Култура
Нов албум на „Васил Хаџиманов бенд“
Еден од највлијателните џез-фјужн ансамбли на Балканот, Васил Хаџиманов Бенд, го претставува новиот студиски албум „Keyf“, во издание на „Croatia Records“, најголемата дискографска куќа во регионот.
Оваа исклучителна група музичари долги години ја воодушевува публиката ширум светот со својот уникатен звук и енергија, а нивниот нов албум повторно ни носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и, како и досега, креативни експерименти со различни музички насоки и ритми.
Албумот „Keyf“ е осми студиски албум на бендот, а содржи девет песни во продукција на Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски. Музичките наслови, како насловната „Keyf“, но „Gypsy“, „Afghan Samba“, „Helidoro’s Recipe“, и “Mente Pura”, ќе ги потсетат сите љубители на добрата музика зошто бендот на Васил Хаџиманов ја изведува својата музика на сцените низ целиот свет и зошто токму нивната музика во Србија е прогласена за уметничко дело од национално значење.
Васил Хаџиманов е музичар со уникатен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива алка на регионалната џез-сцена и поединец кој носи дел од неговите предци, кои секој на свој начин, ги одбележаа музичките простори на Балканот, во нераскинлива серија на чувари, изведувачи и нови толкувачи на традицијата.
Потпирајќи се на богатото искуство на фолклорот, кое, според него, е „музика од која не треба да се срамиме, туку, напротив, таа треба да се поддржи и да се даде повеќе простор“, Васил Хаџиманов секако е автор кој правилно ја воочил пораката од неговите претходници и ја преточил, инспирирајќи се од неа, во автентичен музички израз.
Снимањето и продукцијата на албумот беше поддржано од Gdi For The Arts и Croatia Records.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

