Култура
Нова книга на поетот Ефтим Клетников
„Матица македонска“ ја објави новата поетска книга на истакнатиот македонски поет Ефтим Клетников, насловена „Misa solemnis“. Во оваа книга, Клетников е насочен кон светот на чистите идеи и се застапува за богат и повеќестрано прифатлив поетски исказ.
– Во „Misa solemnis“, Клетников се стреми кон радикално поместување на смислата на зборовите и остварува рефлексивна поетска мисла од необични споеви, пресврти и слики. Во поезија на овој знаменит македонски писател истовремено се одигруваат драмите на зборот, искушението на свеста и опфатот на законите на имагинативната игра. Вешто ги обединува сугестијата и мислата, сознанието и емоцијата, човековата желба и говорот на тајните. Богатата поетска мисла на поетот претставува убав спој меѓу традицијата и модерните светски тенденции, истакнува поетот и книжевен критичар Раде Силјан во рецензијата за новата поетска книга на Клетников.
Во новите песни, како што е нагласено во рецензијата, Ефтим Клетников ја претпочита вербата во јазикот со своите семантички, идејни и версификаторски карактеристики и се вградува во традиционалните шеми на позитивизмот.
– Особено внимание посветува на формата на песната. Секоја песна во новата стихозбирка на Клетников претставува своевиден документ за времето на нејзиното настанување. Тој ја прифаќа метафориката што е необична за самиот творечки процес. За него „поезијата е плуг што го преорува времето, со цел во длабинските слоеви неговата земја црница да се најде одозгора“. Тргнувајќи од овие поставки на Осип Мандељштам поетот се стреми кон нагласено прифаќање на поетската одредба со свој оригинален и препознатлив белег и живот. Оваа негова постапка нуди суштински изрази и придонесува за поместување и разгранување на јазикот, посочува Раде Силјан.
Ефтим Клетников (1946) остварува влог во македонската општествена стварност како поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и книжевен преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на голем број поетски книги, книги со есеи и и критика и на книги за деца, како и на исклучително значајни препеви од руски, француски, словенечки, српски, хрватски, словачки јазик. Меѓу другите, на македонски јазик ги препејува и: Пушкин, Лермонтов, Расин, Валери. Добитник е на повеќе книжевни награди. Неговата поезија е застапена во голем број антологии и преведена е на неколку јазици. Клетников има оставарен значаен влог за македонската поезија и нејзината меѓународна афирмација и како некогашен директор на Струшките вечери на поезијата.
Новата поетска книга на Клетников, „Misa solemnis“, веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“, каде што се достапни и други негови книги, меѓу кои и обемниот избор од неговото поетско творештво насловен „Пурпурна јанѕа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 50. јубилејно издание на Млад отворен театар
Со претставата „Лимениот барабан“ во режија на Васил Христов, а во изведба на Југословенско драмско позориште од Белград, на сцената на МНТ, од вечерва стартува 50. издание на Млад отворен театар – МОТ.
Јубилејното издание започнува со претстава во која има доминантно македонска авторска екипа, која го постави антологиското дело на германскиот нобеловец Гинтер Грас, „Лимениот барабан“.
„Југословенско драмско позориште низ овие 50 години, повеќе од десетина пати бил на репертоарот на МОТ, но привилегија е годинава што тројца наши автори го создаваат ова драмско парче и ќе ги гледаме на отворањето во „Лимениот барабан“, Никола Коџобашија, автор на музика, Костантин Трпеноски, автор на сценографија и Васил Христов – режија, кој како белградски студент на ФДУ, после 30 години се враќа на таа сцена со свое дело“ – вели Русе Арсов од тимот на МКЦ.
Врз основа на препознавање на творечкиот јазик, претставата ги спои овие домашни автори. „Лимениот барабан е моја прва соработка со Васил Христов и со Југословенско драмско позориште, и беше посебна од различни аспекти. Визуелниот израз на претставата е минималистички и знаковен, со елементи кои имаат јасна функција и смисловност. Токму во тоа беше и сценографскиот предизвик: во дисциплината на редукцијата, прецизноста на деталите и „невидливоста“ на механизмите, преку кои се одвиваат сценските трансформации“ – изјавува Костантин Трпеноски како автор на сценографијата.
Инаку Костантин Трпеноски е македонски архитект и сценограф кој живее и работи во Виена и неговото присуство на драмската сцена е повод, утре на 20 ноември да ја погледнеме уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ во холот на МКЦ.
„Изложбата претставува пресек од петнаесет сценски дизајни, кои ќе бидат прикажани како дел од привремена уметничка инсталација и придружени со музички теми од претставите. Уметничката инсталација го преобликува постоечкиот простор, третирајќи го истиот како медиум, притоа нудејќи можност за лично доживување и интерпретација кај посетителот. Во изборот се и сценографиите за претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп“. – дополнува Трпеноски.
Под мотото „Нашите во светот“ – МОТ годинава носи македонски авторски имиња кои кои ја прават интернационално видлива, нашата театарска мисла.
Култура
Стрип-маратон од 24 часа: регионот повторно црта без пауза, годинава во живо и од Скопје
Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање на стрипови“, отворена за стрип автори од регионот.
Томе Трајков, стрип промотер од Велес известува дека тоа може да оствари преку линкот https://www.24satnocrtanjestripa.com/ кадешто може да се најдат и повеќе информации . Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори.
Манифестацијата ќе започне на 29 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа ( до 30 ноември во 12 ч). Учесниците ќе цртаат во живо од определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од ова година цртање во живо ќе се спроведе и во Скопје. Овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн-платформата на линкот нешто што веќе е пракса стрип цртачите од повеќе градови на Македонија.
Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври –завршува Трајков.
Култура
Сиљановска-Давкова: Творештвото на Чемерски заслужува темелно да се истражи, документира и претстави
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими сопругата и ќерката на уметникот Глигор Чемерски, придружени од кураторот д-р Кирил Пенушлиски.
Членовите на неговото семејство изразија загриженост за состојбата во којашто се наоѓаат делата на великанот Чемерски и ја потенцираа потребата од нивна реставрација и презервација, по примерот на успешно обновениот Споменик на слободата во Кочани.
Претседателката сподели искрена желба да придонесе во заштитата на делата на Чемерски, укажувајќи дека некои од нив ја красат свечената сала и претседателскиот кабинет.
Таа го поддржува проектот „Топла земја: Монументалното творештво на Глигор Чемерски“, којшто цели темелно да го истражи, документира и претстави неговото творештво, со фокус на мозаиците, фреските и големите композиции што го обликуваат македонскиот визуелен идентитет.

