Култура
„Лет над кукавичкото гнездо“ не може да се замисли без Николсон, но улогата не била наменета за него
Иако од денешна перспектива изгледа речиси невозможно некој да одбил улога во славниот филм „Лет над кукавичкото гнездо“, тоа сепак се случило.
Адаптацијата на Милош Форман денес со право се смета за еден од најдобрите филмови некогаш снимен, а тој филм едноставно е незамислив без Џек Николсон во улогата на Рендал Мекмерфи.
„Лет над кукавичкото гнездо“ стана дури вториот филм во историјата на Оскарот што ја освои „големата петорка“ — наградите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобар актер, најдобра актерка и најдобро адаптирано сценарио.
Џек Николсон и неговата незаменлива улога
Џек Николсон беше во извонредна форма како Рендл Мекмерфи, во улога која без проблем се вбројува меѓу најдобрите во американската кинематографија. Рамо до рамо со него беше и Луиз Флечер како сестра Рaчед. Нивната динамика била оформена со таен пристап кон ликовите, за кој знаеле само нив двајцата за време на снимањето.
Кирк Даглас копнеел по улогата
Мнозинството што го гледале филмот знаат дека Кирк Даглас копнеел по главната улога, затоа што претходно ја играл на Бродвеј, но во семејството настанал раздор кога неговиот син Мајкл Даглас го исклучил од конкуренција, бидејќи веќе бил престар за таа улога. Мајкл Даглас освои Оскар како продуцент на филмот, но требало време нивниот однос да се опорави, пишува „Фар аут магазин“.
Ѕвездата на „Спартак“ сакал да ја предводи актерската екипа, но улогата не му била понудена, а неколку други актери биле повикани да ги толкуваат Мекмерфи и сестра Рачед. Тие ја одбиле можноста — веројатно подоцна горко жалејќи, бидејќи Николсон и Флечер ги освоија своите награди.
Актерите кои ги одбиле улогите на Мекмерфи и сестра Рачед
„Знаете, Џин Хекман ја одби улогата“, изјавил помладиот Даглас за „Ентертејмент викли“.
„Мерлон Брандо ја одби. Милош некое време имаше луда идеја за Берт Рејнолдс.
Џејмс Кан исто така бил меѓу актерите кои ја одбиле улогата на Мекмерфи, отворајќи му го патот на Николсон да ја испорача улогата која му го донесе првиот од неговите три Оскари.
Тешката потрага по совршена сестра Рачед
Пронаоѓањето на совршената актерка за улогата на сестра Рачед исто така не било лесна задача, особено поради околностите кои ја следеле конечната одлука за Луиз Флечер.
„Секоја глумица, секоја позната глумица ја одби таа улога, затоа што во 1973/74, во време на Движењето за ослободување на жените, не беше ‘кул’ да се игра негативец. Не беше ‘кул’ да се игра кучка“, објаснил Даглас.
„Така и Џералдин Пејџ и Ен Бенкрофт, вкупно пет глумици, ја одбија улогата. Луиз Флечер имаше мала улога во Алтмановиот ‘Thieves Like Us’ и сними пробна сцена за нас. Беше совршена, но имаше тивок глас. Знаете, тивок глас, но оние челични сини очи за кои пишува Кен Кизи во книгата. Беше прекрасна жена и се појави од никаде.“
Лили Томлин првично била избрана за сестра Рачед, додека Флечер се подготвувала повторно да работи со Алтман на филмот „Nashville“. На крајот тие две ги замениле местата.
Може да се каже дека сè испаднало токму како што требало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).
Култура
„Дедо мраз дојде со воз“: специјална новогодишна театарска претстава за деца на Железничка станица – Скопје
Училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“, заедно со Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници А.Д. Транспорт и оваа година ја продолжуваат успешната приказна што предизвика позитивни реакции кај илјадници посетители.
Интерактивната претстава ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации:
– Музејската постановка на Македонски железници
– Театарска претстава во салон
– Посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот, истакнува организаторот.
„Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „ШПАНЕЦ“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата“.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и 40 ученици од училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: Локомотива создадена далечната 1942 година, серија 33 и Вагон што е изработен 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70. години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „ШПАНЕЦ“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.

