Контакт

Култура

Недела на шпански филм во Кинотека

Објавено пред

Во рамките на одбележувањето на јубилејот  25 години од воспоставувањето на билатерални односи со Шпанија, амбасадата на Шпанија во соработка со Министерството за култура и Кинотеката на Македонија организира „Недела на шпански филмови“.

dobivaj vesti na viber

Свеченото отворање на манифестацијата е планирано да се одржи на 21 ноември во Кинотека на Македонија со проекција на филмот Requisitos para ser una persona normal (Requirements to be a normal person), 2015, во режија на Летисија Долера.

Сите филмови имаат превод на македонски и на англиски јазик.

Во прилог, репертоарот за проекциите.

21 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
КАКО ДА СЕ БИДЕ НОРМАЛНА ЛИЧНОСТ
(Requisitos para ser una persona normal / Requirements to Be a Normal Person)
Игран филм, Шпанија
2015, 90 мин., колор, блуреј
Режија: Летисија Долера (Leticia Dolera)
Сценарио: Летисија Долера (Leticia Dolera)
Улоги: Летисија Долера, Мануел Бурк, Силвија Мунт (Leticia Dolera, Manuel Burque, Silvia Munt)

Марија има 30 години, посебна жена е и има една цел – да стане нормална личност. Поради тоа мора да открие што значи да се биде нормален. Марија е невработена и не платила кирија за станот, па мора го напушти и да се врати во куќата на родителите, со кои не е во добри односи. Нема врска со маж и во основа се смета себеси за неуспешна личност. Си ги поставува прашањата каква личност е. Дали е нормална? Што значи да се биде нормален? Тие прашања ја копкаат длабоко во душата, и откако ќе ги наведе сите услови да се стане нормална личност, ќе одлучи да ги постигне. На патот на осознавањето ќе ѝ помогне брат ѝ Алекс, 25-годишно момче со заостанат ментален развој.
Марија го запознава и Борја, момче опседнато со диети за слабеење. Двајцата ќе склопат необичен сојуз: Марија ќе му помогне на Борја да живее активен и здрав живот, а Борја ќе ѝ помогне на Марија да стане „нормална личност“.
Филмските критичари го истакнуваат префинетиот хумор на авторката и актерка Летисија Долера, препорачувајќи им го филмот на гледачите кои сакаат комедии поинакви од холивудските.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез

22 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
КИНЕСКА ПРИКАЗНА
(Un cuento chino – Chinese Take-Out)
Игран филм, Шпанија / Аргентина
2011, 93 мин., колор, ДЦП
Режија: Себастијан Боренштајн (Sebastián Borensztein)
Сценарио: Себастијан Боренштајн (Sebastián Borensztein)
Улоги: Рикардо Дарин, Муриел Санта Ана, Игнасио Хуанг (Ricardo Darín, Muriel Santa Ana, Ignacio Huang)

Во Буенос Ајрес живее огорчениот, но методичен Роберто, осаменик и сопственик на продавница за железарија. Хобито на Роберто е собирање бизарни вести од светот, а неговата познајничка Мари страда поради невозвратената љубов од Роберто, бидејќи тој постојано ја избегнува.
Еден ден, додека го гледа слетувањето на авионот на аеродром, Роберто здогледува Кинез кој е исфрлен од такси-возилото. Му помага да стане на нозе. Кинезот се вика Јун, но не говори шпански, туку само му покажува некоја адреса истетовирана на неговата рака. Роберто го носи Јун на наведената адреса и откриваат дека местото му припаѓало на Јуновиот чичко, кој го продал пред три и пол години. Роберто и Јун одат во полициска станица, во кинеската амбасада и во кинескиот кварт, во потрага по чичкото на Јун, но залудно.
Роберто го сместува Јун во неговата куќа и по низа инциденти го пронаоѓа доставувачот на храна кој на Роберто ќе му ја преведе од кинески на шпански јазик драматичната животна сторија на Јун…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез

