Култура
Од камерата „урбан биоскоп“, со сериски број 300, до светска слава: „Браќа Манаки“ со престижна награда од Британското здружение на кинематограферите
Британското здружение на кинематограферите (BSC) ја додели својата специјална награда за достигнување (Special Achievement Award) на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Признанието му беше врачено на свечена церемонија во Лондон на директорот на фестивалот, Симеон (Мони) Дамевски.
На оваа церемонија се доделуваат годишните награди на BSC за животно дело, за кинематографери на студентски, краткометражни и долгометражни филмови, серии и технолошки достигнувања. Настанот е еден вид британски „Оскари“ за луѓе од кинематограферската и сродните професии.
Оваа награда претставува исклучителна чест за фестивалот, кој веќе четири и пол децении ја слави уметноста на кинематограферите и ја истакнува нивната клучна улога во создавањето на филмската магија.
Како најстар фестивал во светот посветен исклучиво на кинематограферите, „Браќа Манаки“ го носи наследството на Јанаки и Милтон Манаки, првите филмски хроничари на Балканот, чие дело ги постави темелите на визуелното раскажување во регионот.
Британското здружение на кинематограферите, едно од најголемите и најзначајни професионални здруженија во светската филмска индустрија, ја доделува оваа награда како признание за поединци или групи поединци што посветено ја слават кинематографијата и придонесуваат за нејзината афирмација. Во образложението на Британското здружение на кинематограферите (BSC) се истакнува дека фестивалот „Браќа Манаки“ не само што ја негува оваа уметничка форма туку и претставува платформа за нови генерации кинематографери, кои со својата визија ја обликуваат иднината на светската кинематографија.
Битола, родното место на браќата Манаки, повеќе од еден век е симбол на визуелната уметност и дом на овој значаен фестивал. Прекрасна коинциденција е што токму во Лондон, градот од каде што браќата Манаки ја набавија својата легендарна камера „урбан биоскоп“, произведена со сериски број 300, денес фестивалот што го носи нивното име добива вакво признание.
„Битола е нашата вечна инспирација, градот во кој светлината и сенките танцуваат во хармонија создавајќи приказни што го надминуваат времето. Лондон, пак, е местото каде што нашите предци ја пронајдоа алатката за оваа магија – нивната камера ‘урбан биоскоп 300’. Денес, со ова признание се затвора кругот меѓу двата града поврзани преку љубовта кон филмот и уметноста на кинематографијата“, вели директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон (Мони) Дамевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

