Култура
Костадиновска-Стојчевска: Уметниците што користат средства од Министерството за проекти во МКЦ ги советувавме да ги одложат за по изборите
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска била контактирана од уметници што користат средства од Министерстото за култура за нивните проекти во МКЦ откога беа отпуштени 30 хонорарци, што го забави работењето на установата.
Костадиновска вели дека за случајот како Министерството немаат конкретен одговор, и МКЦ не е во нивна надлежност, па тоа е нешто што ќе треба Државната комисија за спречување на корупцијата да го одговори.
„Тоа се хонорарци што работат месец за месец. Иако како што слушнавме, директорот им ветил дека ќе им ги продолжи договорите по изборите, сепак има одредени проекти што се ставени во опасност оти треба овој период да се реализираат. Ги советувавме корисниците дека најдобро да ги одложат овие проекти за по изборите, се разбора, доколку е тоа возможно“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Со одлука на директорот на МКЦ, Арбен (Бени) Шаќири, на 30 хонорарци од Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје не им беа продолжени договорите за работа откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) доставила писмо со препорака до Центарот. Шаќири објави дека по завршувањето на изборите, хонорарците кои се неопходни за функционирањето на Младинскиот културен центар ќе бидат повторно работно ангажирани.
Шаќири наведе дека одлуката да не им го продолжи договорот на 30 хонорарци ја донел врз основа на известување од ДКСК, која сугерира во изборниот процес да не се потпишуваат договори што ќе го оштетат буџетот во согласност со членот 8-а од Изборниот законик.
Директорот тврдеше дека не станува збор за своеволна еднострана одлука за прекин на договорите, туку се работи почитување на законите.
Во МКЦ во моментот нема ангажирано лица за предавања во Планетариумот, за реализација на програмските активности (технички лица и орагнизатори на настани), кафулето е целосно затворено, затворена е и „Апотеката“, а киното „Милениум“ работи со преполовена дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