23 НОЕМВРИ (САБОТА), 19:00 ч.
АПОСТОЛ
(O Apóstolo / The Apostle)
Анимиран филм, Шпанија
2012, 80 мин., колор, блуреј
Режија: Фернардо Кортизо (Fernando Cortizo)
Сценарио: Фернардо Кортизо (Fernando Cortizo)
Улоги: Карлос Бланко, Хосе Мануел Оливеира Пико, Паул Наши (Carlos Blanco, Xosé Manuel Olveira ‘Pico’, Paul Naschy)

АПОСТОЛ е долгометражен анимиран првенец на Фернандо Кортизо, а воедно и прва шпанска дигитална бурлеска снимена со техниката на 3Д стоп-анимација.
Бегалец од затвор се враќа по пленот од грабежот што го скрил неколку години претходно. Но, наместо пленот, наоѓа нешто страшно, што не би помислил ниту на сон: злокобни претци, чудни појави, духови… сите тие ќе се најдат во приказната полна со тајни, хумор и фантазија.
Фернандо Кортизо е присутен на филмската сцена од почетокот на 1990-тите, најпрвин со краткиот игран филм ЧУДОВИШТЕ НА ПЛАЖА (El monstruo de la playa), а потоа му се посвети на анимираниот филм, претежно со техниката на стоп-анимација.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез

23 НОЕМВРИ (САБОТА), 21:00 ч.
ДОЖДОТ ИСТО ТАКА
(También la lluvia / Even the Rain)
Игран филм, Шпанија / Мексико / Франција
2010, 103 мин., колор, блуреј
Режија: Исијар Болаин (Icíar Bollaín)
Сценарио: Пол Лаверти (Paul Laverty)
Улоги: Гаел Гарсија Бернал, Луис Тосар, Кара Елехалде (Gael García Bernal, Luis Tosar, Karra Elejalde)

Режисерот Себастијан и неговата филмска екипа започнуваат со снимање на контроверзен филм за Кристофер Колумбо во едно мало место во Боливија. Себастијан е од Шпанија, извршниот продуцент Коста и целата екипа се од Боливија, а темата на филмот е за истражувачкиот потфат на Колумбо и начинот на кој Шпанците се однесувале кон Индијанците пред повеќе од 5 века.
Коста го избрал токму тоа место за снимање бидејќи има тенок буџет, па планира да ангажира луѓе од локалното население како актери и статисти за малку пари. Снимањето се одвива според планираното сè додека локалното население не се побуни против приватизацијата на водените ресурси, поточно на изворите за чиста и питка вода. Еден од главните актери е на чело на протестите…

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез

24 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА), 19:00 ч.
ЦРН ЛЕБ
(Pa negre / Black Bread)
Игран филм, Шпанија
2010, 108 мин., колор, блуреј
Режија: Агусти Виљаронга (Agustí Villaronga)
Сценарио: Агусти Виљаронга (Agustí Villaronga)
Улоги: Францеск Коломер, Марина Комас, Нора Навас (Francesc Colomer, Marina Comas, Nora Navas)

Десетгодишниот Андреа наоѓа мртви тела на еден човек и неговиот син во шумата. Локалните власти сакаат да го обвинат таткото на Андреа за ова убиство, бидејќи тоа најмногу им одговара, па детето по секоја цена се труди да го открие вистинскиот убиец.
Низ целата приказна се провлекува легендата за питоријули, духот од локалната пештера, со кого мештаните ги плашеле децата. Во личната потрага по вистината, Андреа најпрво открива дека целиот свет на возрасните е изграден на лаги, а дознава и дека духот од пештерата, всушност хомосексуалец, бил жртва на група локални силеџии. На крајот ќе открие кој ги убил сите тие луѓе и зошто, па целосно разочаран и повреден си заминува од селото. Една влијателна госпоѓа сака да го посвои и Андреа се согласува со тоа…
Драмата е сместена во Каталонија, уништена од граѓанската војна во 30-тите години од минатиот век, а режисерот посебно внимание им посветил на живописните каталонски предели. ЦРН ЛЕБ е добитник на девет национални шпански филмски награди „Гоја“. Филмот на Виљаронга е и прв филм на каталонски јазик кој ги добил овие признанија, меѓу кои и најдобар филм на Шпанија за 2010.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез

