Култура
Пендаровски приреди прием во чест на Јордан Плевнеш, добитник на Големата награда „Ерве Делиен“
Денеска во кабинетот на претседателот беше организиран прием во чест на македонскиот писател и поранешен амбасадор во Франција Јордан Плевнеш, добитник на Големата наградата „Ерве Делиен“ за 2021 година.
Пендаровски, како домаќин на приемот, во своето обраќање го потенцираше значењето на оваа Голема награда во рацете на македонски писател, која Француската академија му ја додели на Плевнеш за афирмација на неговиот творечки опус во Франција и франкофонскиот простор.
„Во годината во која Франција одбележува 400 години од раѓањето на великиот Молиер, овде меѓу нас е човек кој со своето дело и дух постојано и секаде го воспева и ‘јазикот на Молиер’, ја одржува жива франкофонијата на овие простори и ја промовира нераскинливата врска меѓу Балканот и Европа. Поводот за оваа наша средба е најдобрата рефлексија на она што сакаме да го негуваме, секогаш и секаде меѓу нас, а што Плевнеш постојано го нагласува: хуманоста, како основна вредност врз која културните и сите други разлики ќе бидат препознаени како богатство за кое вреди да се твори и живее. Ѝ благодарам на Француската академија што ја препозна универзалната порака во делото на нашиот Јордан Плевнеш“, изјави Пендаровски.
На свечениот прием се обратија и амбасадорот на Француската Република, Сирил Бомгартнер, како и лауреатот на наградата, Јордан Плевнеш.
Амбасадорот Бомгартнер изјави: „Посебно сум среќен што сум овде со вас денес, на оваа свеченост, бидејќи сакаме да Ви оддадеме почит, драг господине Плевнеш, за вашите достигнувања и заслуги. Вие сте добитник на Големата награда на Франкофонијата ‘Ерве Делиен’ што ја доделува Француската академија. Се радуваме за оваа голема чест преку пријателството кое го негуваме, а наградата е уште позаслужена бидејќи вие сте несомнено најеминентниот франкофонски писател од Северна Македонија. Вашата работа и вашите дела се во служба на франкофонијата во земјата, која и ние самите, со поддршка на Францускиот институт, ја спроведуваме за зачувување, зајакнување и унапредување на изучувањето на францускиот јазик.“
Лауреатот Јордан Плевнеш, кој ја прими престижната награда на церемонијата под „Куполата на бесмртните” во Француската академија минатата година, на денешниот прием изрази благодарност до претседателот Пендаровски за писмото кое го упати за време на церемонијата на доделување на наградата во Париз и изјави:
„Ви благодарам од сè срце претседателе што во истиот миг на доделувањето на мојата награда, упативте писмо чии зборови одекнаа меѓу бројните гости во Париз. Македонската франкофонска интелигенција повеќе од 130 години на европската сцена ја афирмираше идејата за македонскиот народ како дел од европската заедница на народите, можеби инспириран од повикот на Виктор Иго за Соединетите Држави на Европа.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

