Култура
Костадиновска-Стојчевска: „Форумот на словенските култури“ е силен поддржувач на музејската дејност
Министерката Костадиновска-Стојчевска се сретна со директорката на меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, Андреа Рихтер, која е и претседател на Европската музејска академија.
За време на средбата беа истакнати улогата, значењето и активностите на „Форумот на словенските култури“, чија цел е поврзување и претставување на културата на словенските народи во светот.
Според Костадиновска-Стојчевска, музејската дејност, како една од севкупните области на дејствување во културата, е од особено значење за афирмацијата и промоцијата на култура и културното наследство, за едукација на граѓаните, а особено на младите за културните богатства и особености на словенските народи.
Министерката ја посети и работилницата „Музеите што значат – постојани музејски поставки и работа со посетители“, која во организација и во соработка со „Форумот за словенски култури“ се одржува во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола.
„Министерството за култура дава целосна поддршка на организацијата на семинари и работилници, на кои музејските работници и експерти ќе дискутираат на разни актуелни теми од областа на музеологијата, за создавање нов профил на музејската практика, соодветна на современото општество. Размената на искуства и добри практики ќе овозможи модернизација на постојните музејски поставки, систематско планирање на развојните активности, како и поврзување на музејските институции на меѓународно и на регионално ниво“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека активностите на Форумот, како и денешната работилница, ќе бидат уште еден поттик за збогатување на програмските содржини во музејските институции давајќи придонес во афирмацијата на културното наследство што го поседуваат словенските земји.
На крајот, министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека Северна Македонија и во иднина ќе продолжи со активна партиципација во Форумот, со цел да реализира што поголем број проекти, со кои ќе се создаваат високи културни вредности користејќи ја притоа културната сличност и различност како основен развоен контекст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Тоска“ на Мајските оперски вечери следната недела
Во рамките на престижниот фестивал Мајски оперски вечери, на 23 мај, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и Балет, ќе се изведе операта „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој оперски трилер.
Паоло Бресан од Италија диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов (Бугарија), сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога ќе настапи нашата оперска првенка, Весна Ѓиновска-Илкова, водечки драмски оперски сопран со совршена вокална динамичност и беспрекорна интонација. Остварила безброј оперски и концертни настапи, добитничка е на највисоките државни награди и признанија, во улогата на сликарот Каварадоси ќе настапи тенорот Никола Китановски, еден од најафирмираните оперски уметници од просторот на поранешна Југославија, кој со огромен успех веќе триесет и пет години остварува меѓународна професионална уметничка кариера, во улогата на злобниот Скарпија ќе настапи гостинот од Романија Лусијан Петреан, во улогата на Анџелоти ќе настапи нашиот бас Владимир Саздовски, чест гостин на светските оперски сцени.
Во другите улоги ќе настапат: Драган Ампов, Јане Дунимагловски, Тихомир Јакимовски, Димитар Кожухаров, Десанка Глигоријевиќ и Мирослав Антовски заедно со хорот и оркестарот на Национална опера и Балет.
Култура
Претставување на творештвото на илустраторот Мурат Калкаван, средба со писатели, саем на сликовници на „Литера“
Во рамките на фестивалот се одржува прв пат и Саем на сликовници и книги за деца, на кој учествуваат: „Арс Ламина“, „Чудна шума“, „Бата прес“ и „Артконект“.
Саемот е отворен до 20 часот, а ќе трае и утре во текот на денот. 17 мај, Скопје: Творештвото на турскиот илустратор Мурат Калкаван ќе биде промовирано денеска на пладне на третиот ден на 6. Меѓународниот литературен фестивал „Литера“ во Младинскиот културен центар. Калкаван, илустратор и уметник, роден е во Истанбул во 1983 година.
По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Мармара, тој се занимава со илустрација за проекти за рекламни агенции, брендови и издавачи на детски книги. Работел како уметнички директор за многу независни проекти за игри и произведувал визуелни слики кои го изразуваат неговиот стил. Калкаван го изразува својот свет нагласувајќи ги живописните бои и хумористичните елементи во неговите илустрации и го комбинира овој пристап со различни техники и уникатни карактери.
