Култура
Краткиот филм „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска на филмскиот фестивал во Талин
Краткиот филм „Само ѓаволот се плаши од вода“ во режија на Лидија Мојсовска, својата интернационална премиера ќе ја има на фестивалот за краток филм PÖFF Shorts, кој е дел од фестивалот Black Nights Film Festival – PÖFF во Талин, Естонија. PÖFF Shorts ќе се одржи од 15 до 23 ноември 2022 година.
Главните улоги ги толкуваат Ангел Ристоски, Анастасија Јованоска и Тинка Ристеска. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Лидија Мојсовска и Јаков Попоски, кинематографер е Бранко Аврамовски, монтажер Михаил Димитров, сценографијата е на Александра Чевреска, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Снежана Ангеловска Живковска, а музиката е на Ален и Ненад Синкауз.
„Само ѓаволот се плаши од вода” е приказна за Борис и Кира чие пријателство е ставено на тест, кога Борис под влијание на неговата баба ќе почне да се сомнева дека Кира е олицетворение на ѓаволот.
Интернационалниот фестивал за краток филм и анимација PÖFF Shorts, како дел од Black Nights Film Festival – PÖFF овозможува квалификација за Оскар, Европската филмска академија и БАФТА.
Филмски фестивал во Талин – Black Nights Film Festival (PÖFF) своето прво издание го имал во 1997 година, а денес е еден од најголемите филмски фестивали во Северна Европа и е дел од А-категоријата на филмски фестивали, заедно Кан, Венеција, Берлин, Карлови Вари и др.
„Само ѓаволот се плаши од вода” е втор краток филм на Мојсовска. Нејзиниот прв краток филм „Награда” (2018) беше прикажан на повеќе од 50 фестивали и освои 18 награди.
„Само ѓаволот се плаши од вода” е во продукција на „Лист продукција“ и „Слобода филм“, а во копродукција со Антиталент од Хрватска и е поддржан од Агенцијата за филм на Р Северна Македонија, See Cinema Network и Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Националната премиера на филмот се случи на ИФФК „Браќа Манаки“ во август оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

