Култура
Меѓународна поетска награда за Никола Маџиров
Никола Маџиров е лауреат на 17-тата меѓународна награда за поезија „Поезија и луѓе“ (Poetry and People – International Poetry Award) која викендот му беше доделена во кинескиот град Гуангџоу. Оваа независна поетска награда е востановена од книжевното списание „Поезија и луѓе“ и се доделува од 2005 година за посебен придонес во современата светска поезија.
Досегашни лауреати се добитниците на Нобеловата награда за литература Дерек Волкот и Томас Транстромер, кој беше лауреат и на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите добитници се и неколкумина други лауреати на Златниот венец на СВП како Адонис, Адам Загајевски, Томаж Шаламун и Ханс Магнус Енценсбергер, а исто така на листата добитници на оваа награда се и Ен Карсон, Лез Мари, Гери Снајдер, Рита Дав, Еуженио де Андраде како и минатогодишниот добитник на британскиот кралски златен медал за поезија и добитникот на наградата „Т.С. Елиот“, Џорџ Сиртеш.

Наградата, која се состои од скулптура изработена од академскиот скулптор Жанг Јапинг, објавена книга на кинески јазик и паричен износ, му беше доделена на Никола Маџиров на свечена церемонија во Центарот за уметности во Гуангџоу. Скулптурата е инспирирана од стих на Маџиров од песната „Од секоја лузна на моето тело“, а на церемонијата премиерно беше изведена композиција според стиховите на песната „Оној што пишува“, како и кратка драмска изведба според песната „Совршеноста се раѓа“. Маџиров на церемонијата го прочита говорот на благодарност, како и три песни на македонски јазик. Никола Маџиров е најмлад досегашен странски добитник на оваа престижна награда за современа поезија.
Во образложението на жирито со кое претседаваше поетот и критичар Хуан Лихаи и кое беше прочитано од поетот Јан Ке, претседателот на Друштвото на писателите на Гуангџоу, се вели:
„Поезијата на Никола Маџиров е длабоко вкоренета во плодната почва на балканската меморија. Надминувајќи ја неизбежната судбина, преминувајќи ги урнатините на историјата и јазовите во културата, тој изнедрува од маглата на времето за да понуди нов светилник преку кој можеме да ги разбереме болката, надежта и човечноста.

Почитувајќи ја традицијата на критички медитации од негови претходници-поети кон историското наследство, тој води дијалог со големите умови, ја воочува вистината со непоколеблива храброст и чекори осамено кон зрелоста. Маџиров зрачи со светлечки хуманизам на една нова генерација поети. Исполнето со свеж спектар од слики, неговото пишување продира во заборавените одаи на животот, а забрзувачката фреквенција на сликите предизвикува моќна емпатија кај слушателите, дозволувајќи им на читателите постојано да ја препознаваат интимноста на зборовите.
Блиската сосредоточеност на Маџиров кон непосредното и неговата далекусежна визија кон светот му овозможуваат неотуѓиво сетилно искуство, дури и кога му се дарува себеси целосно на универзумот. Неговото пишување е двоен акт меѓу присуството на животот и крикот на духовното, штитејќи ја светлината меѓу луѓето, таму каде што, длабоко во пепелта, останува незгаснатата искра на поезијата.

Сместен помеѓу замисленото минато и посакуваната иднина, Маџиров пишува со немилосрдна искреност. Ослободен од земните ограничувања, преку безграничната имагинација тој му дава глас на скриениот јазик што раскошно цути од внатрешниот копнеж. Во него, креативноста добива слободна волја; преку него, светот започнува одново — чиниш нови видови поезија се раѓаат од сопствените урнатини.“
Ова е трето меѓународно признание за Никола Маџиров годинава, по европската награда за поезија „Н.К. Казер“ во Италија во мај и признанието „Почесен гостин“ на меѓународниот фестивал „Денови на поезија и вино“ во Словенија, во август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

