Култура
Недела на јапонски филм во Скопје и Битола
Тринаесеттото издание на Недела на јапонски филм во Кинотеката на Северна Македонија ќе почне на 29 октомври во 20 часот. Оваа година филмската недела првпат ќе патува и до Центарот за култура Битола.
Настанот во Скопје ќе го отвори јапонската амбасадорка Кеико Ханеда, а селекцијата на четирите играни и анимирани филмови од сите жанрови е за сите возрасти.
Во вторник, 29 октомври, во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Гласот на учителот“, в среда „Ошин“, в четврток „Рудолф црниот мачор“, в петок „Самурај мачка”. Проекциите ќе почнат во 20 часот.
Во Центарот за култура Битола во вторник, на 5 ноември, со почеток во 20 часот ќе биде прикажан „Гласот на учителот“ и од 22 часот „Ошин“, в среда (06.11.) со почеток во 18 часот ќе биде прикажан „Рудолф црниот мачор“, а од 20 часот „Самурај мачка”.
Влезот е слободен, но местата се ограничени. Резервации можат да се направат на билетарите од понеделник до петок на 02 3065 968 за Скопје и 047 520 151 за Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на играта „Синхроницитети“
Галеријата „Метаноја“ најавува нова приказна во своите заложби за уметнички и книжевен придонес во културната сфера на Македонија. Од денеска, 5 ноември, 19:00 часот, два галериски салони ќе се „огледуваат“ еден во друг.
Задоволството е уште поголемо што оваа приказна ќе почне да се „раскажува“ со промоцијата и изложба на новото авторско дело на визуелниот уметник Марко Трпески, „Синхроницитети – Чувари на приказната“.
Авторот Трпески за своето дело пишува, „Чувари на приказната“ е друштвена (или осаменичка) игра чија цел е да поттикне креативно пишување и патешествие низ значенските мапи на симболите, потсвеста и имагинацијата. Играта ги поврзува визуелното и зборот во еден интуитивен процес на создавање и размислување.“
Покрај Марко, има уште тројца чувари на приказната кои со зборовите, како со меч со две острици, ќе „сечат“ пат низ семантичкита џунгла: Ана Голејшка Џикова, Коста Милков и Ѓоко Здравески.
Култура
Гудачкиот квартет „Пламенка Трајковск“ во рамките на Есенските музички свечености 2025
Во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“ утре, 05.11.2025г. (среда) ќе се одржи мултимедијален концерт „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ во изведба на Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културен информативен центар).
Учествуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола,
Александра Јаневска – виолончело.
Гудачкиот квартет ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“.
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.
Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска е дел од Здружението Пламенка Трајковска – МКС, Скопје и претставува еден од водечките камерни ансамбли во земјата. Со својата музичка страст и креативност, тие ја спојуваат класичната традиција со современиот израз, фолклорот и кросоверот. Квартетот настапува на најзначајните културни сцени во Македонија и Европа, создавајќи концерти исполнети со енергија, емоција и уметничка прецизност.
Култура
Концерт на „Танец“ во Националната опера и Балет – уникатно сценско патување низ времето и традициите
Националниот Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ најавува уникатно сценско патување низ времето и традициите. Концертот „Изворни минијатури“ кој е најавен за 22 ноември со почеток во 19 и 30 часот во Националната опера и балет е повеќе од обичен концерт-тоа е враќање кон изворите и никулците кои р’ти богатиот репертоар на „Танец“.
Публиката ќе има можност да ужува автентични ора и песни изведени во нивната интегрална форма, како што егзистирале на теренот; раскош на дијалекти, потсетување на најстарите слоеви од македонскиот музички и сценски фолклор и врвна изведба, машки, женски и мешани ора, придружени од врвни играорци и музичари на македонски изворни инструменти.
Концертот „Изворни минијатури“ е препознаен како исклучително популарен проект кој веќе го обиколи поголемиот дел од државата, што гарантира врвен квалитет и голем интерес.
Цена на билетите е 600 денари. Место за продажба kupikarta.com.