24 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА), 21:00 ч.
МАРТИН (ЈУНИОР)
(Martín Hache)
Игран филм, Шпанија / Аргентина
1997, 123 мин., колор, ХД
Режија: Адолфо Аристараин (Adolfo Aristarain)
Сценарио: Адолфо Аристараин, Кати Сааведра (Adolfo Aristarain, Kathy Saavedra)
Улоги: Федерико Лупи, Хуан Диего Бото, Еузебио Понсела (Federico Luppi, Juan Diego Botto, Eusebio Poncela)

Мартин Јуниор (или помладиот), викан „Хаш“ е 19-годишно момче кое, откако неговата девојка ќе го напушти, се предозира со дрога, речиси со фатални последици. Сепак тој преживува и мајка му ќе го испрати во Мадрид, да живее со татко му Мартин. Насловот на филмот алудира на терминот „јуниор“; буквата h (се изговара hache) во шпанскиот јазик е ознака за „hijo“, што значи син, а е еквивалент за „junior“ во англискиот јазик).
Мартин Сениор (или Постариот) е успешен филмски творец, но не сака да се грижи за син му бидејќи сака да живее сам, но и затоа што неговите двајца пријатели, Алисија и Данте, по малку експериментираат со уживањето во дрогите. Сепак, без оглед на тоа, го прима синот во домот, надевајќи се дека ќе ги спречи евентуалните лоши влијанија кои би можеле да предизвикаат Мартин Јуниор да ѝ се врати на дрогата и(ли) да изврши самоубиство.
Како што времето одминува, пријателствата на Мартин Постариот сè повеќе се затегнуваат и станува јасно дека Мартин Помладиот треба да го напушти татковиот дом и да си живее свој живот.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез

25 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
ЖИВОТОТ ПРОДОЛЖУВА
(El mundo sigue / Life Goes On)
Игран филм, Шпанија
1965, 121 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Фернандо Фернан Гомез (Fernando Fernan-Gomez)
Сценарио: Фернандо Фернан Гомез (Fernando Fernan- Gomez)
Улоги: Лина Каналехас, Фернандо Фернан Гомез, Гема Куерво (Lina Canalejas, Fernando Fernán Gómez, Gemma Cuervo)

Низ приказната за две сестри кои се обидуваат да успеат во животот, да ја најдат љубовта и да стекнат статус во Мадрид во раните 60-ти години од минатиот век во Мадрид, режисерот Гомез дава силен и реалистичен портрет на Шпанија од тој период. Тоа е време исполнето со омраза, завист, бес, алчност, насилство, прељуби, коцкање, просторуција, измами, лоша позиција на жените во општеството…
Заедно со претходниот филм на Гомез, НЕОБИЧНО ПАТУВАЊЕ (1964) – инаку, еден од омилените филмови на Педро Алмодовар – ЖИВОТОТ ПРОДОЛЖУВА најпрвин бил забранет филм. Мелодрамата со елементи на неореализам на Гомез била тајно прикажувана. За познавачите на филмот, ЖИВОТОТ ПРОДОЛЖУВА е скапоцен камен во шпанската кинематографија и една од најсилните осуди на режимот на диктаторот Франциско Франко.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез

Култура

Љубовната приказна на Сенка Велетанлиќ и Зафир Хаџиманов го победи договорениот брак: почина легендарната пејачка

Објавено пред

Мајката на истакнатиот музичар Васил Хаџиманов, Сенка Велетанлиќ, почина вчера утрото по тешка болест. Хаџиманов ја сподели тажната вест со јавноста во емотивна порака.

dobivaj vesti na viber

Сенка беше во брак со пејачот Зафир Хаџиманов, кој почина во 2021 година, а нивната љубовна приказна беше како од бајка. Емоциите што ги негуваа успеаја да го победат дури и договорениот брак за кој се залагаа родителите на Зафир.

