Контакт

Култура

Маестро Најден Тодоров со Софиската филхармонија гостува во Скопје

Објавено пред

Софиската филхармонија на 11 март, со почеток во 20 часот, гостува во салата на македонската Филхармонија. Под диригентската палка на маестро Најден Тодоров, кој воедно е и актуелен министер за култура во владата на Бугарија, ќе прозвучи програма со дела од Вангелис, Ханс Цимер, Енио Мориконе, Дмитри Шостакович и Џон Вилијамс. Концертот е со наслов „Новата класика“, а солист ќе биде обоистот Владимир Лазаревски. Концертот се организира во соработка со бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје.

dobivaj vesti na viber

Филмската музика, првично создадена како обид за подобрување на влијанието на киното, одамна стана класика и е дел од репертоарот на симфониските оркестри. Софиската филхармонија редовно одржува тематски концерти посветени на киното. За концертот во Скопје маестро Тодоров избра некои од најголемите ремек-дела на филмската музика од филмовите, како „Пиратите од Карибите“, 1492: Conquest of Paradise, „Мисијата“, „Хари Потер“, „Индијана Џонс“ и „Војна на ѕвездите“.

Повеќе од три децении талентот на Најден Тодоров достигнува нови врвови во разни жанрови и се наметнува на најпрестижните сцени во светот. На крајот на 2022 година, неговите концерти во Богота со Националната филхармонија на Колумбија, со познатиот виолончелист Сантијаго Канон-Валенсија како солист, како и концертот со Симфонискиот оркестар на Сан Ремо, доживеаја голем успех. Во ноември 2022 година со Софиската филхармонија тој гостуваше во Загреб, а во декември во големата сала на Берлинската филхармонија. Во меѓувреме, во октомври Најден Тодоров го презеде својот втор мандат како директор на Софиската филхармонија по презентирањето на брилијантно одбранетиот концепт за просперитет на националниот оркестар на Р. Бугарија.

Неговата професионална кариера почнува во пловдивското музичко училиште „Добрин Петков“, каде што на 16-годишна возраст дебитирал како диригент, а го создава младинскиот оркестар „Пловдив“, со кој учествува на неколку европски турнеи. Студирал диригирање кај Крстју Марев и Александар Владигеров, од 1993 година бил студент кај Урош Лајовиц и Карл Остерајхер на Универзитетот во Виена, во 1996 година специјализирал на Музичката академија „Рубин“ во Ерусалим кај Менди Родан. Магистрирал на Новиот бугарски универзитет, докторирал на Универзитетот во Лондон и насока културен менаџмент на Новиот бугарски универзитет. Бил стипендист на Меѓународната фондација „Св. Кирил и Методиј“, Фондацијата „Боргезе“, Ротари-клубот – Виена и швајцарската Фондација „Георг Вехтер“.

Првиот постојан меѓународен ангажман го доби во 1998 година во Хаифа, Израел, каде што беше избран меѓу повеќе од 150 кандидати за диригент на Симфонискиот оркестар на северен Израел. Во следните години ги посетил најголемите културни центри во Европа, Азија, Африка и во Америка. Од 2000 година, на 26 години, е музички директор на Пловдивската опера и Филхармонијата. Во операта во Пловдив ја изведе суперпродукцијата на Дарио Фо, „Севилскиот бербер“ од Росини, со која беше на турнеја во Холандија, Германија и во Велика Британија. Наградата „Пловдив“ ја доби за концертот со Пловдивската филхармонија и Џон Лорд.

Од 2001 година почнува неговото постојано партнерство со Рајна Кабаиванска, тој ги диригирал не само концертите на нејзините мастер-класи во Бугарија туку и нејзините настапи во Италија и Шпанија. Во 2002 година дебитира во Софиската опера, со која изведуваше претстави, концерти и сними многубројни оперски албуми со познати пејачи, гостуваше на оперскиот фестивал „Солотурн“, а првата заедничка продукција ја реализира со швајцарскиот режисер Џан Џаноти. На покана на диригентот Михаил Ангелов станува уметнички директор на Операта и на Филхармонијата во Бургас, а подоцна и на хорот „Дунавски звуци“ во Русе. Од 2004 година е диригент на популарната продукција „Ноќта на петте тенори“, со која ги посети Берлинската филхармонија, „Херкулес саал“ во Минхен, „Лајсхале“ во Хамбург, „Лидерхале“ во Штутгарт, „Алтеопер“ во Франкфурт, „Мајстерсингерхале“ во Нирнберг итн. Од 2005 година има контакти со Грандопера Вичита, каде што реализира разни продукции со светски изведувачи.

