Култура
Отворена изложбата „Откривања“ со дела од шпанската колекција на МСУ – Скопје
Од денеска, без официјално отворање, во Музејот на современата уметност – Скопје може да се погледне изложбата „Откривања: Дела од шпанската колекција на МСУ – Скопје“
Kуратори се: Владимир Јанчевски, Благоја Варошанец и Ива Димовски. Исто така, дел од тимот на МСУ кои работеа на изложбата и на каталогот се и Јулија Манојлоска, Јадранка Милчовска, Љупчо Иљовски и Нада Прља.
Со оваа поставка сe одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Шпанија и Северна Македонија. Изложбата е резултат на соработката на МСУ – Скопје и Амбасадата на Шпанија во Р.С. Македонија и претставува дел од одбележувањето на 12 Октомври – Националниот ден на Шпанија.
По катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година и основањето на МСУ-Скопје во 1964 година, се забележува придонесот и на шпанските уметници, што преку директните контакти, низ годините резултирал со една забележителна збирка донации. Таа била и дополнително проширувана, а уметници од Шпанија се вклучени и во некои од современите изложби.

„Изложбата „Откривања“ претставува избор од слики, графики, фотографии, таписерии и мозаик, создавани во период од 1937 година па сѐ до 2006 година, од повеќе генерации шпански уметници кои живееле и создавале во Шпанија, но и надвор од неа. Претставени се вкупно 39 дела на 26 уметници, вклучувајќи 27 дела од 19 уметници од Шпанската колекција на МСУ-Скопје (Р. Каногар, М. Милјарес, Лиза Рехштеинер, Луис Ортега, Жерар Ломен, Хозе Луис Галиција, итн), како и 6 дела од 4 уметници со шпанско потекло или родени во Шпанија (Изабел Понс, Х.Рабаскал). Исто така, како надополнување,во изложбата се претставени и 6 дела од 3 уметници инспирирани од Шпанија (Албер Сулилу од Франција; Бруно Талпо од Италија и Иво Вељанов од Македонија). Изложбата ја надополнува и изборот на документи, каталози и фотографии од архивата на МСУ-Скопје, кои го осветлуваат контекстот во кој се создавала колекцијата на МСУ и го регистрира шпанскиот придонес во неа“, велат кураторите.
Досега Шпанската колекција не е посебно претставена, и со ова се прави првиот пообемен издвоен преглед, преку изложба и издавање на публикација што ги опфаќа авторите од шпанската колекција, како и авторите со шпанско потекло. Во последниве 30 години, некои од уметничките дела се за првпат изложени пред јавноста. Особено е важно нивното претставување во денешниот момент, со цел да се истакне отвореноста и стремежот на МСУ-Скопје за унапредување на интернационална соработка.

Преку презентираните дела на значајните автори кои се дел од светското уметничко наследство, оваа изложба ја наметнува и основната интенција за истакнување на универзалните вредности и актуализирање на потребата од понатамошно надополнување на колекцијата со дела од автори отворени кон современоста преку иновативен и критички пристап во уметноста.
Изложбата ќе биде отворена до 3 ноември 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

