Култура
Од денеска до сабота, традиционална книжевна манифестација „Струшки книжевни средби – 2018“
Традиционалната книжевна манифестација „Струшки книжевни средби – 2018“, годинава во терминот од 5 до 7 јули, прераснува во регионална со настаните што ќе се одржат на повеќе локации во општините: Струга, Охрид, Дебарца и Вевчани, додека по бројноста и нивото на учесниците од Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, Русија, Германија и Словенија – е интернационална. Ова го нагласи претседателот на Културниот центар „Бран“ и главен и одговорен уредник на „Бранувања“ , Петко Шипинкаровски, на денешната прес-конференција во Охрид.
На манифестацијата во улога на автор доаѓа и членот на Академијата за поезија при Унеско од Верона, Мајо Даниловиќ, кој, истовремено, е и претседател на Одделот за Балканот и словенскиот свет.
„Тридневната манифестација содржи бројни случувања, како поетски читања, ликовна изложба, мала Ликовна колонија, промоции на книги, доделување на наградата, ‘Струшко слово’ на добитниците за 2018 година Никола Шимиќ Тонин (Хрватска) и Јордан Ѓорчев (Македонија), доделување на наградата ‘Крсте Чачански’ и ‘Јован Котески’ за 2018 година, доделување на наградата ‘Книжевна далга’, за 2018 година, на добитникот Виктор Шеќероски, како и доделување на наградата “Книжевни бранови’ за најдобра прочитана песна на средбите “, потенцираше Шипинкароски.
За учесниците е планирано разгледување на Ликовната галерија во село Белчишта, на природниот резерват „Сини Вирој”, посета на родната куќа и „Спомен собата” на писателот Ванчо Николески, родоначалник на македонската литература за деца во село Црвена Вода. За овој дел од програмата, информираше новинарот и писател-публицист Веле Митаноски, инаку по потекло од Црвена Вода.
„Во Црвена Вода на 7 јули (Иванден) со почеток од 12 часот ќе се одржи последната манифестација од книжевната манифестација ‘Струшки книжевни средби – 2018’. Уучесниците и присутните гости ќе имаат можност да го погледаат ИЗБОРОТ од вредните дела на реномирани ликовни уметници – учесници на ликовната колонија ‘Дебарца’, мегу кои: Јордан Манасиески, Ѓоко Целески, Васко Ташковски, Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Сергеј Андреески, Мето Георгиевски, Петар Мазев и многу друг“, нагласи Митаноски.
На самото место, на мини Ликовната колонија свои ликовни дела ќе создава познатото уметничко и брачно дуо: Емилија и Стојче Тоциновски од Скопје, единствени, како такви, на Балканот.
Поетите ќе читаат песни од своето творештво.
Македонските и српски писатели се членови на здружението „Бран“ од Струга и „Седумка“ од Франкфурт на Мајна – Германија, додека од Хрватска се членови на ХKД од Задар и „Ритам мисли” од Вараждин. Тие во Македонија доагаат во соорганизација на невладината асоцијација „Хрватско-македонската тагента”, чии членови и задолжени лица, по одделни области, се новинарот Веле Митаноски и амбасадорот Љупчо Арсовски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Зимски Македокс“ на „Синедејс“
Фестивалот на креативен документарен филм со настанот „Зимски Македокс“ ќе гостува во програмата на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, кој од 3 до 10 декември ќе се одржи во МКЦ и во Кинотеката. Од 5 до 7 декември, во рамките на програмата на 24. „Синедејс“, ќе биде прикажан избор на долгометражни победници од 16-тото издание на фестивалот „Македокс“.
Програмата на „Зимски Македокс“ е составена од три наградени документарни остварувања. На 5 декември, во 19 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар. Влезот на филмот е слободен.
На 6 декември, во 21 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
На 7 декември, во 20 часот, во Кинотеката на РСМ, ќе биде прикажан документарниот филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
Настанот „Зимски Македокс“ е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија и од платформата Movies that Matter.
Култура
Македонскиот виртуоз на виолина Владимир Костов и камерниот оркестар „Профундис“ ја носат магијата на Candlelight во срцето на Битола
Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември кога ќе се одржи првиот концерт Candlelight во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ.
На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Во рамките на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: St. Paul Suite од Густав Холст, Четири годишни времиња од Антонио Вивалди и Македонско капричо бр. 1 од Драган Шуплевски.

„Овој концерт е особено значаен затоа што првпат ја носиме уникатната атмосфера на концертите Candlelight во Битола. Под светлината на свеќите музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно избрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло“, изјави маестро Ѓурѓица Дашиќ.
Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, „Концертхаус“ – Виена, „Линколн центарот“ – Њујорк, Универзитетот „Харвард“ и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на Candlelight – концерт на свеќи, е светски признат тренд, кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиваат просторот во топол сјај создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината, која ја приближува публиката до суштината на музиката.
Култура
Овој декември филмот „Мајка“ ќе се прикажува во 𝟤𝟥𝟢 киносали во Франција
Филмот „Мајка“, најновото остварување на Теона Стругар Митевска, од 3. декември официјално почнува со дистрибуција во Франција. Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес. UGC Bercy беше целосно распродаден, а проекцијата во Pathé Convention се одржа со висока посетеност, што го потврдува зрелиот интерес на француската публика.
Во рамките на промотивната турнеја, филмот беше претставен пред водечките француски медиуми меѓу кои Télérama, Europe 1, INA, Elle и Le Journal du Dimanche, со силно позитивни критики. Критичарите ја истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на филмот.
Само во октомври и ноември „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали каде доби значајно внимание и позитивни оценки од стручните жирија. Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег.

Особено пофалени се актерските интерпретации. Номи Рапас се издвојува со една од нејзините најсилни изведби, а Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап кој остави длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.
Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, во комбинација од arthouse простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција го имаат вклучено филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен опфат за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.
„Мајка“ оваа есен имаше силно присуство на меѓународната фестивалска сцена, меѓу другите во London FF, Ghent FF, Cannes Rencontres Cinématographiques, Arras FF, Geneva IFF, Mannheim Heidelberg, Seville FF, Haifa FF, Thessaloniki FF, Ljubljana FF, Tallinn Black Nights, како и на прекуокеанските фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и Маракеш. Значајна е и селекцијата на Camerimage FF во Лоџ Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.
Во декември филмот пристигнува и пред домашната публика. „Мајка“ ќе биде на редовниот репертоар во Кинотека на Македонија.

