Култура
Македонскиот филм повторно во Кан
Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година ќе биде присутна на филмскиот маркет кој се одржува од 17 до 25 мај во рамки на Канскиот филмски фестивал каде ќе биде промовирана македонската кинематографија.
Од најновата филмска продукција поддржана од Агенцијата за филм, проекции на маркетот на Канскиот филмски фестивал ќе имаат и долгометражните филмови „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и продукција на Скопје филм студио, „Кома“ во режија на Агим Абдула, а во продукција на Галактика филм, и „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова и продукција на ДНФ филм.
„Мими“ | Даријан Пејовски | 23. мај (понеделник) | PALAIS G | 9:30
„Кома“ | Агим Абдула | 23. мај (понеделник) | PALAIS G | 12:00
„Преекспонирано“ | Елеонора Венинова | 23. мај (понеделник) | PALAIS I | 16:30
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски (Сузи Кју продукција) е селектиран во Каталогот на Канскиот филмски маркет за краткометражни филмови (Short film corner / Cannes court metrage / rendez vous industry). Проекцијата во рамките на филмскиот маркет е закажана на 26 мај, 2022 (четврток) во PALAIS H во 16:30 часот.
Меѓу другото, нашата продуцентка Марија Димитрова е избрана меѓу 20-те Producers on the move, програма на European Film promotion, меѓународна мрежа за филмска промоција каде Агенцијата за филм е членка. Воедно, режисерката Дина Дума ќе биде присутна во резиденцијалната програма Residence du Festival која се одржува во соработка со француското CNC, каде на 18 мај ќе го презентира новиот проект во развој Skateboarding is not for girls.
„Освен ова успешно претставување на нашата кинематографија на престижниот Кански филмски фестивал, Агенцијата за филм ќе реализира низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот.
Македонскиот штанд во SEE павилјонот ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал.
Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE pavilion), а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата. Покрај промотивниот штанд Агенцијата за филм ќе биде присутна и на онлајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа Marche du film online.
75. издание на Канскиот филмски фестивал ќе биде отворено со светската премиера на филмот „ж’Топ ган: Маверик’ и воедно ќе се оддаде почит на актерот Том Круз“, информираат од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

