Култура
Македонската филхармонија ќе гостува во Подгорица и Дубровник
Оркестарот на Македонската филхармонија следната недела ќе гостува во Подгорица (4 јули) и во Дубровник (6 јули). Во Подгорица концертот ќе се одржи во Музичкиот центар на Црна Гора, а во Дубровник оркестарот на Филхармонијата ќе настапи во „Књежев двор“. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Kамиј Сен-Санс, „Пајдушкото“ од македонскиот композитор Филип Иванов и Симфонија бр. 4 од Лудвиг ван Бетовен, а на концертот во Дубровник ќе биде изведено и делото „Идила“ од хрватскиот композитор Благој Берса. Диригент е Борјан Цанев, а како солистка ќе настапи македонската пијанистка Марија Ѓошевска.
„По успешното гостување во Белград и Ниш, сега следува турнеја во Црна Гора и Хрватска, каде што знам дека повторно ќе се претставиме во одлично светло и ние како институција и, секако, нашата држава. Гостувањето во Хрватска го реализираме на покана на Симфонискиот оркестар во Дубровник, а во Подгорица, два дена претходно, настапуваме благодарение на несебичната поддршка на Министерството за култура на Црна Гора и амбасадорката на Црна Гора во РС Македонија, Марија Петровиќ. Од огромно значење е и ова меѓународно претставување како круна на концертната сезона, која беше исполнета со голем број успешни настани. За впечатоците потоа, а сега можам само да кажам дека сум навистина среќна што Македонската филхармонија чекори гордо по патот што го зацрта“, вели Тина Иванова, директорка на Филхармонијата.
Добитникот на македонското признание „Виртуози“ за најдобар музички изведувач во 2013 година, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент диригент на сер Колин Дејвис на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис.
Марија Ѓошевска е еден од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари, од кои се издвојуваат следните награди: прва награда на републичките натпревари по пијано, финалист на меѓународниот натпревар по пијано во Усти над Лабен – Чешка (1995), финалист на меѓународниот натпревар во Сенегалија – Италија (1996), трета награда на меѓународниот натпревар „Никола Рубинштајн“ во Париз – Франција (1997), прва награда на натпреварот за полифонија на Факултетот за музичка уметност – Скопје (1999, 2000, 2001). Како солист и камерен музичар настапувала во САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Битолскиот диригент Владимир Димовски гостува во Ниш
Битолскиот диригент Владимир Димовски ќе гостува во Ниш, каде ќе диригира со Нишкиот камерен оркестар на концерт посветен на творештвото на Антонио Вивалди. На програмата е „Четирите годишни времиња“, едно од најзначајните и најизведувани дела од барокниот репертоар. Концертот ќе се одржи денеска во Офицерскиот Дом во Ниш со почеток од 19 часот.
Роден во 1984 година во Битола, Димовски своето музичко образование го започнува на отсек виола, а академската надоградба ја продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште за време на студиите се истакнува како водач на групата виоли, што претставува рана најава за неговата подоцнежна уметничка и диригентска определба. Во периодот од 2004 до 2025 година, Владимир Димовски е ангажиран во Македонска опера и балет како виолист и заменик-водач на групата виоли.
Владимир Димовски е основач на НУ Камерен оркестар на Битола, институција која по повеќегодишна негова уметничка и организациска посветеност, во декември 2023 година го доби статусот на национална установа, заедно со првите вработувања реализирани под негово водство. Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола како виолист, а повремено настапува и како диригент, активно учествувајќи во креирањето и реализацијата на концертните програми.
Со повеќе од 25 години искуство во диригирање и работа со различни камерни и симфониски оркестри, Димовски го гради својот диригентски израз не како формална дипломска определба, туку како резултат на лична желба, уметничка страст и континуирана практична работа на сцената, низ долгогодишно водење ансамбли и реализација на комплексни музички проекти.
Паралелно со институционалната работа, веќе 13 години тој е уметнички раководител и диригент на Оркестар DIVA (претходно Битолски Камерен Оркестар), независен ансамбл со јасно профилиран уметнички концепт, насочен кон спојување на класичната оркестарска традиција со современи, поп и рок музички проекти.
Како автор и диригент, Владимир Димовски стои зад бројни оригинални и препознатливи проекти, меѓу кои „Виена во Битола“, „Rock Symphony“, „James Bond Symphony“, „John Williams Symphony“, „Stars Symphony“, „Flowers Symphony“ и многу други. Овие проекти, чиј уметнички концепт и реализација се негово авторско дело, стекнаа значајна популарност и беа изведувани низ Македонија и регионот.
Покрај диригентството, Димовски е активен и како автор на аранжмани и оркестрации, со над 400 реализирани дела за камерни и симфониски состави.
Гостувањето во Ниш претставува уште една потврда за неговиот активен диригентски ангажман и за континуираната регионална уметничка соработка.

