Култура
„Ничија земја“ ќе ја отвори неделата на босанскохерцеговскиот филм во Кинотека
Кога на почетокот на 2002 година на доделувањето на Оскарите во Холивуд во терминот за прогласување најдобар филм од неанглиското говорно подрачје беше прочитан насловот „Ничија земја“ на Данис Тановиќ секој втор наслов во медиумите во Босна и Херцеговина ги експлоатираше варијациите на старата изрека „Jebeš zemlju koja Bosnu nema“ („Ебати земјата што ја нема Босна“) најчесто во „Jebeš zemlju koja Oskara nema“ (Ебати земјата што нема Оскар), или „Jebeš Bosnu koja Oskara nema“ („Жити Босна без Оскар“).
Иако не е сè во Оскарите и останатите награди, изборот на насловите за Неделата на босанскохерцеговски филм во Кинотеката на Македонија е репрезентативен. Освен „Ничија земја“, тука е и првенецот на Емир Кустурица „Се сеќаваш ли на бели дол“ (Sjećaš li se Dolly Bell), кој доби „Златен лав“ во Венеција за дебитантски филм, како и филмовите кои ги одбележаа шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години не само во босанскохерцеговската, туку и целата југословенска кинематографија. „Битка на неретва“ (Bitka na Neretvi) на Вељко Булаиќ, кој бил номиниран за Оскар, „Жена со пејсаж“ (Žena s krajolikom) на Ивица Матиќ и „Глув барут“ (Gluvi barut) на Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić) заслужено се дел од овој избор.
Босанците својата земја ја опишуваат како „Босна – поносна“. Секако, тоа важи и кога станува збор за филмот. Последниве децении можеби и најмногу кога станува збор за филмот.
16 ноември (Петок), 20.00 ч.
Ничија земја
(Ničija zemlja/No Man’s Land)
Игран филм, Босна и Херцеговина
2001 г., 98 мин., колор, 35 мм
Режија: Данис Тановиќ (Danis Tanović)
Сценарио: Данис Тановиќ (Danis Tanović)
Улоги: Бранко Ѓуриќ, Рене Биторајац, Филип Шоваговиќ, Кетрин Картлиџ (Branko Đurić, Rene Bitorajac, Filip Šovagović, Katrin Cartlidge)
Десјтвието се случува во 1993 година, во екот на најкрвавите судири во Босна и Херцеговина. Босанските војници Цера (Шоваговиќ) и Чики (Ѓуриќ) се наоѓаат во еден ров на линијата на судирот меѓу Србите и Бошњаците. Ровот е погоден од граната: Цера лежи онесвестен, а Чики се крие во земуницата. Српската војска испраќа патрола да ја извиди состојбата во ровот на ничијата територија. Постариот војник (Мустафа Надаревиќ) и неискусниот Нино (Биторајац) мислат дека Цера е мртов, па под него подметнуваат отскочна мина, со монструозна намера да убијат што повеќе босански војници кога ќе дојдат по мртвите тела. Чики стапува во акција, го убива постариот војник, а го држи Нино како заложник. Пушката е час во рацете на едниот, па во рацете на другиот, а „дебатата“ за тоа кој прв ја почнал војната трае. Во меѓувреме се алармирани странските мировници,„сините шлемови“: филмот ја покажува апсурдната страна на војната, полна со црн хумор, како и бесполезноста на странските мировни сили. Сторијата не може без странските новинарски екипи, кои се надвиснуваат над ровот како мршојадци…
НИЧИЈА ЗЕМЈА е добитник на Оскар за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје за 2001 година, а меѓу останатите ги доби и наградите Златен глобус и Цезар.
17 ноември (сабота), 20.00 ч.