Во периодот од 2005 до 2017 година Најден Тодоров беше директор на Државната опера во Русе, со која настапуваше во Австрија, Швајцарија, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Белгија, Холандија, Луксембург, со бугарски и странски пејачи. Сними неколку ЦД-иња со Филхармонијата во Русе, едно со дела од Панчо Владигеров за Наксос. Објавено е ДВД од концертот во Букурешт со Филхармонијата во Русе и Џон Лорд. Со балетот на Операта во Русе тој почнува турнеи во Италија, Јужна Кореја и во Дубаи. Поставката на „Катерина Измаилова“ од Шостакович под режисерската палка на Вера Немирова беше објавена во специјална програма на австриската телевизија, како и во магазинот DieOpernwelt. За својата работа со Операта во Русе, Најден Тодоров доби неколку „Кристални лири“, наградите „Златна книга“, „Емил Чакеров“, музичар на годината и титулата почесен граѓанин“п на градот Русе.

Во 2006 година дебитира со Берлинскиот симфониски оркестар и една година подоцна беше поканет да диригира на турнеја во најголемите градови во Јапонија, во 2009 година го одржа својот прв концерт во салата „Чајковски“ во Москва, а во 2010 година дебитира во Виенската народна опера со изведбите на „Оревокршачка“ од Чајковски со Виенскиот државен балет. Најден Тодоров диригирал стотици симфониски концерти, оперски и балетски претстави во Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Велика Британија, Романија, Србија, Република Северна Македонија, Косово, Полска, Чешка, Словачка, Турција, Русија, Израел, Египет, Кина, Јужна Кореја, САД итн. Учествувал и во меѓународни кросовер-проекти, како концерти со Џон Лорд, Анастасија, Даги Вајт, Ана-Марија Кауфман, Стив Балсамо, Касија Ласка итн. Во 2019 година „Дизни“ го организира првиот концертен настап на „Војна на ѕвездите“ (StarWarsinaConcert) во најголемите градови во Кина, со Софиската филхармонија под диригентската палка на Најден Тодоров.

Во Бугарија има работено апсолутно со сите симфониски оркестри и оперски куќи, но особено е поврзан со Софиската филхармонија, со која дебитира во 2001 година. Од 2004 година е нејзин постојан гостин диригент, подоцна главен диригент, а од 2017 година е нејзин директор. За изведбата на Втората симфонија на Малер со Филхармонијата (2005) ја добива својата прва „Кристална лира“. Истата година направи нов запис на националната химна на Бугарија со солистите Рајна Кабаиванска, Никола Ѓузелев, Роберта и Орлин Горанов. За промоција на бугарската музика, со Филхармонијата ја добил наградата „Златен квинтет“ на Сојузот на бугарските композитори, наградата „Златна книга“, како и Плакета на претседателот на Република Бугарија итн. Во 2008 година со Софиската филхармонија и солистите Светлин Русев, Људмил Ангелов и Борислав Јоцов дебитира во салата на УНЕСКО во Париз. На почетокот на 2018 година диригирал со Филхармонијата на концертот на отворањето на Бугарското претседателство со Европскиот совет во салата БОЗАР во Брисел, со солистите Соња Јончева и Људмил Ангелов. Во 2019 година со Филхармонијата со голем успех одржа концерти во златната сала на „Музикфераин“ во Виена и во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Во мај 2022 година повторно триумфира со Софиската филхармонија во златната сала на „Музикфераин“. Во септември ја диригира првата турнеја во Бугарија на Виенскиот симфониски оркестар. На концертите со Софиската филхармонија негови партнери се познати музичари, како Рајна Кабаиванска, Ангела Георгиу, Соња Јончева, Веселина Кацарова, Пол Бадура-Шкода, Јуриј Башмет, Патриција Копачинскаја, Сара Чанг, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиутиан Капусон, Мидори, Пласидо Доминго, Марта Аргерич, Емануел Пају, Катја и Мариел Лабек, Сергеј Накарјаков, Гидон Кремер, Марија Жоао Пирес, Ками Тома, Иво Погорелиќ и многу други.

Најден Тодоров од 2018 година стана водител на емисијата „На концерт со БНТ 2“. Тој одржува курсеви за оркестарско диригирање во Бугарија и мастер-класи во Португалија и Шпанија. Бил член на жирито и претседател на меѓународниот натпревар по диригирање „Син Дунав“ и претседател на жирито на натпреварот „Гена Димитрова“.

