Култура
„Матица македонска“ ќе ја одбележи 30-годишнината од смртта на Блаже Конески со промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски
Книгоиздавателството „Матица македонска“ ќе ја одбележи 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со промоцијата на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски. Промоцијата ќе се одржи на 25 октомври 2023 година (среда), со почеток во 18 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на булеварот на книгите – Св. Климент Охридски. Промотори на книгата ќе бидат универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев, а за настанот е предвидена и музичка програма на Драган Даутовски.
Книгата на Антоновски беше објавена неодамна и претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот, при што во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.
Во „Просто и строго – Конески“, Иван Антоновски на извонреден начин потсетува на тестаменталното значење на клучните пораки на Блаже Конески во врска со македонскиот опстанок. Идејата водилка на оваа книга е да не се маргинализираат пораките на Конески, затоа што тоа би значело културна маргинализација на Македонците. Никој не се откажал од својата историја, а некои посегнале по туѓата. И едните и другите ја знаат важноста на историја за сегашноста и за иднината. Откажувањето не е опција. Тоа е нишката која од одделните текстови на оваа книга прави една целина. Целина во којашто се промислува нашата домородна „македонијада“, истакнува академик Катица Ќулавкова.
Според оцените на универзитетскиот професор Димитар Пандев, кој ќе биде еден од промоторите, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.
„И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески“, нагласува Пандев.
Со анализите, согледбите и заклучоците за книжевното дело на великанот, но и со научното опсервирање на претходните научни огледби од претходниците и современиците, книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски претставува нов влог во македонската книжевна наука. Како што констатира универзитетскиот професор Владимир Мартиновски, не е воопшто лесно за Конески да се пишува „просто и строго“. Онака како што тој ги пишуваше и поезијата, и есеите, и научните статии. Но, Антоновски ни покажува дека денес, тоа не е само потребно, ами е и возможно.
„Научните статии и огледи од кои е сочинета книгата „Просто и строго – Конески“, со строга акрибичност, со прецизна научност, но и со топла непосредност ги истражуваат книжевните дела на Конески, помагајќи ни да ја насетиме нивната „скриена смисла“, посочува Мартиновски.
Според него, со својата љубопитност, упатеност и посветеност, Антоновски ни помага да влеземе во авантурата која е бескрајно возбудлива: доисчитување и доистражување на опусот на Конески. Антоновски ни покажува дека колку повеќе навлегуваме во светот на Конески, толку повеќе ја чувствуваме актуелноста на неговото дело.
„Затоа, оваа книга на Антоновски, настанувана постепено, претежно преку учество на бројни научни собири по повод 100-годишнината од раѓањето на Конески, е одличен прилог кон одбележувањето на 30-годишнината од неговата смрт. Со оваа книга, Иван Антоновски, токму просто и строго, нè уверува во бесмртноста на делото на Блаже Конески“, нагласува Мартиновски.
Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето и промовирањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот поради што и минатите години објави неколку книги, кои се однесуваат на неговиот опус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.