Зафир често велеше дека Сенка е неговата најголема љубов.

„Во Грузија, во Тбилиси, Сенка и јас се заљубивме. Се бакнавме за прв пат на Ридот на слободата над градот. Беше убава и пееше како сон. Само што се разведе од пејачот Тихомир Петровиќ. Тиха и јас останавме пријатели до крајот. Често седевме во Камената сала на Радио Белград, пиевме и разговаравме за сè. Се согласувавме за многу друштвени дискусии. Моите родители, морам да признаам, беа малку изненадени.

Мислеа дека сум популарен кај женскиот пол и дека ќе завршам со некоја помлада, за да бидам „џек“. Тие веќе ми договориле брак со многу популарна идна пејачка. Но, кога ќе одлучам нешто – јас одлучувам. Секако, имаше љубов и пред Сенка. Бев развиен, кревав тегови, а кога ќе скокнев во море, најмалку пет девојки паѓаа на мене.

Се забавував со убава богата девојка од Словенија, потоа со Италијанка чиј татко беше директор на најголемата италијанска банка и која ми даде гарсониера во неговата огромна вила во Торино. Живеев како гроф. Но, чувствував само огромна љубов за мојата сопруга“, рече еднаш Зафир.

Љубовта меѓу Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ траеше од 60-тите години на минатиот век.

Прикажи повеќе...

Култура

„Приказната за Силјан“ со хрватска кино-премиера во Загреб

Објавено пред

На покана на хрватскиот дистрибутер, македонскиот КИЦ во Загреб се јавува како еден од партнерите на кино-премиерата и дистрибуцијата во Хрватска на македонскиот документарен филм, „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска кој што својата премиера ја имаше на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Венеција.

dobivaj vesti na viber

„Ова е одлична и ексклузивна прилика пошироката хрватска публика да го види најновото успешно остварување на македонската филмска документаристика. Македонскиот КИЦ во Загреб преку вакви соработки, не само што ги шири хоризонтите на регионалната културна сцена, туку доследно и достоинствено ја презентира македонската култура, филм и авторство надвор од националните граници, градејќи мостови на разбирање, дијалог и културна размена“, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.

„Приказната за Силјан“ е длабоко комплексно филмско дело кое својата наративна база ја пронаоѓа во народната митолошка приказна. Режисерката Котевска вешто користејќи ги особеностите и можностите на филмскиот јазик ја развива познатата приказна поврзувајќи го митското и минатото со сегашниот егзистенцијален момент. На овој начин, Котевска успева на своето дело да му даде силна безвременска и беспросторна димензија и да создава порака која ги преминува јазичните и културолошки меѓи и бариери на филмсите вљубеници ширум светот. Филмот отвора емотивни прашања и безброј можни одговори за местото на индивидуата во светот кој, сите ние, се обидуваме да го сфатиме и прифатиме.

Хрватскиот дистрибутер „Рестарт“ кино премиерата и почетокот на дистрибуцијата на „Приказната за Силјан“ во Хрватска ја најави за 28-ми јануари во ДокуКИно КИЦ во Загреб, а истата ќе се реализира во соработка со Volim Dokumentarce, платформа за дистрибуција на креативни ангажирани документарни филмови од земјите на поранешна Југославија и македонскиот Киц во Загреб.

Прикажи повеќе...

Култура

За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 45 романи

Објавено пред

На својата конституитивна седница жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс, што се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 45 романи.

dobivaj vesti na viber

Жири-комисијата, во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.

Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.

