Култура
Онлајн филмска програма на Музејот на современата уметност – Скопје
Музејот на современата уметност – Скопје од денеска, па сè до 23 јули, почнува со онлајн филмска програма „Што е филм? Попис 2.0“, во чии рамки ќе се споделат линкови до веќе слободни филмови, двапати неделно, и тоа секој четврток и понеделник. Изборот на филмови музејот ќе го поставува на своите профили на социјалните мрежи – Фејсбук, Инстаграм и на својата веб-страница.
„Што е филм? Попис 2.0“ е дел од програмата на филм и видео на МСУ-Скопје. Програмата е поддржана е од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Кураторка на програмата е Кумјана Новакова, а визуелниот идентитет и графички дизајн е на Илијана Петрушевска.
Идејата и мотивацијата за „Што е филм? Попис 2.0“ е знаењето, алатките и просторите, но и нематеријалната работа и работата во културата достапни на интернет 2.0 да се претворат во нови радикални, револуционерни, продуктивни простори и практики, над надуената идеја на „интернетот како простор на неограничена можност“.
Во таа насока кураторката Новакова вели:
„Дигиталните простори често некритички се претставуваат како простори на неограничени можности, нудејќи ‘know – how’ за сè и сешто – од медицински дијагнози и ботанички тајни, до новите теории за поврзаноста на 5Г, вакцинитe и коронавирусот. Тој виртуелен простор ветуваше постполитичка состојба: ослободен од агонија и борба; свет во кој владее економијата на изобилството наместо економијата на недостигот. Но, времето на физичката изолација не соочи со сите овие прашања и проблеми: што и како со неограничените можности за пристап до филмски и сродни уметнички содржини на интернет? Која е нашата улога, улогата на уметничките институции во таа „економија на изобилство“, која поставува и нови граници на исклучување и претставување за дигитално ограничените региони и луѓе? Со надеж дека ќе научиме повеќе околу можностите и ограничувањата на интернетот како простор на уметничкото, ја посветуваме нашата програмска серија Што е филм? за 2020 година на процесот на истражување на комплексниот однос на отворената и јавно достапна филмска уметност на мрежата со пошироките политички и социјални прашања. Ова воедно претставува и акт, гест, програма, но и предлог за естетско образование“.
Во практична смисла, двапати неделно ќе бидат емитувани филмови и сродни уметнички форми на различни теми, кои се отворени и достапни преку интернет ширум светот.
Денешна препорака на програмата е филмот „Јас не сум твојот црнец“ на Раул Пек од 2016 година, филм номиниран за Оскар во категоријата на документарен филм во 2017 година, посветен на борбата на црнците, со фокус на романописецот, драматург и есеист Џејмс Болдвин.
„Признавајќи го недостигот на знаење за комплексностите на црните животи, би сакале да ја отфрлиме идејата за борбата како статистика и да придонесеме во големата политичка промена, која ги претвори метричките податоци во нешто похумано, поживописно, повеќе лично“, велат од музејот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

