Култура
Меѓународната графичката работилница „Софија“ 17 години е бастион на графичката уметност во регионот
Во Богданци, на 20 август, започнува главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по 17-ти пат ги обединува најталентираните млади графичари од Македонија и регионот. Оваа уникатна меѓународна работилница е единствена од ваков тип во земјава и регионот и претставува еден од најзначајните културни настани за графичката уметност на Балканот.
Работилницата ќе трае до 27 август, кога ќе биде крунисана со завршна изложба на студентите учесници, и ќе биде поставена во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Оваа година, учесници на работилницата се 15 млади графичари од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, кои ќе творат под менторство на професорката Ива Ќуриќ од Хрватска со асистенција од Вида Меиќ од Хрватска и Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад. Уметниците ќе имаат можност да работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат и пропустен печат.
Виктор Семенпеев, претседателот на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот истакнува:
„Ова е единственото место каде студентите имаат можност да работат со сите графички техники, што е огромен придонес за нивното уметничко образование и развој. Нашата визија е да продолжиме да создаваме простор каде младите уметници од регионот ќе можат да ги развиваат своите вештини и да ја поттикнуваат својата креативност“.
Селекцијата на учесници ја вршат академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти, наградени за постигнатиот успех за време на студиите.
Графичката работилница „Софија“ не само што ја одржува традицијата на графичкиот израз, туку и активно ја промовира графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз. Со фонд од над 900 графички листови во неколку примероци, оваа работилница е вистинско богатство за сите љубители на уметноста.
„Графичката работилница е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, и средиште за творештво на многу уметници. Графичката работилница стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот“, истакнува Ана Димчевска Семенпеева, дел од организацискиот тим на Графичката работилница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

