Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
(Видео) Љутков: Се обврзувам на многу инвестиции во културата- со развиена култура ќе имаме посреќно општество
Се обврзувам на многу инвестиции во културата- со развиена култура ќе имаме посреќно општество, вели Зоран Љутков – предлог за министер за култура во новата Влада.
„Доаѓам од штиците што живот значат. Доаѓам од сцената каде скоро 2 децении го давам својот максимум знам како размислуваат уметниците, знам што и е потребно на културата. 7 години министерството за култура беше се само не тоа што треба да биде. Никогаш повеќе не била оддалечена фелата од културата како што тоа е сега, никогаш повеќе не биле понижени културните работници од тоа што се изминативе 7 години.
Време е за промени, ветувам дека ќе свртам нов лист. Се обврзувам на многу инвестиции, нови и реновирани сцени, поддршка за македонскиот филм, македонските фестивали, музика, ликовна уметност, издаваштво, поддршка за актерите, заштита на културното наследство и подобри услови за работа. Достоинствена меѓународна презентација, знам точно што треба да се направи, културните работници ќе добијат елан за работа и тврорештво тоа го ветувам со развиена култура имаме посреќно општество. Македонија за сите, Македонија за тебе, почнуваме!“, порача Љутков.
Култура
Рациново признание за Фросина Пармаковска
Фросина Пармаковска со романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е добитничка на Рациновото признание за 2024 година. Наградата ѝ беше врачена на 19 јуни на свеченото отворање на 61 издание на Рацинови средби во Спомен-костурницата во Велес.
Одлуката за наградата во конкуренција од 25 книги ја донесе жирито во состав: Светлана Петрова Џамбазова (претседателката) и Маја Апостоловска и Јасминка Делова Сељанова (членки).
Во образложението на одлуката за наградениот роман меѓудругото стои:
„Ова е дело коешто го користи навидум индуктивниот метод, поаѓајќи од ликовите нѐ запознава со основните развојни линии на приказната, пополнувајќи ја секојпат со новина за главниот лик Иван и за неговото најтесно (пријателско и роднинско) опкружување. На тој начин авторката создава една сложена структура на ликови, односи, релации, настани, давајќи ни детали и за другите ликови, но секогаш враќајќи го фокусот на нарацијата токму на главниот лик и на неговите интимни чувствувања, размисли, расположби и стравови, со коишто не е секогаш во состојба да се соочи и запаѓа во меланхолични до депресивни кризни состојби.
Авторката го прифаќа предизвикот низ објективни истражувачки постапки да дојде до свои сопствени сознанија, прекршени низ призмата на својот сеизмографски прецизен сензибилен капацитет и да проговори топлочовечки, раскажувачки вешто за депресивните нарушувања сѐ поприсутни кај човекот денеска, за аферата на украдените бебиња во поранешна Југославија, за којашто многу се пишувало и се истражувало години по случувањата, за прашањата коишто го мачат човекот денеска шекспировски можеби, но и онтолошки, гносеолошки, теолошки, песимистички, оптимистички, реални, магични и магиски… сугерирајќи ни повеќестран приод кон суштинското во приказната.“
Романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е во издание на издавачката куќа Или-Или како книга бр. 226 во едицијата ПРОаЗА.
Култура
Во Слоештица ќе биде одбележана 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски
Со културна манифестација ќе биде одбележана 90 годишнината од раѓањето на македонскиот писател и поет, Петре М. Андреевски.
Настанот ќе се одржи во родното село и вечното почивалиште – с. Слоештица, Демир Хисар, во вторник (25 јуни) во 13 часот, а истиот е во организација на Македонското научно друштво – Битола, во соработка со Педагошки факултет – Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студенското собрание при УКЛО, -АРТ ПОИНТ – ГУМНО, с. Слоештица и Europe House – Битола.
Покрај посета и оддавање почит на гробот на Петре во селото Слоештица, предвидена е реализација на културна манифестација која вклучува литературно читање на дел од поезијата на Петре М. Андреевски и квиз со едукативен карактер, поврзан со ликот и делото на Петре М. Андреевски. Литературното читање и квизот ги подготвија студенти од Педагошки факултет – Битола, и истите ќе се реализираат во реновираниот Задружен дом во селото Слоештица.
Настанот ќе заврши во АРТ ПОИНТ – ГУМНО со свечено откривање на склуптура, инспирирана од прочуената „Дениција“ на Андреевски, а изработена од познатиот македонски уметник, Никола Пијанманов.
На настанот свое присуство и обраќање најави и Амбасадорот Дејвид Гир од Делегацијата на ЕУ во Скопје.