Култура
Основана Академијата ,,Анте Поповски”
Како дел од програмските активности на меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, што се одржа во родното село на поетот Лазарополе, беше основана Академија Анте Поповски.
Академијата е составена од вкупно 17 членови и тоа: Жорж и Александар Поповски, новинари, синови на Анте Поповски, проф.д-р Венко Андоновски, проф.д-р Кристина Николовска, д-р Атина Цветаноска, Митко Гогов, писател и концептуален уметник, Славе Ѓорѓо Димоски, писател, Софија Гогова Врчаковска, актер, Виолета Џолева, режисер, проф.д-р Миодраг Врчаковски, Михаил Ренџов, писател, Живко Поповски Цветин, ликовен уметник, Медат Куртовски, градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Никола Шалваринов, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, Томислав Османли, писател и новинар, д-р Марина Мијаковска и Јелена Перинска.
На основачкиот состанок беше речено дека членовите ќе имаат официјален мандат и обврска во рамките на нормативно- правните акти на Академијата (кои ќе бидат донесени на една од наредните седници), да се грижат за заштита на ликот и делото на Анте Поповски, преку натамошен растеж и афирмација на меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски-Антево перо“. Членовите на Академијата изнесоа повеќе конкретни предлози во насока на збогатување на Манифестацијата.
Освен распишување на конкурсот за необјавена поетска книга на македонски јазик во конкуренција за наградата „Антево перо“, публикување на наградената стихозбирка, и одржување на неколку поетски читања, меѓу другото, се планира следното издание на Манифестацијата да биде збогатена со одржување на работилници за креативно пишување и ликовно творештво во Скопје и Лазарополе, подготовка на аудио и видео материјал со најзначајните акценти од програмата, како и реализација на музичко – сценски и поетско- ликовни содржини.
Заложбите на Академијата ќе бидат и во насока на заштита на Библиотеката на Анте Поповски во село Лазарополе и ставање на расположивиот книжниот фонд во поширока функција, но и поставување на спомен плоча на куќата во која живеше и твореше Анте Поповски. Зацртано е и продлабочување на соработката со Општина Ѓорче Петров, како и со Месната заедница од село Лазарополе, со цел успешно приведување кон крај на започнатиот зафат за реновирање и разубавување на паркот на поезијата на мијачкиот крај во Селото и негово заживување преку организација на поетски читања, како дел од Манифестацијата.
Академијата Анте Поповски и во иднина доста внимателно ќе се проширува со нови членови, но основачите се убедени дека станувањето член на Академијата со текот на времето ќе биде престиж за многумина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.
Култура
Најдоброто од „Киненова“ од денеска во Кинотека
Вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма Најдоброто од „Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на ГРАН ПРИ на МФФ КИНЕНОВА, првиот филм на победникот на последното издание на БЕРЛИНАЛЕТО, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни Палестински филмови и многу други сеуште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Од 18:00 часот, вечерва во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10то издание на КИНЕНОВА 25, ќе го прикажеме македонскиот филм ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот, ќе игра српскиот филм ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ, на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на КИНЕНОВА 25, за НАЈДОБРО СЦЕНАРИО и НАЈДОБРА РЕЖИЈА, филм каков не сте погледнале. Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, кои поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што се може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат?
Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси.
Уникатен филм по многу нешта.
Целата програма е на линкот

