Култура
Меѓународен фестивал на прозата во Куманово

На 25 и 26 мај во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе се одржи првиот „Меѓународен фестивал на прозата“.
Фестивалот е во организација на институцијата со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општината на градот Куманово.
„Започнуваме манифестација која се надеваме дека ќе опстои долго, манифестација по која ќе бидеме препознатливи и манифестација која ќе биде темел на збиднувањата од ваков вид“, велат организаторите на настанот.
Свеченото отварање е на 25 мај, со почеток во 20 часот, во фоајето на институцијата. Тема на првата фестивалска вечер е „Женското писмо и Балканот“, гости кои нашироко ќе дебатираат на ова тема се: Јорданка Белева, Оливера Ќорвезироска и Лејла Каламујиќ, Фросина Крушкаровска се јавува во улога на модератор. Вечерта ќе биде збогатена со музика во изведба на Јован Цветковиќ.
26 мај е резервиран за втората фестивалска вечер, вечер во која гостите Николина Андова Шопова, Жарко Кујунџиски, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Шпатов и Фејзи Бојку ќе читаат фрагменти по сопствен избор од книжевните остварувања кои длабоко оставаат траги. Модератор на втората вечер е писателот Петар Андоновски.
Композицијата на визуелното општење за фестивалот е дело на дизајн проф. м-р Стефан Јакимовски.
Целта на манифестацијата е да се доближи книжевната прозна продукција до читателската публика, да е запознаат со домашните и страните авторите и нивните дела, што ќе придонесе до формирање на едно критичко, субјективно мислење, ќе се потикне и формира идниот „читач“.
На настанот се очекува да присуствуваат претставници од јавниот, културниот и општественио живот на Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.