Продолжува да работи од неговото студио во Скопје. Калкаван во 18 часот ќе одржи и работилница за деца на возраст од 8 до 12 години со наслов „Моето замислено чудовиште“. Во 12 часот ќе биде промовирана и сликовницата „Здраво, јас сум Досада“ на авторката Гаје Оздамар и илустраторката Шејда Унал од Турција. Сликовницата е во издание на „Арс Либи“. Во 14 часот следува средба со македонски автори за деца, што ќе ја модерира Aлександра Тодоровиќ. Со своите читатели ќе се сретнат: Елизабета Баковска, Живко Грозданоски, Александра Симова и Денис Јанкуловски. Во 17 часот следува работилница за деца „Летаме заедно“ – како се изработува сликовница, работа во тимови.
Работилницата е наменета за деца од 9 до 13 години. Во 17.30 часот следува промоцијата на книгата „Бунтот на бројките“ од Јована Матевска Атанасова, а гостинка ќе биде илустраторката Љупка Стојкова. Во 18:30 часот следува работилница „10 минути пред спиење“ – Водич за родители како полесно да ги заспијат децата, што ја организира „Бата прес“, а во 19:30 часот – Цртаме тивка книга што ќе ја води Софија Семенпеева-Трајановска. Вчерашниот ден на фестивалот беше исполнет со богата програма, наменета за најмалите деца, до забавна програма за возрасни. Ученици од ОУ „Кирил и Методиј“ учествуваа на работилница посветена на Скопје, што ја водеше Александра Тодоровиќ, а се запознаа и со писателката Зејнеп Севде, која е гостинка на фестивалот. На темата „Големи приказни од мали земји“ „Литера“ организираше трибина на која разговараа: Никола Маџиров, Гоце Наумов, Живко Грозданоски и Јулијана Величковска. Илустраторката и писателка Гизем Ѓозде Учар одржа импресивна работилница со студенти и илустратори.
Во рамките на фестивалот се одржува прв пат и Саем на сликовници и книги за деца, на кој учествуваат: „Арс Ламина“, „Чудна шума“, „Бата прес“ и „Артконект“. Саемот е отворен до 20 часот, а ќе трае и утре во текот на денот. Фестивалот ќе биде затворен утре со доделување на наградите за најдобри изданија за деца. Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, Maarif International Schools, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.
Култура
Славица Купенкова на стрип-фестивал во Сомбор
На покана на клубот на љубители на стрипови од Сомбор, меѓу гостите на традиционалниот 9 интернационален фестивал на стрип и фантастика е поканета и Славица Купенкова од Скопје. Фестивалот ќе се одржи од 17 до 19 мај во просториите на Унгарското граѓанско казино.
Иако нејзиниот период за бавење со 9 уметност датира од 2021, за тој кус период нејзиниот талент и професионалност бргу доаѓаат до израз.
· На 18-ти, Меѓународен салон на стрип „Велес 2021“, Купенкова е добитник на наградата – Најдобар дебитантски стрип за стрипот „Училишни авантури на Јан“ каде се јавува како целосен автор – карикатурист по свое сценарио.
· Во 2022 година е една од финалистите на Меѓународниот натпревар на историски стрипови CAN FOR BALKANS-„Може за Балкан“, кој се одржа во периодот од март до јули 2022 година, Купенкова е добитник на едно од петте специјални признанија доделени од меѓународното жири за стрипот „Одисеја“
· Во 2022 година е цртач на наменски стрип на каталог на стрипови како дел од грантот – „За нашите соседи и пријател“ – преку РОМАЛИТИКО Скопје финансиран од страна на УСАИД. Како дел од истиот проект член е на жири комисијата по повод конкурсот за ученици -објавен од Стрип Центарот на Македонија – Велес.
Мегувремено, најдиректно се вклучува во Македонскиот стрип центар, како дел од организациониот тим, но и во групацијата на стрип автори којашто редовно го пропагира македонскиот стрип на разни конкурси и фестивали во Балканот и пошироко. Стриповите ги црта под сценарија на велешанецот Ѓоре Гелев.
Како што изјави таа, нејзе и е посебно драго што ќе биде во контакт со разни афирмирани стрип имиња од регионот. Својата получасовна промоција но и неформалните контакти таа ќе ги искористи за натамошно развивање на мегународни стрип мостови. Тука секако спаѓа и меѓународниот стрип салон „Велес 2024“ како најзначајна стрип манифестација кај нас којашто оваа година ќе се организира на крај од август во Велес.