Култура
Операта „Боеми“ на Џакомо Пучини на 24 октомври во МОБ

На 24 октомври, среда, со почеток во 20 часот, на сцената на Македонската опера и балет ќе биде изведено оперското ремек-дело „Боеми“ од Џакомо Пучини.
Операта e во четири чина, чие дејство се одвива во Париз кон крајот на 19 век, а чие либрето се базира на „Сцени од животот на боемите” на Хенри Мургер.
Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја каде неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, а без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски.
Улогите ги толкуваат: Сандра Митровска, Ѓорѓи Цуцковски, Марјан Јованоски, Андреа Ѕаупа (Италија), Владимир Саздовски, Билјана Јосифов, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Димитар Кожухаров, Диме Петров.
Во претставата учествуваат хорот и оркестарот на МОБ.
Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на Енрико Довико од Италија, во режија на Дејан Прошев, претставата е доловена преку масивната сценографија на Зоран Николовски и колоритната костимографија на Марија Пупучевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Три претстави на петтиот ден на МТФ „Војдан Чернодрински“ – „Парови, „Бура“ и „Ла Макбет“

Три претстави се на програмата на петтиот ден на Меѓународниот театарски фестивал во Прилеп – „Парови“ на Драмски, „Бура“ на Прилепскот театар и независната „Ла Макбет“ на „Хибрид продукција“
На петтиот фестивалски ден следуваат три претстави. Во 19 часот во големата сала на „Марко Цепенков“ ќе игра „Парови“ на Ана Ристоска-Трпеноска, а во режија на Ивана Ангеловска. Играат: Трајанка Илиева-Велиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Лазар Христов, Ања Митиќ и Нина Елзесер.
Во 22.30 часот ќе следува изведбата на „Бура“ на театарот „Војдан Чернодрински“ во режија на Џон Блондел. Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Наташа Ачански, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.
Од независната продукција во 20 часот во кафе-бар „Тротоар“, на програмата е „Ла Макбет“ во режија на Шенај Мандак, а во изведба на актерот Хакан Даци.
Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.
Култура
Музеј во движење: Не може да се замисли животот во Прилеп без театарот – Платнар, Џумерко, Ристоски раскажани низ чаршијата

Човечките приказни не треба да се оддалечуваат од луѓето и од непосредноста. Посебно актерските човечки приказни имајќи ја предвид ситуацијата со сите предизвици на театарските сцени во Прилеп важно ми беше да го покажам она што сите ние го знаеме: Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци. Затоа одлучив приказната за театарскиот Прилеп да ја раскажам низ чаршијата надвор од стерилните услови на сите институции, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ синоќа на отворањето на Музејот во движење, посветен на тројцата легендарни прилепски театарски уметници – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристоски – Платнар.
На невообичаен начин, преку изложба на фотографии, лични предмети, артефакти, на неколку локации низ градот, во места пријатели на фестивалот, авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално. Емотивна средба беше ова и за членовите на нивните семејства.
-Прилеп е во тесна врска со својот театар, поточно, не може да се замисли животот во Прилеп без театарот, навиките за одење во театар, прераскажувањето на театарските претстави, поздравувањето на актерите низ чаршијата, гордоста од нивните успеси по фестивалите и гостувањата во и надвор од нашата земја. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци – рече Стојаноска.
Програмата „Прилеп во фокус“ ви овозможува да зачекорите во животот од едни од најзаслужните прилепски уметници, и со тоа секој посетител да го искуси сценско-изведувачки и аудиовизуелениот начин на значењето на Прилеп во однос на македонскиот театар. Изложбите ќе бидат достапни за посетителите до крајот на фестивалот.
На третиот фестивалски ден гостуваше екипата на Штипскиот театар со претставата „Сите најубави нешта“ во режија на Нела Витошевиќ. Топлата и трогателна претстава која во фокус го става менталното здравје ја одушеви публиката.
Се одржа и тркалезна маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.
Вечерва во 19 часот од официјалната програма ќе биде изведена „Сите прекрасни нешта“ во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народниот театар од Штип. Улогите ги толкуваат: Ефтим Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонова, Стефанија Митовска, Ава Хусеини и др.
Денеска во 11 часот ќе биде промовирани нови драми од наградите на „Еуродрам“, а на пладне ќе следува тркалезна маса за претставата „Сите најубави нешта“ на Штипскиот театар, од официјалната програма.
Вечерва во 19 часот, на големата сцена на Центарот за култура ќе игра ансамблот на Албанскиот театар со претставата „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши. Улогите ги толкуваат: Адем Карага, Шкумбин Истрефи, Теута Ајдини Јегени, Вјолца Бектеши Хамити, Амернис Нокшиќи, Абедин Алими, Осман Ахмети, Музбајдин Ќамили, Дритеро Аме, Фисник Зеќири, Ментор Курти, Генци Мирзо, Рахим Рамадани, Сара Бајрами, Гентиана Рамадани, Хетем Етеми, Сабина Мемиши Асланај и Дениз Рустеми. Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.
Култура
Соња Михајлова – лауреатка на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“

По предлог на НУ Народен театар – Битола и директорот Васко Мавровски, доајенката на македонската театарска сцена, актерката Соња Михајлова, е годинешна добитничка на престижната награда за животно дело, која традиционално ја доделува Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
На свеченото отворање на 59. издание на фестивалот, ова значајно признание ѝ беше официјално врачено, проследено со долготраен аплауз и силни емоции. „Оваа награда за мене вреди и е тешка колку што вреди и овој театарски фестивал – празник на театарската уметност, празник на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. За мене тоа е највредното“, истакна Михајлова, видливо трогната од признанието.
Во своето обраќање таа се наврати на својата долга и плодна кариера: „Има 40-ина години од моето дружење со театарот и во театарот. Сите изминати години за мене се возбудлива авантура на умот, на срцето. Како што театарот има и светла и темна страна. Светлата – предизвикувачка, потрага по сценска вистина, креирање лик. А темната страна – предизвикувачка на поинаков начин, бидејќи во земја како Македонија, таа постојано е предизвикана од промени, трансформации, кои неизбежно оставаат и белег и лузна – и врз срцето, и врз умот.“
Соња Михајлова е актерка со богат репертоар, со десетици улоги кои оставиле траен печат во македонскиот театар. Нејзината преданост, длабочината на интерпретација и неуморната љубов кон сцената ја врежаа не само во историјата на Битолскиот театар, туку и во колективната меморија на македонската културна јавност.
Михајлова е е родена на 14 октомври 1958 во Битола. По завршувањето на средното образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се запиша на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Љубиша Ѓоргиевски. Вработена е во Народниот театар од Битола од 1984 година, а се пензионира во 2022 година. Таа сѐ уште е активна на својата најсакана сцена – Битолскиот театар. Првенка е во ансамблот на НТБ, ангажирана низ годините во водечкиот репертоар на НТБ, со исклучителен придонес во афирмација на НТБ и македонскиот театар надвор од нашата земја. Во текот на актерската кариера има одиграно повеќе од 150 лика, на матичната сцена на Народен театар Битола и надвор од неа, во претстави и театарски дела.
Покрај Михајлова, награди за животно дело добија и Снежана Коневски-Руси, и Гоце Тодоровски. Тие добија награди изработени од прилепски мермер од „Крин про“ од Прилеп. Фестивалот беше отворен со изведбата на „12“ во режија на Синиша Евтимов на Македонскиот народен театар.