Култура
На „Браќа Манаки“ претставен косовскиот кандидат за „Оскар“
Денешниот ден на фестивалот „Браќа Манаки“ почна со претставувањето на филмот од програмата „Перспективи на европскиот филм“, „Брак“, и режисерката Блерта Зекири. Станува збор за косовски филм кој прикажува необичен љубовен триаголник, каде што на само две недели пред свадбата на Анита и Беким, во градот доаѓа Нол, тајниот љубовник на Беким.
„Филмот отвара тема за која сме свесни дека постои, но некако е на маргините на општеството. Проблемот со кој се соочува ЛГБТ-заедницата е мошне храбро обработена. Иако ги има сите аспекти на едно балканско општество, има и многу убави патријархални сцени, со негување на традиционалните вредности, затоа што луѓето во публиката не се секогаш подготвени да видат сцени на водење љубов меѓу двајца актери мажи“, рече Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Перспективи на европскиот филм“.
Филмот „Брак“ е прв долгометражен филм на режисерката Зекири и имаше голем успех на фестивалите досега.
„Огромно беше влијанието на актерите во пишувањето на сценариото, но сакам да ја истакнам и нивната храброст што прифатија да бидат дел од овој проект затоа што во Косово кога почнавме да го снимаме филмот во 2012-2013 година, имаше голем инцидент на забавата која промовира издание посветено на ЛГБТ-заедницата. Таму дојде голема група екстремисти кои уништија сè, а некои луѓе беа претепани. Затоа и ние бевме преплашени дека нешто слично може да ни се случи и нам со оглед на тематиката на филмот. Филмот го чувавме во тајна, медиумите ја знаеја темата, но ни помагаа и не објавија ништо сè додека не го завршивме. Голем удел имаа и актерите Албан Укај, кој е многу популарен, работел во странство и тој е како косовски Бред Пит, сите го сакаат, а улогата на Нол, љубовникот во филмот, ја толкува косовската рок-ѕвезда Генц Салиху“, рече Зекири.
За филмот „Зимски муви“, кој синоќа се прикажа во компетиција за „Златна камера 300“, говореше кинематограферот Лукаш Милота. Филмот и кинематограферот ги претстави Благоја Куновски – Доре, селектор на главната програма на Фестивалот.
„Децата не се професионални актери. Доста долг процес беше работењето со нив, пробите траеја повеќе од шест месеци, но потоа го добивме ефектот на тинејџери авантуристи што во филмот тргнуваат по смрзнатиот пејзаж на југ во потрага по авантура“, рече Милота. Тој е втор пат на фестивалот „Браќа Манаки“.
Милота кажа дека користел камера „алекса мини“ бидејќи била компактна и лесна за ракување, особено за овој филм.
Марија Апчевска претстави две екипи од селекцијата на кратки филмови. Режисерката на филмот „Бреза“, Пејсли Валентин Валш, говореше за идејата за филмот. „Спомените од детството беа главната идеја да го снимаме филмот. Настојувавме цело време да се држиме до спомените“, рече Пејсли. Филмот е сниман на филмска лента, што е многу тешко.
„Уште потешко е кога имате и куче и две деца и немате можност повеќепати да ги снимате сцените. Изборот да работиме со филмска лента сметаме дека ѝ дава опипливост на публиката“, истакна Винченцо Марангино, кинематографер на филмот „Бреза“.
Вториот филм од селекцијата на кратки филмови, кој беше претставен денеска, беше филмот „Без љубов“, кој е снимен во тешки услови на планина.
„Снимавме три дена во Маврово, локацијата е во Македонија и беше тешко да се работи во тие услови. Знаеме дека особен впечаток остава сцената на скокањето во езерото, која не беше воопшто лесно да се сними, но успеавме“, рече режисерката и сценарист на филмот, Дина Дума.
Инаку, ѕвездата на годинашниов фестивал, Калудија Кардинале, и нејзината екипа, синоќа го посетија Охрид. Таа беше воодушевена од охридските бисери, природата и охридските цркви. Во тек е и студентската програма, на Фестивалот се присутни 30 студенти од 15 академии од регионот. Утре, на програмата на Фестивалот, е вториот ден од балканската конференција ИМАГО, како и средба со Саид Олуд Келифа и Домикик Бакс, кои ќе говорат за филмските фестивали и филмската критика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

