Култура
(Видео) Очите на филмската елита вперени кон Кан – за „Златна палма“ и македонски малцински филм
Со еден филм во официјалната компетитивна програма, со четири најнови остварувања што ќе бидат прикажани на филмскиот маркет, како и со неколку значајни промотивни активности, македонската кинематографија ќе биде дел од случувањата на 71. издание на престижниот Кански филмски фестивал, чиј почеток ќе биде означен вечерва со свечениот церемонијал.
Очите на светската филмска елита во следните десет дена ќе бидат вперени во француската престолнина на филмот, а Агенцијата за филм, со скромни средства подготви достојна редизајнирана презентација со многу значајни активности, кои ќе бидат сериозна шанса за промоција на домашната кинематографијата и ќе ги отворат вратите на македонските филмаџии за пробив на европскиот и светски пазар.
По деветти пат Македонија ќе учествува на филмскиот маркет во Кан со свој промотивен штанд во рамките на павилјонот на земјите од Југоисточна Европа – SEE Pavilion no. 135 (заедно со уште седум земји од регионот, и тоа Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Кипар).
Како што веќе информираше Агенцијата за филм, во официјална фестивалска конкуренција ќе се прикаже филмот „Дивата круша“ во режија на Нури Билге Џејлан (копродукција меѓу Турција, Македонија, Франција, Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска). Фестивалската проекција е закажана за 18 мај во 18 часот во салата Grand Thatre Lumiere, а проекциите кои се организирани за новинарите ќе се одржат во салата Debussy во 18:30 (press) и во салата Bazin со почеток во 18.45.
На филмскиот маркет ќе се прикажат два најнови филма, и тоа „Хепинес ефект“ во режија на Борјан Зафировски (проекција на 14 мај со почеток во 9:30 часот во PALAIS B) и „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски ( проекција на 14 мај со почеток во 12 часот во PALAIS C). Освен долгометражните, на маркетот за краткометражни филмови SHORT FILM CORNER ќе учествуваат краткомeтражните филмови „Една“ во режија на Вук Митевски и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.
„Филмот е најсилниот културен медиум и затоа сметаме дека неговата видливост на најзначајните филмски смотри во светот треба да биде максимално искористена за достојна презентација. Во изминатиов период активно работевме да подготвиме модерна и атрактивна промоција на македонскиот филм во Кан. Селекцијата на филм со македонско малцинско учество во главната конкуренција, е голем успех, но и другите проекции на филмскиот маркет не се помалку значајни. Иднината на малите кинематографии е во копродукциските проекти, а меѓу силната конкуренција во светот можеме да парираме само со добро организирана промоција за која годинава особено се потрудивме и внесовме многу новини“, соопшти Агенцијата за филм.
Веќе утре, на 9 мај, во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“ Агенцијата за филм закупи простор за објава со која ќе се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови. За унапредување и подобрување на активностите за промоција на Македонија како дестинација за снимање, Агенцијата за филм подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно беа изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање. Оваа страница е отворена непосредно пред почетокот на фестивалот.
Освен рекламата и промоцијата на новиот веб-сајт www.filmingmacedonia.com и локациите во Македонија, Агенцијата за филм закупи простор во „Холивуд рипортер“ на 11 мај за честитка на целата екипа на „Дивата круша“ за успехот што го оствари и е дел од официјалната конкуренција на фестивалот.
За време на фестивалот е предвидено Агенцијата за филм на Македонија да потпише и договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција со Косовскиот филмски центар, а додека врз основа на претходни договори со Бугарскиот филмски центар исто така подготвен е текст за потпишување договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција. Договорот од страна на двете институции ќе биде конечно дефиниран, а АФРМ во изминатиов период преку Министерството за надворешни работи почна постапка за верификација. Изготвен е и краток трејлер за сите филмови кои се не фестивалот а се поддржани од АФРМ.
Агенцијата за филм обезбеди состаноци на потенцијални копродуценти на проектите веќе одобрени од страна на АФРМ, како и да овозможи присуство на неколку продуценти од Македонија кои имаат активни филмски проекти на копродукцискиот настан Roma Lazio Film Commision, каде што ќе имаат шанса да остварат средби со други продуценти учесници на настанот со цел остварување соработка. Како промотивен материјал за маркетот подготвени се каталози со податоци за македонски филмови кои се во развој, оние кои се веќе завршени, но и за оние кои се во одредена фаза на реализација и придружен промотивен материјал кој ќе биде дел од промотивниот штанд на маркетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.