Култура
„Охридско лето“: Концерт на класична музика со шведските уметници од квартетот „Стенхамар“
Шведскиот квартет „Стенхамар“ остави силен впечаток кај публиката на фестивалот „Охридско лето“ музицирајќи вчеравечер во катедралната црква „Света Софија“.
Виолинистите Петер Олофсон и Пер Оман, виолистот Тони Бауер и виолончелистот Матс Олофсон вечерта на класична музика ја почнаа со дело од шведскиот композитор No suggestions, „Елегија и Интермецо“ од свитата „Лодолеци пее“ , а музичкото уживање кое се претвори во празник за сетилата, продолжи со Шубертовиот квартет бр. 4 во C-dur. Вечерта беше заокружена со прекрасната изведба на Равеловиот Квартет F-dur.
Фантастична црква, навистина неверојатно место за свирење. Акустиката е преголема поради камените ѕидови, но сметам дека и публиката која го исполни гледалиштето беше перфектна. Започнаваме со дело од шведскиот композитор Стенхамар, кратко но театрално дело за гудачки квартет. Потоа го свириме Шуберт, негово рано дело кое го напишал на 16 години. Гудачкиот квартет од Морис Равел исто така е многу познато дело во репертоарите на гудачките квартети. Првпат сме на „Охридско лето“ како квартет. Одлучивме да останеме уште еден ден за да го разгледаме Охрид и да уживаме во неговите убавини, а потоа заминуваме за Стокхолм, рече виолинистот Пер Оман.
Основан во 1995 година, квартетот „Стенхамар“ низ годините се профилира како еден од најинтересните и многу респектирани квартети во Скандинавија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.
Култура
Улогите по кои ќе го паметиме Роберт Дувал
Роберт Дувал, оскаровец и еден од најкарактерните актери на американскиот филм, почина на 96-годишна возраст. Веста ја потврди неговата сопруга Лусијана Педраса Дувал, наведувајќи дека починал мирно во својот дом во Вирџинија. Семејството соопшти дека нема да има јавна погребна церемонија.
Кариерата на Дувал, долга седум децении, не може да се сведе на еден наслов или еден тип улога. Иако публиката често го памети како Том Хејген, тивкиот и пресметлив адвокат на семејството Корлеоне, неговиот актерски опсег беше многу поширок.
Од раните театарски години во Њујорк, преку подемот во шеесеттите и седумдесеттите, Дувал создаваше ликови на авторитети, војници, проповедници и луѓе на работ на распад, со ист занаетчиски фокус. Оскарот за главна улога во Tender Mercies само формално потврди дека може сам да понесе филм.
Во продолжение се десет филмови по кои ќе го паметиме.
To Kill a Mockingbird (1962)
Филмската адаптација на романот на Харпер Ли е раскажана од детска перспектива, но зборува за длабок општествен судир: адвокатот Атикус Финч брани Афроамериканец обвинет за силување на бела жена на сегрегираниот американски Југ.
Улогата на Дувал е мала, но клучна. Со воздржана телесност и тивки погледи, тој создава лик кој од урбана легенда постепено станува вистинска, ранлива личност.
MAS*H (1970)
Филмот на Роберт Алтман е воена приказна што функционира како антивоен коментар, сместена во мобилна болница за време на Корејската војна.
Дувал го толкува мајорот Френк Бернс – офицер кој ја сфаќа својата позиција премногу сериозно. Наместо карикатура, Дувал го игра со целосна сериозност, а токму од контрастот со циничната околина произлегува хуморот.
The Godfather (1972)
Филмот на Френсис Форд Копола е епска студија за моќта и семејството.
Том Хејген е адвокат и стратег на семејството Корлеоне – човек кој не вика и не се заканува, но разбира системи и правила. Тој е фигура меѓу два света: правниот и криминалниот. За оваа улога доби номинација за Оскар за споредна машка улога.
Apocalypse Now (1979)
Филмот го претвора војувањето во психолошки лавиринт.
Дувал го игра потполковникот Бил Килгор – харизматичен командант кој војната ја доживува како сцена за личен стил. Неговата интерпретација покажува човек на кој насилството му станало рутина. За улогата беше номиниран за Оскар.
Tender Mercies (1983)
Тивка драма за поранешен кантри музичар кој се обидува да го обнови животот по алкохолизмот.
Дувал го игра Мек Слеџ без патетика и претерување. Со минимализам и внатрешна напнатост создава лик на човек кој се бори со минатото. За оваа улога го освои Оскарот за најдобар актер.
Days of Thunder (1990)
Приказна за млад возач кој учи дека брзината бара контрола.
Дувал е Хари Хог – искусен шеф на тим и ментор. Во филм исполнет со адреналин, неговиот лик е симбол на стабилност и практична мудрост.
The Apostle (1997)
Драма за проповедник кој по личен пад се обидува да почне одново.
Дувал го режира и го игра Џулиус Ф. „Сони“ Дјуи – харизматичен, но нестабилен човек, способен и за инспирација и за деструкција. За улогата доби номинација за Оскар.
Jack Reacher (2012)
Акционен трилер за поранешен воен истражител кој открива сложена мрежа зад наизглед едноставен случај.
Дувал се појавува како Мартин Кеш – сопственик на стрелиште со сопствен кодекс и искуство што ја продлабочува приказната.
The Judge (2014)
Судска драма што се претвора во семејна приказна.
Дувал го игра судијата Џозеф Палмер – човек кој целиот живот бил авторитет, а сега се соочува со слабоста и стареењето. Улогата му донесе уште една номинација за Оскар.
The Pale Blue Eye (2022)
Готски трилер сместен во 1830 година, во кој се истражуваат мистериозни убиства во Вест Поинт.
Дувал го толкува Жан Пепе – лик со знаење и сложена историја, чие присуство ѝ дава тежина на мистеријата. Ова беше неговата последна филмска улога.
Роберт Дувал зад себе остави редок опус: без разлика дали играше адвокат, војник, музичар или судија, секогаш внесуваше мирна сила и внатрешна прецизност што ги правеше ликовите незаборавни.

