Култура
Охридско лето со концерт за четирирачно пијано приреди прекрасна вечер
Разни композитори и разновидни музички стилови на едно пијано донесоа вчеравечер рускиот пијанист Илја Максимов и неговата партнерка Јулија Коќубан од Полска на фестивалот Охридско лето.
Програмата на руско-полското дуо-пијано ја опфати „Сонатата за четирирачно пијано“ од Моцарт, „Малата свита“ од Дебиси, а ја изведоа и композицијата „Шест пиеси“ од Рахманинов.
Максимов – Коќубан првпат се во Охрид и на фестивалот Охридско лето и, како што велат, иако прочитале за убавините со кои ќе се сретнат, сепак, по доаѓањето, виделе дека градот е уште поубав кога ќе се посети.
„Ова е нашиот прв настап на Охридско лето. Бевме многу возбудени што доаѓаме бидејќи многу читавме за Охрид. И морам да кажам дека нашите очекувања беа многу пониски отколку реалноста. Ова место е восхитувачко. Кога првпат стапнавме во црквата ‘Света Софија’, ја почувствувавме таа прекрасна енергија и атмосфера“, вели Максимов.
Иако настапуваат како дуо-пијано, рускиот пијанист Илја Максимов и неговата животна и музичка партнерка, Јулија Коќубан, зад себе имаат и самостојни музички кариери.
„Да се свири на едно пијано за четири раце е поинаку и има голема варијабилност на камерната музиката. Ние обично свириме посебно како пијано дуо и ова ни е прв концерт во странство на кој свириме со 4 раце. Но, бидејќи сме венчани и го делиме животот, и свирењето е полесно со пијано за четири раце“, открива младата пијанистка Јулија Коќубан.
И Максимов вели дека не ги запоставуваат соло кариерите, но, сепак, најубаво е кога и во светот на музиката патуваат заедно.
„Секогаш кога имаме шанса, настапуваме заедно. Двајцата имаме посебни кариери како уметници, Јулија е извонреден пијанист, јас исто така давам сè од себе. Секако, кога имаме соло концерти, даваме сè од себе изнесувајќи го тоа пред публиката, но одлично е кога сме заедно бидејќи можеме да патуваме заедно и да искусиме многу нешта“, додава Максимов.
Јулија Коќубан е една од водечките пијанистки на својата генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби-албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија – „Фредерик“.
Илја Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија. Неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика, па сè до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имаат посебно место во неговата концертна кариера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.
Култура
Изложба на академската сликарка Јана Јакимовска во Штип
Штипската публика ќе има можност да ја види најновата изложба на академската сликарка Јана Јакимовска. На 18.11.2025 година во 13 часот во Безистенот во Штип ќе се отвори нејзината самостојна изложба на цртежи и слики со наслов Везилка. На изложбата се изложени дела инспирирани од песната Везилка на Блаже Конески. По изложувањето во Скопје, ова е второ претставување на изложбата Везилка пред македонската публика.
За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише: Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената.
Имала 24 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија.
Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година.
Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