Се сеќаваш ли на Бели Дол
(Sjećaš li se Dolly Bell)
Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)
1981 г., 110 мин., колор, 35 мм
Режија: Емир Кустурица (Emir Kusturica)
Сценарио: Емир Кустурица, Абдулах Сидран (Emir Kusturica, Abdulah Sidran)
Улоги: Славко Штимац, Слободан Алигрудиќ, Лилјана Благоевиќ, Павле Вуисиќ, Мира Бањац (Slavko Štimac, Slobodan Aligrudić, Liljana Blagojević, Pavle Vuisić, Mira Banjac)
Дино (Штимац) е тинејџер во Сараево во шеесеттите години од минатиот век, кога се судираат старото и новото време, а граѓаните живеат со уверување дека е напредокот на општеството е можен, макар и по принципот на самоубедување. Оттаму и култната реплика што ја изговара главниот јунак Дино: „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам!“.
Дино е доброчудно и срамежливо момче кое ги слуша секојдневните совети на неговиот добар, но болежлив татко (Алигрудиќ) за технолошкиот напредок на светот. Водачот на локалните мангупи од маалото го убедува да ја сокрие проститутката со „уметничко име“ Доли Бел (Благоевиќ) на неговиот таван, па по некое време ќе дојде по неа. Дино полека но сигурно се вљубува во убавата проститутка, но никако не смее да ги покаже чувствата пред другарите – млади сурови мажјаци. „Се сеќаваш ли на Бели Дол“ е првата соработка на сценаристот Сидран и Кустурица, ученикот на славната „Прашка школа“. Филмот го доби Сребрениот лав на Венецискиот фестивал како најдобро дебитантско дело и се смета за меѓник на новиот босански филм. Овој тандем три години подоцна ќе го направи ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ (Otac na službenom putu), што ја освои Златната палма во Кан. СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е необична, но многу успешна мешавина на италијанскиот неореализам и „прашката школа“.
18 ноември (недела), 20.00 ч.
„Глув барут“
(Gluvi barut)
Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)
1990 г., 116 мин., колор, 35 мм
Режија: Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić)
Сценарио: Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić)
Улоги: Мустафа Надаревиќ, Бранислав Лечиќ, Фабијан Шоваговиќ, Светозар Цветковиќ, Мира Фурлан (Mustafa Nadarević, Branislav Lečić, Fabijan Šovagović, Svetozar Cvetković, Mira Furlan)
Работен според романот на Бранко Чопиќ, ГЛУВ БАРУТ е приказна за идеолошкиот судир меѓу партизаните и четниците во Босна и Херцеговина за време на Втората светска војна. Во едно српско село во Босна луѓето се под пресија на две идеологии: претставник на партизаните е политичкиот комесар Шпанац (Надаревиќ), а на четниците е офицерот на кралската војска во Југославија, Радекиќ (Лечиќ). Шпанац е фанатичен приврзаник на комунистичката идеологија што сака да го смени светот, без разлика на бројот на жртвите, додека, пак, Радекиќ е човек од тие краишта кој добро ја познава ситуацијата на теренот, и се обидува да сочува што повеќе човечки глави, дури и по цена на сопствените идеали. Шпанац во Радекиќ гледа главен двигател на отпорот што селаните го пружаат на прокламиранити левичарски идеали. „Глув барут“ е еден од ретките филмови кои се занимава со т.н. „леви скршнувања“ – сурова партизанска чистка на идеолошки неподобните – во ексјугословенската кинематографија. Овој филм е и последен во филмографијата на Ченгиќ, еден од најзначајните автори во босанскохерцеговската и југословенската кинематографија од крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век, со филмовите МАЛИ ВОЈНИЦИ (Mali vojnici, 1967 г.) и УЛОГАТА НА МОЕТО СЕМЕЈСТВО ВО СВЕТСКАТА РЕВОЛУЦИЈА (Uloga moje porodice u svjetskoj revoluciji, 1971 г.), работени според романите на значајните книжевници Мирко Ковач (Mirko Kovač) и Бора Ќосиќ (Bora Ćosić).
19 ноември (понеделник), 20.00 ч.
