Култура
Објавена книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски
По повод 100 години од раѓањето на македонскиот класик Ацо Шопов, издавачката куќа „Дијалог“ ја објави книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски. Ова е прва книга објавена во Македонија со разговори за писател водени со неговата сопруга, која во дадениот случај евоцира спомени за над четиристотини личности. Со широкиот дијапазон на разговорите книгата претставува скапоцен влог во македонската книжевна и културна историја.
Конкретно, со оваа книга се разоткриваат не само многу досега непознати информации за творечкииот чин и за професионална и интмната биографија на Шопов туку и податоци и информации за македонската и југословенската културна, политичка и општествена стварност во втората половина на XX век, што досега не биле достапни за јавноста. Како што е нагласено и во предговорот на книгата, во разговорите објавени во „Од онаа страна на Небиднината“ е кажано многу од она нешто што било „неизречено/нешто што те притиска и пече“. Но, во разговорите има не само спомени и фактографија туку и емоции, понекогаш и смеа, а речиси по секое отворено прашање, проговорува и самиот Ацо Шопов, и со запишаниот збор и со оној кажан само во разговорите со современиците.
Инаку, идејата за „Од онаа страна на Небиднината“ датира од 1993 година кога Анте Поповски ја упатува пораката да останат и запишани сведоштвата на Светлана Шопова.
„Зборовите на Анте Поповски ми останаа како негов аманет што требаше да го исполнам… И, еве, дојде времето и за тоа. Благодарение на идејната концепција и творечка вештина на Иван Антоновски и на сесрдната поддршка на соработниците на проектот, нагласува Шопова.
Како што истакнува Антоновски, по повеќе од четири децении од физичкото заминување на Шопов, кога чествуваме сто години од неговото раѓање, чекорењето од онаа страна на Небиднината на моменти не било лесно. Затоа што во разговорите е кажано многу од досега скриеното и непознатото не само за творештвото на Шопов и за неговата приватност туку и за неговото севкупно себевложување во вредностите и во развојот на нашата книжевна и општествена стварност во втората половина на XX век. Она што потврдува дека воопшто со своето дејствување и живеење, а не само во поезијата, тој има покажано дека „човекот што ја носи небиднината како свој сопствен крст е посилен и потраен од самата небиднина“, како што има истакнато Георги Старделов.
„Со оваа книга чинам ќе се оствари и аманетот што Анте Поповски го има оставено пред точно три децении. Но, се надевам дека од онаа страна на Небиднината се оствари не само морален долг, туку и дека се дојде до она што го очекувал Поповски: допојаснувања и ‘на сложената психобиографија на творецот’ и ‘на биографијата на времето во кое создаваше Ацо Шопов’. За да останат забележани и за времето сегашно и за времето идно. Затоа што ‘единствената, навистина болна, но и возвишена и херојска повест за судбината на човекот, за судбината на поезијата’, како што има нагласено и Старделов, ‘ќе трае сè дури трае јазикот на кој пееше Ацо Шопов’ – македонскиот“, напоменува Антоновски, кој важи и за исклучителен познавач на творештвото на Шопов меѓу поновите генерации македонски книжевни истражувачи.
Објавувањето на „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ е остварено во рамките на националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а со поддршка од Министерството за култура и од Фондацијата „Ацо Шопов – поезија“.
Корицата на книгата е илустрирана со „Портрет на Ацо Шопов“ (1983) од реномираниот македонски сликар Танас Луловски, а дизајнот на корицата му го должиме на академскиот графичар Тони Васиќ.
Набргу книгата ќе биде достапна за читателите и во поголемите книжарници, а нејзините први промоции се планираат кон крајот на ноември во рамките на програмските содржини за чествување на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот великан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