Наградата „Роман на годината“, која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а чиј генерален спонзор е „Комерцијална банка“ АД Скопје, годинава ќе биде доделена 27-ти пат. Признанието се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Список на пристигнати книги на конкурсот за „Роман на годината“ за 2025 година

1. „Александар јава на запад“, Венко Андоновски, „Три“

2. „Лозинка за излез од пеколот“, Јадранка Бибан,самостојно издание

3. „Грст афионови зрнца“, Горан Василевски,

4. „Ноќ без враќање“, Васе Врангалоска,„Ирис Принт“, Струга

5. „Во зенитот на еден дневник“, Викторија Гаго, НУ „Григор Прличев“ – Охрид

6. „С(удба)та“, Филип Георгиевски,„Бата пресс милениум“

7. „Тринаесеттиот“, Лидија Димковска, „Три“

8. „Волкот“, Константин Дораковски, „Макавеј“

9. „Околу три по полноќ“, Димитрие Дурацовски, „Арс Либрис“

10. „Необјавен фељтон“, Владимир Илиевски, „Maкедоника литера“

11. „Баба Илка“, Жан Илиески, „Макавеј“

12. „Ќе помине и моќта“, Ирена Јурчева, „Паблишер“

13. „СФ – СН: (партизански роман)“, Моџо Килингтон, „Арс Ламина“

14. „Договорот“, Јордан Коцевски, „Антолог“

15. „Илина и тајните на бабин заб“, Хана Корнети, „Или -или

16. „И“, Кристина Краличин, „Арс Либрис“

17. „Извештајот на Рената“, Кристина Краличин, ИД – Концепт консалтинг и дизајн

18. „73“ дена“, Иво Митев – Жиле, „Арс Либрис“

19. „Годината висококосна“, Маја Мојсова, „ПНВ публикации“

20. „Кругот дупка“, Никола Наумовски, „ПНВ публикации“

21. „Касадеј“, Велко Неделковски, „Матица македонска“

22. „Не заборавај, Ангела“, Љилјана Нелковска, самостојно издание

23. „Чуварите на вистината“, Елена Николова, „Збор“

24. „Промилите на Конзулвил: (миксан роман)“, Јордан Николов, „Паблишер“

25. „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“: (на почетокот беше… информацијата)“, Валентин Нешовски, „Антолог“

26. „Зара Зарина“, Лилјана Пандева, „ПНВ публикации“

27. „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“, Фросина Пармаковска, „Арс Либрис“

28. „Калуѓерки“, Димче Парталоски,„Бата пресс милениум“

29. „Потклек“, Љупчо Петрески, „Бегемот“

30. „Арагон“, Михајло Свидерски, „Антолог“

31. „Опасноста што ја љубам“, Маја Симоновска, „Читај книга“

32. „Сенката што ме чува“, Маја Симоновска, „Читај книга“

33. „Фобос: деконструиран роман“, Соња Станковска, „Или – или“

34. „Нашата Симка“, Благуна Стевоска, НУ Библиотека „Григор Прличев“

35. „Тишина што сака да викне: роман од сеќавања“, Милован Стефановски, „Ад Вербум“

36. „Траги врз песок: корисен водич за успех на менаџери за продажба, инспириран од врвните спортски тренери“, Бојан Стефановски, „Матица македонска“

37. „ Неколку тишини подоцна“ , Ана Стојаноска, „Конгресен сервисен центар – Полица“

38. „Ноќта – филм кој се чита“, Игор Трајковски Фоја, -Битола: „3Д Графопром“, самостојно издание

39. „Три Марии: (роман -басма), Оливера Ќорвезироска, „Арс Либрис

40. „Само уште еден скок“, Енис Хилми, „Светулка нова“

41. „Повратник со две лица“, Ивица Челиковиќ, „Паблишер“

42. „Изедначен“, Јован Ристов Џамбазоски, „Матица македонска“

43. „Светото светило: (роман)“, Мирче Б. Нешовски, „Менора“

44. „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта: (роман во раскази)“, Драгана Лукан Николоски, „Чудна шума“

45. „Сѐ на овој свет“, Гордана Каракашевска, „Бата пресс милениум“

Прикажи повеќе...

