Култура
Крестон Дејвис и Ана Вујановиќ и активистите од Fair-Coop доаѓаат на фестивалот КРИК
На програмата на КРИК, фестивал за критичка култура, во Музејот на современа уметност ќе се одржи предавање и разговор на тема „Заедници вон капитализмот: криптовалути, задруги и хоризонтала“.
Од 19 до 20:30 часот ќе се одржи предавање „Дали криптовалутите можат да придонесат во создавање на нов модел на производство на Крестон Дејвис (САД)“. Во првиот дел од своето предавање Крестон Дејвис ги истражува историјата и основните причини за неуспехот на либералната демократија од економско, политичко и културно гледиште. Во вториот дел тој ќе ја анализира организацијата на алтернативата на неолиберално-фашистичката моќ преку транснационалниот образовно-економски („едуменски“) систем на производство заснован на: (a) крипто; и (б) кооперативниот модел на сопственост, како што се, на пример, Fair-Coop и Глобалниот центар за напредни студии (GCAS).
Крестон Дејвис е основач и директор на GCAS. Заедно со Славој Жижек, Клејтон Крокет и Џефри Робинс, во моментов ги коуредува Insurrections: Critical Studies in Religion, Politics & Culture (академска серија книги објавени од Columbia University Press). Има објавено повеќе книги, вклучувајќи го Paul’s New Moment (заедно со Славој Жижек и Џон Милбанк), The Monstrosity of Christ, Hegel & the Infinite (заедно со Жижек и Клејтон Крокет), Theology & the Political (заедно со Жижек и Милбанк), Theology after Lacan: A Passion for the Real (заедно со Маркус Паунд и Крокет), и Contradiction & America (заедно со Ален Бадиу). Неговите дела се објавени во Rethinking Marxism, Angelaki, Political Theology, Philosophy Today и други списанија. Го има напишано предговорот на Philosophical Temperaments: From Plato to Foucault and co-edited New Slant од Петер Слотерџик (академска серија книги објавени од Duke University Press). Покрај академските списи, тој пишува и за The European Magazine, Al Jazeera, Truthout, и The Huffington Post, а има напишано два романи (кои претстојат). Крестон Дејвис е, исто така, професор по филозофија на Alma Mater Europaea.
Од 20:30 до 22 часот ќе се одржи презентација – Одбегнување на исклучувањето во финансиите и економијата, алтернативни решенија: FAIRCOOP и BANK OF THE COMMONS. Целта на постоењето на Fair-Coop е да се создаде нов, иновативен, глобален, економски систем од самиот почеток, во корист на еден алтернативен и посткапиталистички модел кој би отворил пат кон колективна промена и заеднички соживот. Соработка, солидарност и транспарентност се основни средства за создавање на вистински правен систем, еднаков за сите. Клучни фактори за нивниот успех се развојот и употребата на моќни меѓусебно поврзани дигитални алатки (глобално) и регионални мрежи (локално). Тие ги користат времето и енергија конструктивно и заеднички создаваат вистински алтернативи, преку примена на теориите во реалноста. Нивната цел е создавање глобална мрежа на самоорганизирани и самуправувачки локални заедници и поединци, независни во однос на насилната централизирана моќ и ограничувањата од истата.
Акциите на Fair-Coop заедницата се засноваат на три главни гранки на веќе постоечките принципи: Integral Revolution, P2P Collaboration, Hacker Ethics.
В сабота (15 декември) на КРИК 03 гостува познатата теоретичарка Ана Вујановиќ (Србија/Германија), која во МСУ, со почеток од 19,30 часот ќе одржи предавање на тема „Неколку размисли за под-идентитетот“.
Во моментот на преиспитување на општествените категории, како што се нацијата и мноштвото, Ана Вујановиќ во своето предавање ќе отвори нови перспективи во промислувањето на идентитетите. Неодамна, идентитетските политики повторно станаа актуелни во уметноста и пошироко. Тоа може да биде корисен либерален и централно-лев инструмент во актуелниот европски контекст, кој се дефинирана со подем на десничарската политика и бегалската криза. Сепак, полемичкото прашање на Вујановиќ е дали политиката на идентитетот е најефикасниот инструмент за борба против екстремно десничарскиот национализам и популизам или можеби треба сите заедно да го смениме речникот. Со своето предавање, Вујановиќ сака да ја нагласи важноста да мисли „перформативноста на отпорот како гест на измислување нови, солидарни политички и социо-културни наративи“. Токму затоа таа предлага да се продлабочат разбирањето на индивидуата и сингуларноста како подидентитетски категории на заедничкото. Низ предавањето ќе се акцентираат некои предлози што произлегуваат од современиот танц и изведувачките уметности, како што се оние од Лигија Луис и Дорис Улих, преку тезите за пре- и транс-индивидуалност на Пол Вирно, Гилберт Симонун и раните фази на Маркс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