Во 2019 година Најден Тодоров вторпат е избран за музичар на годината, во 2020 година ја добива хуманитарната награда „Богдан Богданов“, на 1 ноември 2021 година повторно е награден со „Кристална лира“. Во септември 2022 година добива и награда за култура на Град Софија.

Култура

Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија

Објавено пред

Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.

dobivaj vesti na viber

Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.

Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.

Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.

Прикажи повеќе...

Култура

Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница

Објавено пред

Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.

dobivaj vesti na viber

Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.

Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:

„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“

Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

Прикажи повеќе...

Култура

Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград

Објавено пред

На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.

dobivaj vesti na viber

Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.

Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.

Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.

„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.

Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.

Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.

Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“

Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 минути

Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен, велат од „Вреди“

Артан Груби е црната кутија на ДУИ. Не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае...

Европа1 час

Британската влада ќе објави доверливи документи за назначувањето на поранешниот принц Ендру

Британската влада ќе објави доверливи документи за назначувањето на поранешниот принц Ендру за трговски претставник, што е резултат на жестока...

Свет2 часа

(Видео) Во своето обраќање до нацијата, Трамп го спомена и убиството на Украинката: „Ќе обезбедиме правда“

Американскиот претседател Доналд Трамп во своето обраќање пред Конгресот ја спомена 23-годишната Украинка Ирина Заруцка, која беше брутално убиена во...

Свет2 часа

Трамп за Венецуела: Добивме 80 милиони барели нафта од нашиот нов партнер

Американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша Венецуела како „сојузник“ на САД во своето обраќање за состојбата на нацијата во вторник,...

Свет2 часа

(Фото) Откриена најголемата колонија на корали во светот во близина на Австралија

Тим од мајка и ќерка, и двете граѓански научници ја откри најголемата позната корална колонија во светот покрај брегот на...

Свет3 часа

(Видео) Расте бројот на жртви по обилни дождови во Бразил

Бројот на жртви од обилните дождови што ја погодија југоисточната бразилска држава Минас Жераис се искачи на најмалку 25, а...

Свет3 часа

(Видео) Трамп: „Победуваме толку многу што веќе не знаеме што да правиме со тоа“

Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи „златно доба“ за Америка во своето обраќање за состојбата на нацијата во вторник. „Нашата нација...

Македонија17 часа

ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката

Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна...

Македонија19 часа

Одземени лиценците за канабис на шест фирми: не им работеле камерите, немале обезбедување, едно имале на хартија друго во магацин

На шест од досега провери 13 компании им се одземени лицентие за одгледување канабис за медицински цели. Министерот за здравство,...

Топ20 часа

Битолчанец пријавен за обид за убиство на своите деца и напад врз полицајци

СВР Битола поднесе кривична пријава против В.Ф. (42) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство“...

Македонија21 час

Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини

По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по...

Македонија22 часа

Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе...

Македонија23 часа

Обвинителството за куќниот притвор на Груби: Се водиме исклучиво од законските основи

Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води...

Европа1 ден

(Видео) Зеленски го покажа својот бункер од почетокот на војната и им испрати порака на Украинците

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео порака по повод четвртата годишнина од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина,...

Македонија1 ден

Артан Груби ќе одговара за милионскиот криминал, следува одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ

По повеќе од година дена поминати во бегство на граничниот премин Блаце е приведен поранешниот вицепремиер во коалицијата на СДС...

Македонија1 ден

„Али Ахмети чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник, Артан Груби знае премногу“, велат од ВЛЕН

„Стариот лисец Али Ахмети од вчера, од мајстор на политичкиот занает, стана ранет играч кој чека политичка егзекуција од поранешниот...

Македонија1 ден

Штедачите на Еуростандард банка: Пет и пол години од пропаѓањето на банката, случајот сè уште нема судска разрешница

Поминаа повеќе од пет и пол години од пропаѓањето на Еуростандард банка, а случајот сè уште нема судска разрешница. Голем...

Свет1 ден

Зеленски: Вашингтон треба да биде со демократска земја која се бори против еден човек

Соединетите Американски Држави „треба да застанат покрај демократска земја која се бори против еден човек“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски,...

Свет1 ден

Ник Рајнер негираше вина по обвинението за убиството на мајка си и татко си

Ник Рајнер (32), син на познатиот холивудски режисер Роб Рајнер и фотографката Мишел Сингер Рајнер, се изјасни за невин во...

Европа1 ден

(Видео) Бомбашки напад во Москва: Убиен полицаец, двајца повредени

Еден полицаец беше убиен, а двајца други беа ранети во експлозија рано утрово во центарот на Москва, откако вооружен човек...