Култура
Македонскиот краток филм „Мала шега“ во официјална селекција на престижен филмски фестивал во Данска
Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“, кој беше во конкуренција со 4.140 кратки филма од светот, влезе во официјална селекција на престижниот филмски фестивал во Оденсе, Данска. Во официјалната селекција влегоа 149 филма од 39 земји, меѓу кои и филмот „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски, во продукција на „ДНФ филмс“ и копродуциран од ИРЛ од Македонија и „Изван фокуса“ од Хрватска, во соработка со „Вардар филм“, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Оф фестивалот (Меѓународен филмски фестивал – Оденсе) се одржува секоја година од 1975 година во срцето на Данска, а кратките филмови, кои се прикажуваат на овој фестивал, се квалификуваат за „Оскари“ и за Европските филмски награди (ЕФА). Оваа година фестивалот ќе се одржува од 26 август до 1 септември во Оденсе.

Краткометражниот филм „Мала шега“, кој раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура, е во режија на Трифун Ситниковски. Фестивалот го опиша филмот како „емотивна приказна претставена во ноти на летна поезија“.
Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски.

„Мала шега“ е приказна за љубовта и најстрашното нешто во животот на еден тинејџер – анксиозноста од она што претстои. Како што Надија се приближува кон крајот на своето средношколско патешествие, таа се соочува со клучна одлука што ќе ја обликува нејзината иднина. Дали треба да остане во својот роден град меѓу познатото и нејзините стари пријатели? Или треба да оди во странство и да студира? Едно момче ја прави оваа одлука особено тешка да се донесе. Кога чувствата се само другарски, а кога нешто повеќе? Оваа внатрешна борба се развива во заднина на една опасна авантура, која секогаш се чини дека кулминира со исповедта: „Те сакам, Надија!“

Ситниковски е млад режисер, кој работи во филмската индустрија повеќе од десет години и има снимено повеќе од десетина кратки играни филма и документарни филмови, а моментно работи како режисер на истражувачкиот документарен серијал „Редакција“ во копродукција на Истражувачка репортерска лабораторија и македонскиот јавен сервис. Овој филм е воедно и прва продукциска работа на ИРЛ на играна содржина во рамките на нивната програма за поддршка на млади филмски автори, кои дејствуваат во областа на филм од јавен интерес.
Оф фестивалот (Меѓународен филмски фестивал – Оденсе) се одржува секоја година од 1975 во срцето на Данска, а кратките филмови што се прикажуваат на овој фестивал се квалификуваат за „Оскари“ и за Европските филмски награди (ЕФА). Оваа година фестивалот ќе се одржува од 26 август до 1 септември во Оденсе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.
Култура
Македонскиот филм „17“ на Берлинскиот филмски фестивал
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на овогодинешниот 76-ти Берлински Филмски Фестивал.
Ова беше денес соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови, на светско ниво.
Во Берлинале Перспективи, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал
Култура
Изложба на фотографии и проекција на документарен филм „Старата скопска чаршија: визии за иднината”
Францускиот институт во Скопје со најава за изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзаланата сала.
Проектот имаше за цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство, нагласува организаторот.
Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници – по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура – во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Свеченото отворање ќе се одржи во четврток, 22 јануари 2026 година, во 19:00 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Настанот ќе го отворат: Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција и Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
По повод одбележувањето на Елисејскиот договор, Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Во рамките на настанот, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот.

