Култура
Објавена програмата за 18. Офф-фест
Традиционалниот Офф-фест, што годинава ќе се одржи во рекордни шест дена, од 3 до 8 јуни, е сочинет од 9 настапи и еден документарен филм.
Осумнаесеттото издание на фестивалот на 3 јуни во МОБ ќе го отворат виртуозниот дует на велшката харфистка Catrin Finch и сенегалскиот кора-мастер Seckou Keita, како и нашиот њујорчанец Крсте Роџевски, со концертна премиера на својот исклучително интересен и вреден материјал, во придружба на неговите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез-сцена.
На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм Mali Blues, а потоа и со концертот на единствениот Bassekou Kouyate и неговиот бенд Ngoni Ba промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум Miri.
Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер, на 5 јуни, во МОБ, со настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот ОФФ-фест, атрактивната африканска дива Fatoumata Diawara.
Во рамките на Balkan Fever Night, на 6 јуни, во МКЦ, ќе се судрат две големи балкански world-music-атракции: неприкосновените претставници на унгарската тамбурица Sondorgo и струмичкиот фанки-тигар Џамбо Агушев со неговиот многуброен, експлозивен и светски популарен дувачки оркестар.
Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудиовизуелен перформанс на либанскиот одговор на Gotan Project – групата Love And Revenge и фуриозната електро-психоделична cumbia на Колумбијците Romperayo.
Фестивалот ќе финишира на 8 јуни во клубот „Епицентар“ со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Daddy G од Massive Attack.
Влезниците за Офф-фест 2019 ќе бидат пуштени во продажба на 23 април (вторник), а информацијата за цените и продажните места ќе биде објавена дополнително.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