Битката на Неретва
(Bitka na Neretvi)
Игран филм, Босна и Херцеговина(СФРЈ)
1969 г., 95 мин., колор, 35 мм
Режија: Вељко Булаиќ (Veljko Bulajić)
Сценарио: Вељко Булаиќ, Ратко Ѓуровиќ, (Veljko Bulajić, Ratko Đurović)
Улоги: Јул Бринер, Харди Кригер, Франко Неро, Силва Кошчина, Орсон Велс, Милена Дравиќ, Сејгер Бондарчук, Љубиша Самарџиќ, Вилимир Бата Живоиновиќ, Павле Вуисиќ, Коле Ангеловски (Yul Brynner, Hardy Krüger, Franco Nero, Sylva Koscina, Orson Welles, Milena Dravić, Sergey Bondarchuk, Ljubisa Samardžić, Velimir Bata Zivojinović, Pavle Vuisić)
Битката на Неретва или „Битката за ранетите“ е назив за четвртата непријателска офанзива на Народно ослободителната војна во Југославија. Тоа е назив за непријателските операции Вајс 1 и Вајс 2, во кои силите на нацистичка Германија во содејство со Италијанците, усташите, домобраните и четниците, се обиделе да го уништат на ослободителното движење предводено од партизаните во сливот на реката Неретва, а потоа во источна Херцеговина во периодот од 20 јануари до 1 април 1943 година. Филмот ја следи битката на партизаните кои сакаат да го пробијат обрачот на непријателските војски и претставува „фреска“ од десеттина незаборавни филмски ликови и нивните судбини во текот на офанзивата. „Битката на Неретва“ е веројатно најскапата филмска продукција во некогашна Југославија: сниман е цели 17 месеци, со учество на тогашните најголеми филмски ѕвезди во светот. Славниот шпански сликар Пабло Пикасо го направил постерот за филмот за неговата интернационална дистрибуција, што е само втор постер во неговата кариера. Но, БИТКАТА НА НЕРЕТВА е и еден од култните филмови на т.н. партизански жанр во југословенската кинематографија: репликите од филмот одамна се дел од ексјугословенската митологија…
20 ноември (Вторник), 20.00 ч.
Жена со пејзаж
(Žena s krajolikom)
Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)
1976 г. (1989 г.), 66 мин., колор, 35 мм
Режија: Ивица Матиќ (Ivica Matić)
Сценарио: Ивица Матиќ (Ivica Matić)
Улоги: Столе Аранѓеловиќ, Божидарка Фрајт (Stole Aranđelović, Božidarka Frajt)
Изворно снимен како телевизиски филм, ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е првиот и единствен долгометражен игран филм на култниот сараевски автор, кој во филмографијата има забележано триесеттина краки филмови. Матиќ починал непосредно по снимањето на ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ, кој во 1976 г. ја добил главната награда на фестивалот на Југословенската радиотелевизија во Порторож. Цели 13 години подоцна филмската верзија на неговото дело, со додадените снимени материјали (самиот автор го замислил ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ како долгометражен игран филм) е прикажана на Филмскиот фестивал во Пула, каде што постхумно ја добива највисоката награда, Златната арена за режија, а потоа и наградата ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Монте Карло. Опусот на Матиќ се смета за еден од темелите на т.н. сараевска филмска школа, подоцна реафирмирана со светските успеси на Кустурица, Адемир Кеновиќ…
ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е филмски есеј за судирот на уметникот и општеството. Приказната е инспирирана од наивното сликарство, и со посебно чувство за фотографијата и атмосферата (кинематографер е Карпо Аќимовиќ-Година, а и самиот Матиќ дипломирал филмска камера на загрепската филмска академија), го следи шумарот (Аранѓеловиќ) со необична пасија – сликањето женски актови. Шумарот-сликар наивец добива служба во зафрлено босанско село и таму наговара многу мештанки да му позираат голи. Тоа ќе ги разбесни нивните мажи и конзервативната средина, која смета дека шумарот не го соблекува жените само заради сликањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Охридско лето“ добитник на престижна та меѓународна награда „Да за уметноста“
Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција како признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како центар на врвната уметност, со програма која ја обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.
„Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“, вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се даде простор за најдобрите домашни уметници.
„Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Култура
Наследството на Томаж Пандур живее: Наградуваната монодрама „Безгрешна“ на сцената на МНТ
На 3 април, на сцената на Македонскиот народен театар, гостува Драмата при Словенечкото народно гледалиште од Марибор (СНГ) со монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata), сценско остварување инспирирано од романот „Маријиниот завет“ на Колм Тојбин и создадено како омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.
Гостувањето е дел од програмата со која МНТ продолжува со одбележувањето на својот јубилеј – 81 година од постоењето, во рамки на роденденската прослава на театарот.
Претставата ја раскажува приказната за Марија, востоличена како Мајка Божја, која во оваа сценска адаптација добива уште поинтимна, поблиска и покондензирана форма. Во осаменото мапирање на пејзажите на нејзините исповеди, Марија ја раскажува својата вистина за настаните, кои го променија светот, преиспитувајќи ги сите големи идеи. Токму преку тоа преиспитување, тие идеи остануваат живи, како што сугерира и делото, идеите умираат ако не се доведуваат во прашање.
Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур.
Претставата досега има добиено бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.
„Страсно верувам во моќта на театарот и сите мои дела се архетипови на ритуал“, велеше Томаж Пандур, режисер чиј уметнички опус остави длабока трага во словенечкиот и светскиот театар.
Исклучително е тешко, ако не и речиси невозможно, да се заокружи неговата биографија. Пандур до самиот крај остана верен на својот уметнички принцип и препознатлив стил, несебично споделувајќи ги своите визии, соништа, осамености, стравови и ентузијазам со соработниците. Седум години го водеше театарот во Марибор, а од својата прва професионална претстава „Шехерезада“, до последната, „Фауст“, експериментираше со квинтесенцијата на театарскиот материјал, поврзувајќи и деконструирајќи митски, архетипски и трансцендентални пејзажи. Неговата работа беше постојан обид за надминување на формите на реалноста и истражување на односите меѓу човечкото и божественото, живите и мртвите, времето и просторот, конечноста и бесконечноста.
„Преку својата глобална визија, Пандур ја артикулираше волјата за остварување на вистината и смислата на животот, каде што, зад тишината, секогаш стојат имагинацијата и убавината“, истакнуваат Ливија Пандур, драматург и театарска авторка и Бранко Јордан, театарски автор и есеист.
Во центарот на „Immaculata“ е жената, која историјата ја претворила во слика, догма и инструмент на верата. Марија, мајката на Исус, трага по смисла во раните, кои никогаш не можат да зараснат, обидувајќи се да се сети на зборови, лица и фрагменти поврзани со смртта на нејзиниот син. Преку оваа исповед, претставата ја прикажува Марија како жена од месо и крв, избришана од историјата и злоупотребена од насилната религија, но и како фигура, која со тишина и сомнеж ги отвора најдлабоките прашања за верата, загубата и човечката болка.
„Ако олтарот е таму каде што клечиме, тогаш мојот олтар е сцената“, вели Ливија Пандур, која „Immaculata“ ја доживува како длабоко личен и театарски чин, посветен на Томаж Пандур.
„Immaculata“ има реализирано значајни меѓународни гостувања, меѓу кои Театро Еспањол во Мадрид (2017), Конхунто де Артес Есценикaс во Гвадалахара, Мексико (2017), Театар А. Ристори во рамки на фестивалот Мителфест во Италија (2020), фестивалот СОЛО во Москва (2021), како и 10. Театарска олимпијада во Будимпешта во 2023 година.
Гостувањето на „Immaculata“ во МНТ е дел од роденденската програма на театарот, кој минатата година одбележа 80 години од постоењето од првата изведена претстава на 3 април 1945 година. Годинава, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Билетите за претставата се во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ.
Култура
Објавен конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад македонски автор
На веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје објавен е годинашниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување нови драмски текстови, НУ Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој Kонкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.
Право на учество имаат автори, државјани на Северна Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно со насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од: паричен дел на наградата во износ од 60.000 денари (еднократно); Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар – Скопје и Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на Kонкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
„Со оваа награда, НУ Драмски театар – Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби“, велат од Драмски.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот arno.mk со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат AI-моделите во други креативни проекти.