Најново

Свет6 минути

(Видео) Снежна бура во САД: верижен судир на повеќе од 100 возила

Повеќе од 100 возила се судрија или излетаа од меѓудржавен пат во Мичиген, САД, во снежна бура. Полицијата објави дека...

Свет13 минути

Данска со предупредување за одбраната на Гренланд: Воен конфликт со САД е реална можност

Копенхаген предупреди дека евентуалниот обид на САД да ја преземат контролата врз Гренланд со сила би довел до директен воен...

Свет18 минути

Поранешен советник на Трамп: Гренланд ќе остане Гренланд

Доналд Трамп нема да може да го принуди Гренланд да биде продаден на САД, изјави за Би-би-си поранешен висок советник...

Европа1 час

(Видео) Русија го нападна Киев: делови од градот останаа без греење во студена ноќ

Русија ги нападна Киев и другите украински градови преку ноќ со балистички ракети и беспилотни летала, додека земјата се бори...

Свет2 часа

120 членови на Исламска држава избегаа од затвор во Сирија

Сирискиот министер за внатрешни работи изјави дека околу 120 припадници на Исламска држава избегале од затвор во градот Шадади, откако...

Свет2 часа

Австралија затвора десетици плажи поради напади од ајкули

Десетици плажи долж источниот брег на Австралија, вклучувајќи го и Сиднеј, се затворени по четири напади од ајкули во последните...

Македонија18 часа

Заменик министерот за образование поднесе оставка

Заменик министерот за образование, Лулзим Алиу, поднесе оставка. Тој вели дека сака да се посвети на неговата истражувачко – научна...

Македонија20 часа

(Видео) Филипче: Жалам што дел од партиите легитимираа корумпирана и изолирана власт на лидерска средба

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека разговорите со Али Ахмети биле во врска со локалната...

Македонија21 час

Николоски од Охрид: Засилено работиме на завршување на автопатот Охрид – Кичево

Интензивно работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево. Користиме совремеми техники за да ги стабилизираме косините. Од 16, веќе 14 косини...

Македонија21 час

Утре почнува тестирањето на камерите, на неколку локации во Скопје сообраќајот ќе биде запрен

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20.01.(вторник) до 31.01.(сабота)...

Свет22 часа

(Видео) Вагоните преполовени, објавена снимка од воздух од железничката несреќа во Шпанија

Местото на несреќата каде вчера вечер се судрија два воза во Шпанија е снимено од хеликоптер утрово. Цивилната гарда продолжува...

Свет22 часа

Трамп испрати скандалозно писмо до Норвежаните: Нема Нобел? Тогаш заборавете на мирот

Претседателот на САД, Доналд Трамп, испрати скандалозно писмо до норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, објавуваат сите водечки норвешки медиуми, во...

Македонија23 часа

Заев и Филипче се обиделе да му ја превземат приватната болница на др. Жан Митрев, институциите молчеле, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Заев и Филипче додека се обидувале да му ја превземат болницата на др. Жан Митрев, ја претвориле Македонија во рекетарска...

Свет24 часа

Трамп: Данска не успеа да ја отстрани руската закана од Гренланд, време е да се направи тоа

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Данска не успеала да направи ништо за да ја отстрани „руската закана“ од...

Топ24 часа

Внук осомничен за обид за убиство на сопствената баба

Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишник за кого постои основано сомнение дека се обидел...

Свет24 часа

(Видео) Најмалку 39 загинати во судир на два воза во Шпанија

Во судир меѓу два брзи воза во Адамуз, во близина на Кордоба, Шпанија, загинаа најмалку 39 лица, а повеќе од...

Македонија1 ден

Денеска се празнува Богојавление-Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание,...

Македонија2 дена

Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра

Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември...

Свет2 дена

Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните

Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска...

Македонија2 дена

Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски

Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и...