристап до сите сегменти од културниот живот за младите, за жените и за лицата со попреченост“, изјави Љутков.
Министерот се осврна и на значењето на меѓународната соработка преку партнерства со европските и со светските институции, програми за културна размена, реституција на културите добра и развој на дигитални платформи кои овозможуваат културна достапност за сите.
„Веруваме дека глобалниот дијалог е клучен чекор кон поинклузивна и просперитетна култура“, потенцираше тој.
Во рамките на сесијата посветена на креативната економија, министерот Љутков ја претстави стратегиската определба на Министерството за култура и туризам за поддршка и развој на културните и креативните индустрии и нивно позиционирање на меѓународната сцена.
„Нашата визија е Македонија да стане регионален центар за културна и креативна економија, земја која ги чува своите вредности, но е отворена кон светот“, истакна Љутков.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам веќе спроведе пилот-истражување за индустријата на видеоигри и започнати се активности за мапирање на целиот сектор на креативни индустрии. Овие иницијативи ќе овозможат да се креира рамка за нивен стратегиски развој и да се отворат нови квалификации и вештини во образовниот систем.
На крајот од обраќањето, министерот Љутков подвлече дека нашата земја чекори кон иднина каде што културата и креативната економија ќе бидат двигатели на одржлив развој.
Со учеството на „Мондиакулт“, Македонија како членка на УНЕСКО го зацврсти своето место во меѓународниот културен дијалог и уште еднаш ја потврди заложбата за градење политики за одржлив развој. Следната Светска конференција ќе се одржи во 2029 година во Ријад, Саудиска Арабија.