Култура
Проектниот простор „Локомотива – Кино Култура“ стана членка на Европската мрежа на танцови куќи
Проектниот простор „Кино Култура“, претставуван од „Локомотива“, стана член на ЕДН – Европската мрежа на танцови куќи/EDN – European Dancehouse Network.
„Ова учество во мрежата ЕДН за нас значи дека ‘Кино Култура’ како проектен простор за современи изведувачки уметности, меѓу кои танц и перформанс, беше препознаен и поддржан од меѓународните партнери“, велат од „Локомотива“.
Партнерот „Локомотива“ како членка на мрежата ќе има можност да ги зајакне механизмите за застапување и залагање за постојан простор и институција, која ќе го поддржува развојот на современите изведувачки уметности, како танц и перформанс, во земјата.
„Се надеваме дека локалните и националните власти, конечно, ќе ја препознаат потребата за дом или еден одржлив простор и институција, која ќе одговори на потребите на уметниците што творат во тоа поле во земјата, а ќе помогнат овој проектен простор да прерасне во еден таков дом.
Покрај нас, како нови членки на мрежата беа прифатени и две други организации од регионот: „Станица-сервис за современ танц“ од Белград и Танцовиот центар „Дерида“ од Софија“, додава „Локомотива“.
ЕДН е мрежа за соработка и доверба помеѓу европските танцови куќи, кои споделуваат заедничка визија за интернационален развој на танцовата уметност, управувана од нејзините членови преку Собранието и одборот на директори. Клучна мисија на мрежата е да соработува за да обезбеди одржлива иднина на танцовиот сектор и да ја подобри релевантноста на разновидните изведби во општеството. ЕДН поддржува платформа за меѓукултурна размена, развива заеднички проекти, споделува увид во нив и ги доразвива нашите организации, благодарение на информациите од здруженија, работа на теми од културата за вклучување на малцинствата и поттикнува активна кампања за културно учество, промовира размена за уметнички развој, курира, презентира, копродуцира проекти итн.
Досегашни членови на мрежата се: Dampfzentrale Bern (Швајцарија), Dansens Hus (Шведска), Bora Bora (Данска), Dance House Lemesos (Кипар), Dance Limerick (Ирска), Kino Šiška (Словенија), Mercat de les Flors (Шпанија), DanceEast (Велика Британија), TROIS C-L (Луксембург), La Briqueterie (Франција), Tanzhaus nrw (Германија), Sadler’s Wells (Велика Британија), KLAP (Франција), Centre National de la Danse (Франција), Dansateliers (Холандија), Art Stations Foundation (Полска), Dance City (Велика Британија), K3 Zentrum für Choreographie (Германија), HELLERAU (Германија), STUK (Белгија), Form (Финска), Dansmakers Amsterdam (Холандија), DansBrabant (Холандија), Centro per la Scena Contemporanea (Италија), Base Dance (Велика Британија), Hrvatski institut za pokret i ples (Хрватска), Tanec Praha (Чешка), Dansehallerne (Данска), Tanzquartier Wien (Австрија), Dance Ireland (Ирска), Association pour la Danse Contemporaine (Швајцарија), Dance Gate Lefkosia (Кипар), La Place de la Danse (Франција), Tanzhaus Zürich (Швајцарија), The Place (Велика Британија), Trafó (Унгарија), Maison de la Danse (Франција), O Espaço do Tempo (Португалија), Duncan Dance Research Center (Грција), Dansens Hus Oslo (Норвешка), DeVIR | CAPa (Португалија), Lavanderia a Vapore (Италија).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

