Култура
„Охридско лето“: Вечер што долго ќе се памети со светскиот виртуоз на уд Џозеф Тавадрос
Прекрасна вечер на „Охридско лето“ приреди големиот египетско-австралиски виртуоз на инструментот уд и композитор Џозеф Тавадрос кој донесе возбудлива програма со оригинална музика чиј автор е самиот тој.
Роден во Каиро, а израснат во Австралија, Тавадрос е една од најимпресивните и најхаризматичните фигури на австралиската музика. Со виртуозната техника и авантуристичката љубопитност беспрекорно ги обединува Блискиот Исток, класиката и џезот поради што критичарите го сметаат за вистински оригинален современ изведувач и иновативен композитор. Џозеф ги урива конвенционалните жанровски граници, покажувајќи дека удот е сестран инструмент кој има сила и чувствителност сам по себе и во ансамбли.
Неговата инструментална определба е инструментот уд, еден вид арапска лаута, претходник на лаутата и модерната гитара.
-Удот е стар инструмент, тој е предок на лаутата и се надевам дека публиката на фестивалот „Охридско лето“ уживаше во концертот. Удот го донеле во Европа во 9 век и е многу значаен инструмент бидејќи од него се развила и гитарата. Многу познат инструмент е и на Блискиот Исток, вели Тавадрос.
На „Охридско лето“, Тавадрос изведе негови композиции со што уште еднаш покажа дека е повеќестран уметник кој ја усвојува светската музичка сцена. Неговата најголема инспирација е родната земја.
-Иако сум пораснат во Австралија, најмногу ме инспирира моето културно наследство од Египет. Местото каде се родив е многу значајно за мене, а исто така и египетската култура и музика. И членовите на моето семејство се љубители на музиката и културата, па така, ја всадиле таа љубов во мене уште како мало дете, додава уметникот Џозеф Тавадрос.
Виртуоз во вистинска смисла на зборот, не само според неговите технички можности туку и со неговата разновидност и чувствителност, Тавадрос настапува во концертните сали ширум светот поместувајќи ги границите на музичката изведба, и делејќи ја сцената со бројни изведувачи во интерпретација на иновативна, оригинална музика.
Настапува како солист или во дуо со неговиот брат Џејмс на египетски перкусии, како и со неговиот џез квартет или како солист со камерни и симфониски оркестри. Досега ги има изведувано сопствените композиции со Австралискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Аделаида, Националниот оркестар на Украина, Камерата Салцбург, а неговиот Концерт за уд и симфониски оркестар кој го изведе со Симфонискиот оркестар од Сиднеј е поместен на издание на АБЦ класикс во 2019 година. Досега тој е првиот и единствен австралиски музичар чије дело е изведено од страна на Академијата за стара музика во Велка Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.