Култура
Нацоски и Чамаруги солисти на концертот на Филхармонија
Во четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Сафи“ на кој како солисти ќе настапат нашиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски и пијанистот Лука Чамаруги од Италија.
Диригент е Виктор Митревски, а на програмата се увертирата од операта „Така прават сите“ и Концертот за пијано и оркестар бр. 18 од Волфганг Амадеус Моцарт, Соло песни за тенор и оркестар од Франц Шуберт и и песни од циклусот „Волшебната хорна на момчето“ од Густав Малер.
Комичната опера „Така прават сите“ од Вофганг Амадеус Моцарт првпат била изведена на 26 февруари 1790 година во „Бургтеатар“ во Виена. Либретото е на Лоренцо да Понте кој ја напишал приказната и за оперите „Свадбата на Фигаро“ и „Дон Џовани“.
Делот во насловот „сите“ се однесува на жените и најчесто во англискиот превод на оваа опера е „Жените се такви“.
Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особен ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, како и на светските премиери на оперите „Страв“ каде ја толкува главната улога во Новара и Данте во операта за Данте Алигиери во Пјаченца и Скопје.
Лука Чамаруги е концертен пијанист, радио презентер и музиколог. Од 2007 година секој ден е на италијанското „Радио класика“: а неговата програмата насловена „Il pianista“ е референтна точка во италијанската класична музичка сцена. Пишува и за магазините „Музика“, „Класик војс“, „Суонаре њуз“ и „Кориере дел Тичино“. Соработувал како пијанист и музички консултант во реализацијата на анимираниот филм „Макс и маестрото“ во кој меѓу останатите протагонисти се појавува и Даниел Баренбојм.
Во 2020 година излезен неговата книга посветена на Франц Шуберт. Одржува семинари за пијано на академеијата „Пренаесте“ до Рим, на институтот „Брера“ во Новара… Со тенорот Благој Нацоски го изведе вокалниот циклус „Убавата воденичарка“ на лајфстрим во 2020 година на фестивалот „Витербо ин музика“. Од 2010 до 2012 година е уметнички директор на фестивалот „Сетимана ин музика“ кој се одржува во Клусоне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.